Посетителите на Скопската зоолошка градина добија апликација со која за прв пат ќе купуваат билети онлајн, дигитално ќе се ориентираат, а најмалите ќе се едуцираат за разновидниот животински свет. Skopje ZOO апликацијата е креирана од Македонски Телеком, во рамки на партнерството со Зоолошка градина Скопје.
Разговаравме со Елена Баламовска, вработена во Македонски Телеком, чијашто беше идејата за ваква апликација која на посетителите за прв пат им овозможува дигитално искуство во Зоолошката градина во Скопје. Елена вели, дигиталната одговорност е дел од ДНК-та на компанијата.
Разговараше – Сања Наумовска
Објаснете ни нешто повеќе за Skopje ZOO апликацијата, од кога е во функција, за кого е наменета, како ќе функционира?
Елена Баламовска: Skopje ZOO апликацијата е наменета за сите посетители на Зоолошката градина во Скопје. Едноставна е за користење, развиена е во три јазични верзии и не бара креирање кориснички профил. Посетителите можат да ја преземат апликацијата од Play Store или App Store и сè што е потребно е да имаат активна интернет конекција за да доживеат ново дигитално искуство на разновидниот животински свет во Зоолошката градина, што досега не било случај.
Покрај тоа што за прв пат можат да се купуваат билети онлајн, што во време на пандемија е повеќе од посакувана опција, Skopje ZOO содржи и дигитална мапа за навигација и податоци за живеалиштата од едукативен карактер. Кажете ни нешто повеќе за овие функционалности…
Елена Баламовска: Да, за прв пат ќе можат да се купуваат билети онлајн што е од исклучителна важност во време кога одржувањето социјална дистанца е правило. Можат да се купуваат единечни или групни билети безбедно од дома преку мобилната апликација или преку веб-апликацијата наменета само за оваа функционалност.
Посетителите ќе имаат можност на лесен начин подобро да се запознаат со животните во Зоолошката градина во Скопје. Со вчитување на QR кодот, поставен на инфо-таблите пред секое живеалиште, секој ќе може да пребарува текстуални и аудио содржини и да се едуцира за животните. Освен овие едукативни содржини кои ќе бидат најинтересни за децата, апликацијата нуди и дигиталната мапа за полесно ориентирање и движење низ Зоолошката градина.
Кој е бенефитот за посетителите, а и за самата Зоолошка градина од ваква апликација?
Елена Баламовска: Со користењето на оваа апликација ќе се избегнат редовите за чекање за билети, со што полесно ќе се одржува социјална дистанца, а и ќе се заштеди време, кое наместо во редови, посетителите ќе го поминат во Зоолошката со своите најмили. Најмалите можат да се едуцираат и да дознаат повеќе за омилените животни не само во ЗОО, туку каде и да се. Интересни се аудио содржините кои се најпогодни за децата од претшколска возраст кои сè уште не знаат да читаат.
А со дигиталната мапа целото семејство ќе може полесно да се ориентира и да ја најде оптимална рута за посета на омиленото животно.
Која беше мотивацијата на Македонски Телеком да изработи ваква апликација, од каде потекна идејата и како се реализираше? Колку време и енергија одзема создавањето едно вакво решение?
Елена Баламовска: Македонски Телеком се води од идејата да ја стави технологијата во функција на општеството и ги поттикнува вработените да размислуваат и делуваат активно за остварување проекти кои би придонеле кон поедноставно и попаметно дигитално живеење. Ова е во нашата ДНК и ние вработените сме водени од тоа. Без разлика на проектите кои ги работиме, дигиталната одговорност е составен дел од нашето секојдневно работење.
Идејата да го предложам ова решение потекна од една моја посета на Зоолошката градина.
По подолго време, имав прилика да се прошетам низ Зоолошката градина и бев восхитена од зголемувањето на бројот на животни, подобрувањето на условите за живот на животните, платформите за одмор и релаксација, организирањето настани,.. но во исто време бев и изненадена колку малку е инвестирано во дигитализација на Зоолошката градина.
Додека траеше прошетката сакав да го најдам живеалиштето на рептилите, но и покрај тоа што свртев неколку крукчиња, се чинеше дека секогаш го заобиколувам. Тогаш ја сфатив потребата од дигитална мапа за посетителите да можат полесно да се ориентираат и да ги најдат бараните животни.
Исто така, бев изненадена дека сѐ уште како опција постои само стариот начин на продажба на билети и на тој начин се создаваат огромни редици пред билетарницата, особено во деновите кога повеќето посетители сакаат да го искористат убавото време за дружење со животните, а неретко освен посетители од Скопје и од земјава, доаѓаат и посетители од странство.
Создавањето едно вакво решение би сакала да го мерам во единица мерка задоволство, наспроти потрошено време и енергија.
Неизмерно е задоволството кога по неколку месеци посветена работа на апликацијата заедно со колегите и менаџментот на Македонски Телеком, како и надворешни компании за развој на софтвер, успеавме да лансираме апликација која се надевам дека ќе биде масовно користена.
Зоолошката градина е омилено место на најмладите, кои од друга страна се и чести корисници на различни технологии. Како ваков тип решенија ќе ги насочат технологијата да ја користат за едукација, информирање и надградување и да ги искусат нејзините позитивни страни?
Елена Баламовска: Помладата популација последниве години сè повеќе ги користи паметните телефони, таблети и компјутери во секојдневието, како за забава, така и за учење. Ваквиот тип решенија нуди забавен начин на учење, односно консумирање содржини и информации и се надевам дека тоа води во позитивна насока на искористување на технологијата за добро.
Дали во иднина можеме да очекуваме нови функционални надградувања на Skopje ZOO апликацијата?
Елена Баламовска: Секако дека не застануваме овде, во иднина планираме развој на нови функционалности на апликацијата кои би придонеле кон уште повеќе забава, едукација и информирање на посетителите на Зоолошката градина во Скопје.
Но, да го оставиме тоа за некоја следна прилика…