ИКТ индустријата има огромен потенцијал, фали квалификувана работна сила

- Advertisement -

ИКТ компаниите сметаат дека има дефицит на добро обучени искусни инженери. Внатрешната обука на нов вработен во ИКТ индустријата може да трае од шест месеци до една година, а во некои специфични области дури и повеќе. За време на периодот на обука, компаниите инвестираат многу време и ресурси во новите кадри. Тие заклучуваат дека подготвеноста за работа на младите инженери зависи од нивото на практична работа што ја имале претходно. Ова го покажува анкетата за проценка на работната сила, спроведена онлајн во октомври со 1.305 компании од вкупно пет сектори, од кои 134 компании се од ИКТ секторот во Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово.

Регионалниот проект на УСАИД за економски развој, управување и развој на претпријатијата и Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива денеска одржаа инфо-сесија за претставување на наодите од анализата за потребите на ИКТ индустријата за квалификувана работна сила како еден од најголемите предизвици за одржување на конкурентноста и зголемување на растот.

- Advertisement -

Анита Никова, извршна директорка на МАСИТ изјави дека за предизвиците со квалификувана работна сила треба да се фокусираме во национални и во регионални рамки. – Градењето мерки за задржување на кадрите треба да е системско и од интерес за целата држава. Само на тој начин ќе овозможиме бизнис клима во рамки на која најнапредните кадри ќе останат и ќе сакаат да ја градат својата иднина тука, изјави Никова.

– ИКТ компаниите и во минатото поддржуваа практична работа и се подготвени да ја продолжат поддршката и во иднина, под услов да постојат соодветни владини политики и стимулации, посочи консултантот Благоја Милошевски, кој ја изработи анализата базирана на анкетата и истражувањето за работната сила во ИКТ индустријата во регионот.

- Advertisement -

Дон Кармин, директорка на Канцеларијата за општ развој на УСАИД изрази надеж дека заклучоците и препораките од оваа анализа, изработена заеднички од двата проекти поддржани од УСАИД ќе овозможат креирање заеднички пристап кон решавање на предизвиците на ИКТ секторот во земјите од Западен Балкан и изнаоѓање решенија засновани на докази за запирање на „одливот на мозоци“ кој има најголемо негативно влијание токму врз секторот ИКТ.

Заклучоците и препораките од анализата, како и директните предлози од бизнис секторот од денешната онлајн инфо-сесија ќе бидат доставени до надлежните органи преку Платформата за јавно-приватен дијалог за да се креираат мерки кои ќе ги адресираат овие недостатоци.

- Advertisement -

-ИКТ индустријата брзо одговори на промените со заложбата за забрзување на процесот на дигитална трансформација во екот на пандемијата со Ковид-19. ИКТ компаниите беа предводници во создавање модели за работа од далечина и примена на флексибилно работно време. Токму во тој правец треба да продолжи и поддршката за ИКТ индустријата од страна на државата преку регулативата, за што ќе се заложи и ПЈПД, истакна Љубомир Димовски, директор на Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива.

Оваа инфо-сесија се одржа во рамките на активностите на Регионалниот проект на УСАИД за економски развој, управување и развој на претпријатијата и Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива, кој го спроведува Епи Центар во партнерство со Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори, а со поддршка на УСАИД.

Сподели!
- Advertisement -