Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“ објавува отворен повик за дизајнери и илустратори, што ќе треба да работат на креативни илустрации за најновиот проект „Современи бајки од Македонија“.
Конкурсот започнува од денеска, 29 јануари 2021, и ќе трае до 20 март 2021 година. Вкупниот фонд за награди изнесува 140.000 денари или 35.000 денари поединечно за секоја од четирите сликовници.
Отворениот повик за илустратори следи по изборот на четирите победнички бајки: „Перуника“ од авторот Сибо, „Бакнежот на пролетта“ од авторката Елизабета Баковска, „Сончевото момче Ил“ од авторката Катерина Данаилова и „Осаменото дрво“ од авторката Нина Максимова, што беа избрани во рамките на конкурсот за „Современи бајки од Македонија“, по што следи новиот отворен повик за изработка на илустрации за овие дела.
Текстовите на бајките можат да се најдат на следниот линк: www.arslamina.com/bajki2021.
Конкурсот за „Современи бајки од Македонија“ следи по големиот успех на претходните проекти „Бајки од Македонија“, „Бајки од Македонија за цела година“ и „Басни од Македонија“ кои постигнаа голем успех, а дел од нив се преведени на седум јазици, Брајово писмо, наградувани во светот и дома и се едни од најпродаваните книги за деца кај нас. Инспирирани од ваквиот успех, „Браво Сине!“ и „Арс Ламина“ го започнаа и овој проект „Современи бајки од Македонија“ за да дадат можности на нови, млади автори за создавање на автентична модерна култура во пишаниот и во визуелниот медиум. Големиот број пристигнати бајки на конкурсот за „Современи бајки од Македонија“: 442 бајки од 316 автори, е јасна потврда за интересот за проекти од овој вид, каде автентичниот уметнички израз ќе добие своја форма.
Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ и издавачката куќа „Арс Ламина“ се надеваат повторно на голем интерес од страна на младите дизајнери и илустратори.
Сите заинтересирани кои сакаат својата креативност да ја изразат преку илустрации наменети за најмладите треба да ги испратат своите пријави најдоцна до 20 март 2021 година на е-адресата bravosine@arslamina.com. Пријавите ќе се сметаат примени по доделена шифра од страна на администратор. Пријавените кандидати анонимно учествуваат до првата селекција на пристигнати решенија, по што може да бидат повикани на лична презентација за планираниот пристап и работата кон целата едиција на бајки, секако, доколку решението биде наградено. Пристигнатите решенија ќе ги разгледува жири-комисија составена од претставници на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, претставници на издавачката куќа „Арс Ламина“ и надворешни членови (експерти од областа).
Отворен повик – услови за учество
Дизајнерска задача
Задолжителни елементи:
- Потребно е да се изработат целосно колорни илустрации за корица (насловна илустрација) и најмалку една внатрешна страница, за една бајка од понудените четири, по избор на илустраторот.
- Потребно е да се осмислат и илустрираат автентични ликови и нивни карактери, соодветни на содржината на избраната бајка.
- Илустрациите треба да бидат оригинални – авторско дело на илустраторот / дизајнерот.
- Илустрациите треба да бидат изработени наменски за проектот и досега да не се користени за никаква друга намена.
- Во сите илустрации да се задржи истиот авторски стил.
- Илустрациите да бидат соодветни за сликовница наменета за деца од раноучилишна возраст.
- Победникот ќе има обврска целосно да ја илустрира сликовницата за која е награден, вклучувајќи внатрешни и надворешни страници, по што ќе биде исплатена наградата во вкупниот износ.
Опционални елементи:
- Останати креативни решенија кои можат да бидат имплементирани на местата за продажба или алтернативно огласување.
Технички спецификации
- Формат на сликовницата: 210 х 210 mm
- Илустрации: векторски формат или .tiff, минимум 300 dpi, и .jpg или .png (за преглед)
Насоки за доставување на предлозите
- Предложените креативни решенија се доставуваат електронски на bravosine@arslamina.com, најдоцна до 28 февруари 2021 година.
- Предложените решенија треба да се вклопат во .ppt презентација до 5 MB, може да се достави и pdf документ.
- Заедно со решенијата, треба да се испрати и телефонски број за контакт.
Правила за учество
Секој пријавен кандидат треба да е државјанин на Република Македонија, и со поднесувањето на пријавата се смета дека ги прифаќа следниве услови за учество:
- Организаторите на конкурсот имаат право да ги изложуваат на јавни настани креативните решенија (илустрации) поднесени од сите кандидати, со цел популаризирање на креативноста и проектот „Бајки од Македонија“.
- Организаторите се обврзуваат при изложувањето да го означат името на кандидатот кој го изработил решението.
- Вкупниот награден фонд е 140.000 денари нето (односно 35.000 денари по сликовница).
- Кандидатот чие креативно решение (илустрација) ќе биде наградено, се согласува 20 % од вкупната награда да му биде исплатена веднаш, а останатиот дел по завршување на работата – илустрирање на сликовницата/сликовниците.
- Кандидатот чие креативно решение (илустрација) ќе биде наградено, ги отстапува материјалните авторски права на организаторите.
- Секој кандидат гарантира за оригиналноста на идејното/графичкото решение и ја презема целосната материјална и нематеријална одговорност за истото.
- Секој кандидат може да предложи повеќе решенија за една или за повеќе бајки.
- Доколку повеќе кандидати го работат решението, еден од нив треба да биде назначен за носител на проектот.
- Организаторите на конкурсот го задржуваат правото да одлучат колку илустратори ќе бидат избрани / наградени (од еден до четири) и дали еден илустратор ќе изработи една, две, три или сите четири сликовници.