Годината која изминува беше исполнета со многу предизвици и неизвесност во многу области на живеењето, но кризата со која се соочивме на економските план е една од најголемите во поновата историја. Какви ќе бидат економските показатели за движењето на македонската економија во наредната година ќе зависи од тоа дали ќе се остварат очекувањата за надминување на кризата во првиот квартал од новата година. Сојузот на стопански комори како глас на стопанството, продолжува да го застапува приватниот сектор и со предлози базирани на факти да допринесува да се креираат финансиски и нефинансиски мерки за помош, со кои ќе се надмине здравствено економската криза.
Во следната година важно ќе биде одлуките на институциите да одговараат на барањата и потребите на граѓаните и стопанството, а колективниот интерес секогаш да биде пред индивидуалниот. Државата треба да се стреми кон систем кој ќе гарантира сигурност и стабилност на работните места и на економијата воопшто, како и кон институционално посветено делување кон секој кој регистрирано работи на националниот пазар, со цел да му се овозможат фер услови диктирани од самиот пазар, кој пак треба да е ослободен од влијанија и да е базиран на принципите на слободна конкурентност и еднаков третман. Важно е да се инсистира на овозможување на подобро деловно опкружување, каде секој ќе има еднаква шанса за успех и напредок.
Македонската економија во три квартали годинава бележи пад од 5,9 отсто предизвикан од пандемијата, која доведе до значително забавување и прелевање на ефектите од здравствено економската криза во 2021 година. Нашата мала и кревка економија во голема мера е зависна од трговијата и инвестициите од ЕУ, кои исто така се погодени од пандемијата. Стапките на невработеност повторно се зголемени и состојбите на пазарот на трудот се влошуваат што дополнително ги отежнува состојбите, па така без конкретни и добро таргетирани мерки, ќе следи тежок период. Бројни се предизвиците кои ќе треба да се надминат во следната година, особено во економијата и доколку итно не се делува за нивно решавање, нема да може да се постигнат очекуваните резултати.
Без разлика на видот и димензијата на економските мерки, кои е неопходно да продолжат и наредната година, надежните институции мора итно да се посветат на следните предизвици:
- Да се воспостави систем на владеење на правото, законите да важат подеднакво за сите и да се применуваат неселективно, во спротивно инвестициите ќе бидат минимални. Довербата во институциите, а особено во судската власт се намалува во континуитет. Воедно потребно е да се престане со брзите и чести промени на законите, кои дополнително придонесуваат за несигурност кај граѓаните и стопанството.
- Институциите итно треба да се посветат на сериозно сузбивање на сивата економија која е во експанзија и во моментов има удел од скоро 40 отсто од вкупниот економски сектор. Со сузбивање на сивата економија дополнително ќе им се помогне на претприемачите кои легално се борат за опстанок на пазарот во услови на тешка криза, кои едновремено покрај конкуренцијата од сивата економија се соочени со инспекции и преобемна и сложена регулатива.
- Без системска контрола и регулација на е-трговијата се уништуваат стихијно над 10 илјади македонски претпријатија кои работат во секторот трговија. Во моменти кога ЕУ земјите го штитат својот домашен пазар и имаат нулта толеранција за избегнување на царина и данок, во Македонија прагот за меѓународна е-трговија расте, што директно ги оштетува малите увозни претпријатија. Во внатрешниот промет карго доставите на нарачки од е-трговија работат без евидентирање и претставуваат најголем извор на затајување на данок на национално ниво. Нема стабилна економија, доколку условите на пазарот не се еднакви за сите.
Во новата година институциите треба да воспостават добро корпоративно управување кое во услови на криза, бара знаење и компетентност. Во изминатата година покрај тоа што имаше еден од помалите пакети за поддршка на приватниот сектор за економски спас, имаше и потреба од системско решавање на предизвиците, што доведе до потешкотии во имплементација на финансиските мерки за помош. Надминувањето на овие состојби, може да се постигне со планирани системски решенија, но и со отпочнување на именување на носители на јавни функции засновано врз принципот на меритократија. На тој начин, ќе постојат точно утврдени постапки кои ефикасно и ефективно ќе се спроведуваат, а во исто време оние кои имаат улога на одлучување во одредена институција, ќе знаат квалитетно да ги спроведуваат политиките потребни за надминување на потешкотиите.
Воспоставување функционален систем во државата, ќе значи овозможување на следење на текот на сите постапки едновремено, како и следење на нивниот степен на реализација, постоење одговорност кај оние функционери кои несоодветно или ненавремено ја извршуваат својата работа особено во делот на поддршката за приватниот сектор и граѓаните, отстранување на самоволно однесување и слободно толкување на прописите. Сите недостатоци би се минимизирале доколку се стават во функција системски решенија, кои ќе овозможат подобра иднина и економски просперитет за сите граѓани. а тоа би требало да биде и највисокиот приоритет на институциите.