Со цел сузбивање на епидемијата на коронавирус, многу земји во светот ги затворија своите граници и го ограничија патувањето, поради што, оваа година голем број луѓе се најдоа далеку од дома.
Во Велика Британија, новиот вид на коронавирус кој што се шири 70 проценти побрзо, доведе неколку земји ширум светот да воведат забрани и ограничувања за патување во таа земја. Така, голем број британски граѓани останаа „заробени“ во странство и нема да можат наскоро да се вратат во својата земја.
Меѓутоа, британската страница за селидба „Мој багаж“ смисли специјален подарок за носталгичните патници кои копнеат по својот дом.
Компанијата продава шишиња „автентичен“ воздух од Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска со цел на жителите на Велика Британија во странство да им овозможи мирис на домот.
За 25 фунти (околу 33 долари), купувачот добива воздух во шише од 500 милилитри.
Покрај четирите земји во Велика Британија, компанијата добива и посебни барања за воздух од која било друга локација во Велика Британија. Тие неодамна ја исполнија желбата на еден Велшанец кој сакаше да добие воздух од планинскиот регион Сноудонија во северо-западен Велс.
Иста така, достапни се и шишиња со воздух од лондонското метро или продавниците Fish and chips .
Тимот на компанијата “Мој багаж“, кој се занимава со меѓународни преселби за граѓаните на Велика Британија, вели дека биле инспирирани за лансирање на флаширан воздух во шишиња по спроведените истражувања кои го поврзуваат сетилото за мирис со емоционалните спомени.
„Сакавме да им помогнеме на жителите на Велика Британија кои живеат во странство повторно да се поврзат со домот и од објавените истражувања знаеме дека нашето сетило за мирис ефикасно предизвикува спомени“, велат од компанијата.
„Овозможувајќи им на купувачите длабоко да вдишат воздух од својата земја, се надеваме дека ќе ја ублажиме носталгијата и ќе им помогнеме подобро да се прилагодат во нивниот нов живот, каде и да се.
Според компанијата, повеќето нарачки доаѓаат од оние кои купуваат шишиња воздух како подароци за пријателите или семејството кои живеат во странство.
Лансирањето на шишиња со воздух во Велика Британија се случува четири години откако компанијата за производство на воздух Aethaer започна да продава шишиња од 580 мл британски воздух на купувачи од загадените кинески градови како Пекинг и Шангај за 115 долари.
Во меѓувреме, канадската компанија Vitality Air нуди канистри со свеж планински воздух по цена од 52,99 американски долари за пакување од две 8-литарски шишиња, додека швајцарската компанија Swissbreeze продава воздух од планинските региони во земјата за околу 20 долари за 8-литарско шише.
Извор – Маркетинг 365