Интервју со Виктор Стојкоски, генерален секретар на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, која неодамна ја лансираше платформата ecommerce4all.mk како дел од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Разговаравме за примената на оваа платформа, придобивките за нејзините корисници и други аспекти на е-трговијата во нашата земја.
Разговараше – Верица Јорданова
Иницијативата ECOMMERCE4ALL е составена од три делови, кои сите засебно имаат посебен придонес кон развојот на е-трговијата и директна помош кон ММСП за раст и развој. Првиот дел од проектот е токму бесплатната и едукативна веб платформа Ecommerce4all.mk, која има за цел на детален, лесно разбирлив и интерактивен начин да ги запознае сите потенцијални, но и постоечките е-трговци, со потребните информации за започнување и водење на е-продавница од клучните аспекти во синџирот на е-трговијата: регулатива, испорака и плаќање.
Прв лансиран модул во склоп на оваа платформа е делот за регулатива, каде преку прирачници се објаснети најважните сегменти од законите кои ја опфаќаат е-трговијата, а притоа задолжително секој еден е-трговец треба да ги знае и поседува на својата е-продавница. Ги прикажавме и правата на потрошувачите, со цел да ги запознаеме со регулатива и да ги увериме дека доколку добро ги познаваат нивните права, нема да имаат проблем со недоверба во е-трговијата.
Вториот лансиран модул е т.н. „Е-плаќање“ и истиот наиде на огромен интерес кај компаниите, бидејќи вториот модул, во време каде сѐ повеќе бизниси се префрлаат кон онлајн трговија, детално го претставува процесот на имплементација на виртуелен платежен процесор, понудата, можностите и условите кои ги нудат петте банки за имплементација на е-плаќање. Дополнително во овој модул е прикажан и процесот на успешно извршување на една е-трансакција сѐ со цел да ги едуцираме граѓаните дека процесирањето на една трансакција на интернет е навистина безбедна и многу тешко може да дојде до злоупотреба на податоци, земајќи ги предвид сите безбедносни проверки кои се прават од страна на банките и картичните организации.
Преку третиот модул, кој треба да биде лансиран за неколку денови, на едно место ќе ги прикажеме сите курирски компании од државава, каде транспарентно ќе бидат прикажани цените за испорака на пратки што ги нудат, што ќе доведе до зголемена конкурентност и транспарентност за локалните компании за е-трговија и крајните клиенти.
Покрај ова, оваа платформа директно ќе промовира успешни приказни од областа на е-трговијата, ќе помогне во справување со сивата економија во е-трговијата и транспарентно ќе ги прикаже сите сертифицирани е-трговци кои ги исполнуваат сите услови според регулативата во нашата држава.
Имавте отворен повик за советодавна и финансиска поддршка за нови е-продавници? Може ли да ни кажете нешто повеќе околу тоа. Каков беше интересот на компаниите за аплицирање на јавниот повик?
Повикот за отворање на нови продавници и за наша финансиска и советодавна поддршка на 40 компании, се однесуваше токму на зголемување на атрактивноста и понудата во е-трговијата, бидејќи со зголемување на понудата, директно влијаеме и на зголемувањето на вредноста на е-трговијата. Јавниот повик што беше отворен пред почеток на летово успешно заврши и од пријавени нешто повеќе од 260 апликанти, се одбраа 40-те најдобри апликанти кои се поддржаа да се дигитализираат и развијат нов електронски канал за продажба. Посебно не радува фактот дека во време кога им беше најпотребна брза адаптација на бизнисите и пренасочување кон е-трговијата поради целосен карантин и полициски час, ние преку Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, успеавме да им помогнеме на 40 компании да станат нови е-трговци. Дел од нив веќе започнаа да функционираат и успешно се справуваат на домашниот онлајн пазар, а останатиот, помал дел, моментално се во фаза на изработка на е-продавниците. Очекуваме до крајот на месецов да ја направат својата прва онлајн продажба. Ние сме посебно горди што преку овој повик македонските е-купувачи набрзо ќе имаат можност да купуваат онлајн и мебел од македонски производители, производи за дома, храна за животни, здрава и органска храна, облека од македонски конфекции, орнаменти, македонско производство на паметни штекери за своите домови, уметнички дела од македонски автори, мед, цвеќиња и многу други работи.
Какво е влијанието на КОВИД-19 пандемијата врз е-трговијата во земјата во изминатиов период? Што е тоа што посебно ве радува и дали е-трговијата оди во нагорна линија за време на ваква пандемија?
