Апел на стопанските комори на Западен Балкан до владите и ЕУ: Укинете ги визите, дајте ни иднина

- Advertisement -

Во српската Стопанска комора во Белград (ПКС) се одржа седница на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум на Западнобалканската шесторка (Киф ЗБ6), асоцијација што ги обединува стопанските комори на Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што соопштија од ПКС од оваа средба, бизнисмените од Западен Балкан упатија заеднички апел до своите влади и политичките структури во регионот да направат сè за економијата да функционира на наједноставен можен начин и да се свртат кон иднината и заедничката регионална соработка.

- Advertisement -

-Дајте им на граѓаните на регионот иднина, а не минато, е заедничката порака на сите претседатели на стопанските комори на Западен Балкан до нивните влади.

Бизнисмените бараат итно отстранување на сите деловни и економски бариери во регионот, особено оние што произлегуваат од лошите политички односи меѓу Белград, Приштина и Сараево. Од владите во Сараево и Приштина беше побарано да ги укинат визите и сите други ограничувања на слободата на движење. Побарано е признавање на регистарските таблички и осигурување на возилата, што спречува целосна слобода на движењето и на деловното работење, што доведува до непотребни трошоци во работењето на економијата.

- Advertisement -

Стопанските комори на Западен Балкан исто така испратија јасна порака до Европската унија дека е недопуштена понатамошна блокада за воведување визна либерализација за жителите на Косово. Спречувањето на слободно патување на граѓаните и економијата е во директен судир со основните човекови и европски права. Стопанските комори на регионот го потсетуваат Брисел дека визната либерализација беше пресвртницата и најголемиот поттик за економскиот развој на сите земји од Западен Балкан.

Заеднички беше оценето дека иницијативата за укинување на ПЦР-тестот за граѓаните да патуваат во земјите од регионот, што беше усвоен на иницијатива на стопанските комори, имаше голем ефект врз деловната активност на компаниите. об/сст/

Сподели!
- Advertisement -