„Тиквеш“ се вклучи во реализацијата на транснационален проект за поттикнување на локалниот економски развој

- Advertisement -

Преку партнерство со уште осум организации од четири европски земји, винарската визба „Тиквеш“ се вклучи во транснационалниот проект „Откривање на руралното наследство: автохтоно производство на ферментирани пијалаци за локална и еколошка одржливост“, што ќе се реализира во следните три години, а е финансиран од Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, преку ЕЕА и Норвешкиот фонд за грантови за регионална соработка.

Целта на проектот е да го поттикне развојот на руралните области преку подобрување на заедничкиот истражувачки капацитет и размена на знаење применето во производство на „тероар“ вино и сајдер во избрани области, како што се: долината Випава во Словенија, Славонија во Хрватска, Тиквеш во Македонија и Хардангер во Норвешка. За остварување на оваа цел на проектот ќе бидат вложени над 1,5 милиони евра.

- Advertisement -

Конкретно, овој проект се темели на концептот за развој на висококвалитетни земјоделски производи со силен регионален идентитет, како што се виното и сајдерот, со што треба да се придонесе за одржлив локален економски развој, зачувување на традициите, промоција на  локалните региони во светски рамки и развој на локалните туристички потенцијали, како и спречување на иселувањето од руралните средини. Ваквиот концепт за развој успешно се применува во развиените земји од Западна Европа, а е резултат на соработката помеѓу науката, бизнисот и локалните институции.

Во конзорциумот што ќе го реализира проектот се вклучени четири врвни истражувачки и академски институции од Норвешка, Хрватска и Словенија, предводени од Универзитетот во Нова Горица, Словенија. Како претставници на бизнисот, покрај ВВ „Тиквеш“, во проектот е вклучена и Асоцијацијата за сајдер од Хардангер, Норвешка, а локалните власти се претставени преку општината Ајдовчина од Словенија, градскиот совет на Хардангер од Норвешка и локалната агенција за развој на Пожега од Хрватска.

Сподели!
- Advertisement -