Интервју со Теодора Обрадовиќ Грнчаровска, државен советник за климатски промени во Министеството за животна средина и просторно планирање и одговорно контакт лице за комуникација со Рамковната Конвенција на ООН за климатски промени, во рамки на серијалот “Од ТМФ до успешна кариера“ кој го реализираме во соработка со Технолошко-металуршки факултет во Скопје.
Да се работи во сегментот на заштита на животна средина и климатски промени е доста предизвикувачка работа. Кој беше лично Вашиот мотив?
Работатата на полето на ублажување на климатските промени претставуваат континуиран предизвик, од ратификацијата на Рамковната Конвенција на ООН за климатските промени, Протоколот од Кјото, Договорот од Париз. Сите овие глобални договори бараа интегриран и координиран национален одговор, Предизвикот беше огромен, но истовремено и инспиративен. Тоа беше одлична можност да се стави инженерството во функција на обезбедување баланс помеѓу економскиот раст, развојот и заштитата на животната средина.
Завршувањето на додипломските и постдипломските студии на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, кореспондираше со времето на почетоците на екипирањето на тогашниот Сектор за животна средина при тогашното Министерство за урбанизам, транспорт и заштита на животната средина, а потоа и самостојно Министерство за животна средина. Искрено, на почеток не ми беше најјасно кој би бил придонесот на инженер во администрација, но, како и за се друго во животот, потребни се две страни нештата да функционираат. Од едната беше предизвикот и дадената можност да се спознаат глобалните и европските процеси и непосредно да се учествува во истите, а од другата беше потребата и подготвеноста за континуирано вложување и надгрaдба на сопствените знаења како да се предлагаат оптимални политики.
Во таа насока беше изработена и докторска дисертација (одбранета на машинскиот факултет во Скопје), која постави математички модел за најдобар ефект на политиките на среден и долг рок. Токму моделот докажа дека одржливата имплементација на новите политики бара знаења и свест за истата од што поголем број засегнати страни, кое претставува можност за идните академски граѓани да ги стават своите формално стекнатите знаења во функција на разбирање, учество во креирање и спроведување на политиките за здрава животна средина и намалени климатски промени, во услови на се позасилен граѓански активизам, и општествен интерес за остварување на правото за здрава животна средина и намалени климатски промени.
ЗОШТО ТМФ?
За новите глобални политики, беше неопходно да се најдат најсоодветните опции што ќе бидат препознаени и прифатени од различните засегнати страни, а образованието стекнато на Технолошко-металуршкиот факултет (пренесено од врвни умови -креатори на технолошкиот развој на државата) беше од огромно значење од неколку аспекти: Прво, од аспект на препознавање на значењето на проблематиката, второ-стручна комуникација на истата со различни засегнати страни, (со цел добивање консензус околу придобивките од приклучување на државата кон глобална акција како реакција на глобален предизвик) и конечно координирање на интегриран национален одговор.
Токму инженерската логика и знаењата за управување и водење на технолошки процеси помогна и се уште помага во согледување на „големата слика“ препознавање на сите потребни влезни информации за целината да функционира (константи и варијабли) како и препознавање и адресирање на несигурностите, претпоставките и заканите и минимизирање на очекуваните негативни последици, поставување на следственост на активностите и нивна приоретизација, стратешко размислување и превентивно дејствување.
Во поширок контекст на работата на министерството, рационалното и одржливо користење на ресурсите и енергијата е едно од начелата вградено и во Законот за животна средина, со кое се раководат многу колеги инженери технолози и металурзи кои работат во креирањето и спроведувањето на секторските политики за заштита и унапредување на животната средина (води, воздух, отпад, индустриско загадување, хемикалии), како и при хоризонталното управување.
ИДНИ МОЖНОСТИ:
Исполнувањето на обврските кон Рамковната Конвенција на ООН и Договорот од Париз може да се смета за предизвик за воведување на трансформативни промени и можност за воведување нови пристапи во планирањето, развојот и спроведувањето на политиките. Градењето на т.н климатски отпорно општество со обезбедување на понизок јаглероден раст и развој, треба да базира на синергетски пристап и минимизирање на негативните последици меѓу генералните политики за развој и климатските политики. Правилното адресирање на климатските промени бараат еколошки иновативни пристапи и технологии. Еко-иновациите се клучни за економскиот раст, конкурентноста и вработувањето, што претставува можност и за идните кадри од Технолошко-металуршкиот факултет. Клучот за создавање на нови работни места, економски раст и благосостојба на населението во Европа е во ефикасни еколошки иновации кои бараат високи стандарди за заштита на животната средина, во комбинација со широк спектар на други економски инструменти. Во национален контекст, ова значи вклучување на климатските аспекти и во индустриската и иновативните политики и вкрстено поврзување со целите на одржливиот развој (SDG) кои се однесуваат на индустријата, иновативноста и инфраструктурата (SDG 9) и целта за одржлива потрошувачка и производство (SDG12).
ПОТРЕБА ОД АДАПТЦИЈА НА ОБРАЗОВАНИЕ И ИСТРАЖУВАЊЕ
Ваквиот интегриран пристап бара адаптации во системите на образование, истражување и развој, што е препознаено од наставниот кадар на ТМФ и е во процес на адаптирање во наставните програми. Анализата на подцелите на целта 13 за климатските промени, може да идентификува празнини во политиките чие спроведување истовремено би водело и до остварување на целта 4 за квалитетно образование. Во националниот контекст, се покажа дека интеграцијата на аспектите поврзани со климата во политиките за образование и политиките за истражување и развој е јаз, но, во некое време, тоа е можност земјата да генерира основа за “мудро” креирање политики со цел понизок јаглероден раст и развој и градење општество поотпорно на идните климатски влијанија, каде што партнерството меѓу наука-политики-бизнис заедница-јавност е клучен предуслов.