Промовирана нова е-мапа за лоцирање на загадувачи на животната средина

- Advertisement -


Со новата електронска мапа на загадувачи, односно потенцијални загадувачи, конечно ќе падне илузијата дека во државава загадуваат домаќинствата, а дека индустријата е совршено еколошки прилагодена. Ова беше истакнато на денешната презентација на е-мапата за лоцирање на моментални и потенцијални загадувачи на животната средина, изработена од Зелениот институт, а во соработка со Државниот инспекторат за животна средина.

На мапата се претставени сите инсталации и со отварање на секоја инсталација поединечно се добиваат сите податоци за нивните дозволи.

- Advertisement -

Според Лилјана Поповска од здружението Зелен институт, време е да и погледнеме на вистината во очи и да си признаеме дека иако има индустриски пример кои ги следат законите и внимаваат на екологијата, сепак постојат огромен број капацитети на кои што првенствено во дозволите им е овозможено да работат онака како што им е полесно и поевтино, а поскапо за животот и здравјето на граѓаните.

„Со оваа алатка ќе ја имаме реалната претстава за тоа што навистина се случува и конечно да престанеме да ги бркаме оџаците на домаќинствата кои иако не се совршени, сепак се минимален проблем во однос на индустријата“, истакна Поповска.

- Advertisement -

При изработка на оваа алатка од тимот на Зелениот институт беа претставени неточностите и грешките на кои наишле при преглед на официјалните документи од животната средина.

„Самата идеја за оформување на мапа на потенцијални загадувачи е одлична идеја. Во прв момент бев голем оптимист дека обработката на податоците нема да ни земе големо време и енергија, но реалноста беше друга. Имено податоците ги земаме од а и б интегрирани дозволи и елаборати за животна средина кои се документи со висока важност и притоа кога почнавме да ги обработуваме податоците утврдивме дека се соочуваме со документи кои што со тек на време изгубиле од својата важност во изработката и стандардизацијата на податоците. Па така во голем број од самите дозволи наидовме на проблеми кои не верувам дека се намерни, а тоа беа од типот на различно претставени координати на инсталациите, недостаток на податоци во однос на горива на инсталациите кои се користат, како и проблеми во однос на моќноста на горилниците“, истакна инжинерот Зоран Зориќ, кој е дел од тимот кој работи на оваа алатка.

- Advertisement -

Тој изрази надеж дека изработката на оваа електронска мапа ќе отвори поле за ревизија, измена и стандардизација на документите кои се од голема важност.

Од Државниот инспекторат за животна средина се согласни дека оваа алатка ќе биде од голема помош за за нив.

„Остваруваме соработка со Зелениот институт затоа што ние се соочуваме со предизвик на недостиг на систематизирани податоци за загадувачите на Град Скопје, уште повеќе со недостиг на физичка локација на тие загадувачи кои се концентирани во повеќе индустриски зони. Оваа карта е резултат на нашите потреби, а тоа се да имаме увид на физичката локација на секоја од инсталациите, и на тој начин имајќи ги податоците за квалитет на амбиентниот воздух да ги планираме нашите редовни и вонредни надзори“, изјави директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска.

Таа потенцира дека податоците од оваа платформа нема да бидат официјални, бидејќи ова е само една помошна алатка која не произлегува од законско решение, туку била утврдена како потреба да се помогне во делот на лоцирање на загадувачите од страна на Инспекторатот. Но, дека ќе направат анализа и доколку постои правно решение ќе биде предложено до Министерството за животна средина да се направи некое законско решение или измена на постојната регулатива за ваквиот начин на лоцирање на загадувачите.

Освен што првпат ги дигитализира податоците за тоа каде се загадува, оваа алатка исто така им овозможува на граѓаните да можат преку неа да пријавуваат можните загадувачи.

Петровска заклучи дека ова е особено важно затоа што на тој начин ќе може да им се помогне на инспекторите во навремено реагирање.

Јас очекувам оваа мапа да продолжи да се развива и еднаш кога ќе биде готова ќе им овозможиме на граѓаните да им покажеме како да ја користат, а нашите инспекциски тимови да си се организираат и да бидат на терен кога ќе биде тоа неопходно“, изјави диркторката на Државниот инспекторат за животна средина.

Таа додаде дека преку оваа алатка, исто така, ќе може директно да се следи работата на секој инспектор, бидејќи во тој систем ќе бидат воведени редовните и вонредните инспекциски надзори.

На прашањето дали Охридскиот регион ќе биде впишан во листата „наследства во опасност“, Петровска рече дека за жал таква можност сепак постои, но дека верува во способноста на институциите да го решат овој проблем

„Во овој момент имаме извештај кој за жал не е многу розов и реално ги отсликува сите оние недостатоци и недоследности во спроведувањето на она на кое што и на национално ниво е дефинирано како обврска. Потфрламе во делот со уривањето на дивоградбите и со усогласувањето на урбанистичките планови, исто така се издаваат дозволи за градба во староградско јадро без притоа да се почитуваат амбиенталните и архитектонско урбанистичките парамерти, така што не би ме зачудило да влеземе во опасност“, рече Петровска.

На ова се надоврза и Поповска која потенцира дека ваквата ситуацијата е резултат на недговорна ноншалантност на институциите и на бизнис интересите на поединците. Според неа, нема оправдување за тоа што се случува, но и на тоа што не се случува за да се заштити Охридскиот регион.

Е-мапата ќе биде јавно достапна на посебна веб-страна за сите заинтересирани граѓани, но и за претставници од институциите, првенствено инспектори за животна средина на државно, градско и општинско ниво, а граѓаните ќе може да пријавуваат секаков сомнителен загадувач веќе од следниот месец.

(МИА)

(фото: ce.gatech.edu)

Сподели!
- Advertisement -