Oбемот на електронската трговија значително се зголемува како резултат на глобалната пандемија и во двата клучни аспекти за раст и развој на е-трговијата. Се зголемува и потрошувачката, но соодветно со тоа забрзано се зголемува и понудата бидејќи сѐ повеќе бизниси се насочуваат кон онлајн продажба. Последните наши анализирани податоци, каде што како извор се користени податоците достапни од НБРСМ и се однесуваат на првото полугодие од 2020 година, покажуваат дека во првата половина од 2020 година реализирани се вкупно 4.300.584 онлајн трансакции преку кои се потрошени 104,5 милиони евра онлајн. Ако споредиме со истиот период од 2019 година, ќе забележиме пораст од 36% во однос на бројот на трансакции и 24,3% во однос на вредноста на трансакциите.
Тоа што е особено важно да се потенцира во ваквиот раст во е-трговијата и што нас како Асоцијација за е-трговија многу не радува е дека COVID-19 придонесе и што повеќе македонските граѓани да купуваат од македонските, домашните е-трговци. Па така, 70,6% од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во С. Македонија се реализирале во земјава, додека само 29,4% од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во странство.
Бројот на онлајн трансакции реализирани од страна на физички лица во првото полугодие годинава, во корист на македонски е-продавници бележи пораст од 122,6% во однос на истиот период претходната година. Покрај бројот, бележиме огромен пораст од 113,5% и во вредноста на онлајн трансакции реализирани со домашни платежни картички кон домашни, македонски е-продавници, имајќи предвид дека во текот на првото полугодие во 2020 година се потрошиле 69,4 милиони евра од македонски купувачи кон македонски компании кои продаваат онлајн, за разлика од 32,5 милиони евра во текот на истиот период минатата година.
Во првото полугодие од 2020 година се отвориле 203 нови е-продавници. За споредба, во цела 2019 година беа отворени 149 нови е-продавници. Па така, заклучно соо 30.06.2020 година во нашата држава се бележат 1223 регистрирани е-продавници. Важно е да се напомене дека овие бројки за ново-отворени податоци се однесуваат само на правни субјекти кои директно се регистрирани кај една од петте банки кои нудат е-трговија и се однесува на имплементиран платежен процесор на нивните е-продавници. Во последниот период кај нас се повеќе станаа активни и локалните маркетплејс платформи, каде голем дел од бизнисите отвораат е-продавници и во склоп на тие платформи, па така може да се заклучи дека бројот на ново-отворени е-продавници во 2020 година е уште поголем.
Што ново може да очекуваме од Асоцијацијата за е-трговија во следниов период?
Најново е што активно ја работиме подготовката на третата најголема онлајн конференција за е-трговија. Оваа година темата на конференцијата ја насочивме токму кон тоа како предизвиците кои се иницирани од КОВИД-19 кризата, со помош на е-трговија да ги претвориш во можности, да освоиш светски пазари и да продолжиш да растеш со забрзано темпо следејќи трендови и имплементирајќи иновации. Веруваме дека во време каде сѐ повеќе бизниси се префрлија или имаат во план да се префрлат кон онлајн продажба, на конференцијата ќе може да ги добијат информациите кои им се најпотребни за правилно водење на нивниот бизнис нагоре, па дури и во време на најголемата светска пандемија. Е-трговците е потребно да го искористат максимумот од овој период и да ги искористат во целост можностите што може да ги понуди е-трговијата. Не само да бидат во чекор со неочекуваната флуктуација и побарувачка, туку и да обрнуваат најголемо внимание на клиентите. Да користат фер цени и да нудат попусти, да градат врски нудејќи персонализација и да се насочат кон придобивање на што повеќе клиенти.
Компаниите кои сѐ уште не отпочнале со е-трговија, потребно е да започнат да размислуваат глобално и да ја отворат можноста за нов продажен канал во нивниот бизнис. Да потсетам дека е-трговијата е во огромен пораст, купувачите стекнуваат нови навики за купување, а тие навики нема да завршат после пандемијата. Во период кога носењето навремени и точни одлуки е клучна алка во развојот на бизнисот, верувам дека сѐ повеќе компании ќе ја согледаат можноста на е-трговијата и ќе ја “зграпчат“ шансата за раст, наместо пад на нивните бизниси. Да запомниме дека секој проблем е подарок – бидејќи без проблемите ние не би растеле и не би се подобрувале.