Во цела Европа, во рамки на Европската недела на мобилност (ЕНМ), се одбележува Денот без автомобили, 22 септември.
Годинава, поради неповолната епидемиолошка ситуација предизвикана од Kовид-19, активностите се организирани претежно преку онлајн кампањи, но во некои македонски градови се организираат активности и со физичко присуство, но со почитување на здравствените протоколи.
Во одбележувањето на Европската недела на мобилност активно се вклучија Скопје, Битола, Прилеп, Велес, Берово, Кочани, Пробиштип, Куманово, Гостивар…
Во рамки на кампањата се организираа велосипедски дефилеа, промовирање на пешачки зони, нови велосипедски патеки, еколошки програми и проекти, мобилни апликации и слично.
Активностите и настаните се во духот на овогодинешната тема на ЕНМ, „Мобилност за сите без емисии“, со која се потенцира значењето на пристапноста до превоз без емисии на штетни гасови и се промовира важноста на изборот на секој поединец, граѓански организации или компании, дека со личниот избор на начинот на транспорт секој може да придонесе за почист воздух во градовите, помал сообраќаен метеж и поздрав, поразновиден, а воедно и позабавен начин на превоз.
Во оваа насока, Министерството за животна средина, со помош од Делегацијата на ЕУ и ЕУ Инфо Центарот изработи кампањски материјали и интерактивни алатки кои ги употребуваат и останатите држави вклучени во одбележувањето на Европската недела на мобилност.
Материјалите се достапни на следните линкови: ТЕМАТСКИ НАСОКИ и 10 лекции ЗА ПОДОБРА УРБАНА МОБИЛНОСТ научени од пандемијата.
Оваа година во Европската недела на мобилност со свои активности учествуваа 2.900 града од 51 држава од Европа и светот.
(Denar.mk)
(фото: Pxhere)