Македонската компанија Elevate Global ги решава најголемите светски проблеми во енергетиката и телекомуникациите!

- Advertisement -

Elevate Global e првата старт-ап компанија во Македонија која доби поддршка од бизнис акцелераторот УКИМ-БАУ за развој на решенија засновани на предиктивно моделирање и вештачка интелигенција во специфични индустрии. Инвестицијата во старт-ап компанијата, која изнесува 100.000 евра, ќе се спроведе во две фази. Првата иницијална инвестиција е во износ од 25.000 евра и последователната инвестиција е 75.000 евра. Исто така, БАУ ќе обезбеди и континуирана дополнителна поддршка во менторство за освојување нови пазари, со што целата инвестиција ќе и помогне на компанијата во тековното работење, маркетинг и развојот на бизнисот.

Според Ѓорѓи Маџаров, еден од коосновачите на Elevate Global, за тимот на оваа млада компанија, која започнува активно да работи од средина на 2018 година, ова е голем чекор напред и отворање на патот за следни инвестиции. Тој прецизира дека Elevate Global ја доби оваа поддршка за своето решение за анализа и моделирање на временски серии кои доаѓаат од секторот на производство и користење на електрична енергија и за обработка на брзи стримови на податоци. Се работи за софтверското решение за анализа на големи податоци ASAP, во чиј склоп спаѓаат и двата активни производи кои Elevate Global ги нуди на пазарот. Едниот производ BAT е готов и е подготвен за продажба, а во моментов се работи на развој на вториот производ – INIT.

- Advertisement -

INIT решението е насочено конкретно на обработка, анализа и менаџирање на инфраструктура во телекомуникациски компании. Во тој процес протоколските пораки кои се разменуваат се филтрираат, мониторираат и анализираат во реално време со цел да се даде предвидување за квалитетот на инфраструктурата со која се располага и да се обезбеди оптимизација на користењето на ресурсите. BAT решението, од друга страна, има за цел да обезбеди предвидување и оптимизација на потрошувачката на енергија, како и предвидување и оптимизација на ресурсите за производство на енергија од соларни централи и ветерници. Решението ни овозможува однапред да знаеме колку енергија ќе биде потребна, за истата да ја произведеме или купиме на отворен пазар и како неискористеноста на енергијата да ја сведеме на минимум“, објаснува Маџаров.

Во услови кога се соочуваме со огромно загадување на земјата и генерално на планетата, целта на овој тип решенија е и намалување на јаглеродниот отпечаток кој го оставаме. Со оглед на тоа дека е важна заштедата на секој процент енергија, предноста на решението на Елевејт Глобал е што овозможува да се намалат трошоците на компаниите и се продолжува долговечноста на планетата. Маџаров вели дека ова решение на старт-ап компанијата беше препознаено и од МАСИТ како едно од најиновативните решенија и со кое биле поканети да аплициралат на глобален настан во Малезија на кој учествувале повеќе од 80 држави и каде го добиле признанието digital innovation.

- Advertisement -

Elevate Global е млада компанија, која постои од 2017 година, а соосновачи се Горан Стојановски,  поранешен професор на Факултетот за електротехника и Информациски Технологии и Ѓорѓи Маџаров, кој е професор на ФИНКИ. Решенијата на Elevate Global во областа на наука за податоци, вештачка интелигенција и машинско учење им помагаат на компаниите да ја унапредат својата работа и да ги оптимизираат своите ресурси – така што самото користење на решенијата кои ги нудат, се исплаќа од финансиските резултати од реализираните бенефити. Маџаров вели дека нивниот подем почнува пред две години, кога една нивна идеја беше презентирана на локалниот настан BETAPITCH Skopje.

„Оваа идеја беше препознаена од стручното жири и како најдобра се најде на глобалниот настан BETAPITCH Global. Тоа беше прва јавна презентација, прв јавен настап, прво искуство и прва меѓународна награда. Потоа се нижеа и другите награди и признанија. Победници на GIST настанот, позицинирање меѓу најдобрите 30 стартап компании на TechTour за Југоисточна Европа се до Merit Winner-Digital Innovation Award од World Information Technology and Services Alliance (WITSA) во конкуренција на иновативни решенија од преку 80 земји од целиот свет. Времето одминуваше, тимот вредно работеше и идејата добиваше свој лик и имплементација. Денес имаме решение подготвено за пласирање на светскиот пазар. Улогата на старт-ап екосистемот, акцелераторите и фондовите за развој во оваа фаза е клучна и неговата поддршка во процесот на бизнис развојот неминовен за да се постигне посакуваниот успех“, вели Маџаров.

- Advertisement -

Поддршката од Бизнис акцелераторот УКИМ-БАУ вклучува инвестиции во рана фаза и прилагодени програми за поддршка на бизнисот, вклучувајќи менторство и пристап до меѓународни пазари, фондови, мрежи и заедници. На располагање се целокупното искуство и ресурси на нашите основачи: УКИМ-ИНОФЕИТ, Развојната фондација Кримсон, Друштвото за ревизија РСМ и фондацијата проф. д-р Димитар Стамболиев, кои заедно во соработка со повеќе од 3000 професори од најстариот универзитет во Македонија, 25 ментори – успешни Mакедонци во светот претставени преку Обединетата Македонска Дијаспора и меѓународни партнери ќе и помогнат на оваа компанија да го оствари својот бизнис потенцијал.

Сподели!
- Advertisement -