Претседателот Стево Пендаровски денеска за прв пат го додели признанието „Успешни млади“ на 8 добитници, во рамки на проектот инициран за поттикнување на научната, истражувачката и креативна работа на младите луѓе од земјава. Во своето обраќање тој изрази уверување дека преку оваа иницијатива ќе се придонесе кон вреднување на трудот и знаењето на младите, зголемувајќи ја мотивацијата за нови достигнувања на младите научници, таленти, уметници, креативци и ќе ги охрабри да продолжат да го вложуваат својот труд и да го развиваат својот талент.
„Имаме многу успешни, креативни млади кои се иднината на нашата земја. Очекувам тие да си го заземат своето место во општеството, да бидат дел од образовните и научните институции, компаниите, креативните индустрии и да придонесуваат за нашето општество“, рече Пендаровски, додавајќи дека лично ќе се заложи за покренување и поддршка на иницијативи и проекти чија цел е да се намали одливот на млади луѓе од земјава.
Од вкупно 79 апликации за изминатата календарска година за постигнати резултати според осум категории, за најдобар млад научник во општествените науки е избран Анастас Вангели, доктор по општествени науки во полето на социологијата, најдобар млад научник во хуманистичките науки е Борче Арсов, доктор по филолошки науки од областа македонски јазик, а најдобар млад научник во природно-математичките и техничките науки е Кимет Јусуфи, чие поле на истражување се гравитацијата и квантната механика. За најдобра млада научничка во медицинските науки е избрана Моника Ѓорѓиева, која докторирала на Универзитетот Клод Бернард Лион 1, а младата иноваторка Весна Бачева која завршила на Федералниот технолошки институт на Швајцарија е избрана за најдобра иноваторка.
Во категоријата млад талент, за ученици и ученички од средните училишта, признанието „Успешни млади“ е врачено на Ангела Бушеска која освои златни и сребрени медали за најдобар дебатер на интернационалните олимпијади World Scholar’s Cup и Owlypia. Добитник на признанието за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата за млади со попреченост е Ардиан Шабани, активен спортист во здружението „Активен живот“ во Тетово и редовен член на Спортската федерација. За најдобара млада уметничка е избрана Симона Димковска, која по завршениот Архитектонски факултет 2015-та дипломирала и на Факултетот за Драмски Уметности во Скопје.
Изборот на носителите на ова признание го направи комисија од 23 членови, академици од МАНУ, реномирани проефесори од областа на природните, техничките и општествените науки од универзитети во РСМ и од странство, експерти од областа на медицината, бизнис заедницата и културата.
Фото – веб страна на Претседателот