Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при денешната посета на општина Прилеп најави дека се надминати проблемите со изведувачите на новиот експресен пат Градско-Прилеп. Тој рече дека проблемите се решени и со почетокот на претстојната градежна сезона ќе започне силно темпо на изградба на овој експресен пат што се наоѓа на кракот Д од Коридорот-10.
„Сакам да информирам дека за првата делница Градско–Дреново, Владата
донесе одлука да се преземат градежните работи од сегашниот изведувач и
во следниот период оваа делница да ја гради друга компанија која има технички и човечки ресурси за да ја доизгради оваа делница навреме“, изјави Бочварски.
Трасата од Градско до Дреновската клисура е долга 16 километри, а почна да се гради во летото 2018 година. Досега се завршени околу третина од вкупните градежни работи за оваа фаза од експресниот пат. Средствата од 23 милиони евра за неговата изградба беа обезбедени од фондовите на Европската Унија.
„Во однос на втората делница од Дреново до Фариш, тендерската постапка е завршена и сега понудите се во фаза на евалуација. Очекувам на пролет да имаме силна градежна активност паралелно и на двете делници“, додаде Бочварски.
Трасата од Дреновската до Фаришката клисура е долга 10 километри и истата почна да се гради во 2016 година. Досега се завршени околу 35 отсто од севкупните градежни работи на експресниот пат. Од ЈП за државни патишта веќе информираа дека најдоцна до февруари 2021 година треба да се склучи договорот за довршување на оваа фаза од експресниот пат, по што треба да продолжат градежните работи на терен.
Инаку, експресниот пат Градско-Прилеп во иднина ќе има по една сообраќајна лента во секој правец со ширина од по 3,5 метри, како и помошна лента за застанување од по 2,5 метри во секој правец.
Бочварски ја најави и третата фаза од овој проект, која ќе опфати реконструкција на целиот пат на Плетвар и проширување на постојниот пат со две ленти на ниво на експресен пат со три ленти.
Тој потенцираше дека во фаза на изработка е проектна задача за изградба на автопат од Прилеп до Битола, со што ќе се заокружи брзата патна врска кон Пелагонија.
Кракот Д на паневропскиот Коридор-10, почнува од долината на Вардар кај Градско, преку Прилеп, Битола и Флорина, води до грчкото пристаниште во Игуменица.