Дете кое во Македонија започнува со училиште на четиригодишна возраст се очекува да заврши 11 години предучилишно, основно и средно образование додека да наполни 18 години. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се приспособат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на само 7,3 години, што значи дека има јаз во учењето од 3,7 години, пишува во извештајот на Светска банка.
Индексот на човечки капитал на Светска банка во земјава во периодот 2010 – 2020 година се зголемил од 0,54 на 0,56, но сепак е понизок од просекот во регионот на Европа и Централна Азија и земјите со висок среден приход.
Според Индексот на човечки капитал кој ги мери резултатите од човечкиот капитал низ целиот свет пред пандемијата, дете родено денес во Северна Македонија ќе достигне 56 проценти од својот потенцијален човечки капитал кога ќе порасне, во споредба со она што би можело да го достигне доколку има квалитетно образование и здравствена заштита.
Во Извештајот се наведува дека Македонија од 2010 година направила значителни напори во подобрување на резултатите во образованието и здравството, но сѐ уште постојат предизвици.
„За подобрување на човечкиот капитал, земјата треба да инвестира повеќе во квалитет и рамномерен пристап во образованието“, вели Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка во земјава.
Тој уште додава дека многу е важно и зајакнување на системот за превенција од хронични незаразни болести, преку подобрување на скринингот, управувањето и контролата.
Изветајот наведува дека земјите од регионот имаат релативно повисоки приходи, така што се во можност да инвестираат повеќе во основно образование и здравствени услуги, споредено со посиромашните земји.
„Владите во Европа и Централна Азија дадоа приоритет на инвестициите во здравството и образованието, кои се главни двигатели на растот и развојот. Сепак, за предизвиците предизвикани од ковид-19 потребен е посилен одговор на политиките, што вклучува поголемо користење на технологијата со цел подобрување на услугите и подобрени програми за социјална заштита, со цел постигнување подобар квалитет на образованието и здравствените услуги за граѓаните“, порачува Ана Бјерде, потпретседателка на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија.
Извештајот вклучува и десетгодишна анализа за развојот на човечкиот капитал од 2010 до 2020 година во 103 земји. Албанија, Азербејџан и Русија се меѓу 10-те земји кои бележат прогрес во здравството и образованието.
Во последните 10 години, смртноста на децата значително е намалена во Азербејџан, Казахстан и Турција, а забележано е значително намалување на стапките на забавување во развојот кај децата во Албанија, Азербејџан, Северна Македонија и Турција. Стапката на смртност кај возрасните е намалена особено во Казахстан, Русија и Украина, но се уште останува висока во повеќето земји.
Во делот на образованието извештајот покажува дека во просек, квалитетот на образованието не се подобри во целиот регион во изминатата деценија.
Од Светска банка во извештајот наведуваат дека сепак, пандемијата предизвикана од ковид-19 се заканува на досегашните придобивки, додека владите се трудат да ги одржат здравствените и образовните услуги соочени со ограничувањата за заштита на јавното здравје, вклучително и затворање на училиштата.