Денес виното е траен културен симбол на убавиот живот. Но, од неговата првобитна улога како важен извор на исхрана, поминале многу милениуми. Виното се развивало паралелно со различни цивилизации, се менувало и усовршувало. Секоја генерација се трудела да го поправи вкусот, да го продолжи траењето и да му најде намена повеќе.
Три генерации во семејството Станоески од Прилеп , во период од повеќе од 80 години, се труделе да му го пружат на своето вино и доволно љубов, а и стручност да биде што поквалитетно. Сé започнало во далечната 1937, кога прадедото Ѓоше го засадил лозјето во месноста Сарика, во близина на Прилеп.
Во виното се се врти околу лозовите насади и земјиштето. Потребно е да имате вистинска локација за лозје, сорта која ќе биде автентична, а потоа и огромна работа и желба за постојано докажување. Дури после тоа може да се роди голема винска приказна. Инстант приказни во винарството не постојат. Тука нема скратени патишта.
Французите имаат еден идеален збор за тоа – “тероар”. Збор кој е сублимат за човекот кој го прави вино, земјата на која расте грозјето и климата на тој микропростор. Тоа е светото тројство во винарството – човек, земја и клима. Гоце Станоески и Сарика, тоа го имаат.
Новинарка: Љубица Ангелкова
Раскажете ни ја приказната за вашите лозови насади и за семејната традиција која датира од 1934 година?
Во моето семејство виното секогаш имало посебно место, уште кога татко ми произведувал вино за семејни потреби, а денот на гроздоберот традиционално бил празникот 11ти октомври кога целото семејство се собирало и учествувало во бербата. Дел од лозовите насади датираат од 1934 година кога мојот прадедо Ѓошо се доселил во Прилеп од с. Подлес, Велешко и сакал да ја продолжи традицијата. Сѐ друго е историја.
Како дојдовте на идеја да ги брендирате вината кои ги произведувате?
Тоа дојде природно како унапредување на техниката на производство од татко ми и желбата да направам квалитетно вино од прилепското поднебје. Со пристапот до информации преку интернет и стручна литература одлучив да се посветам на деталите за производство и да направам квалитетно вино. Мојот прв обид беше со сортата Пловдина на кое сум особено горд.
Доброто грозје е суштина на доброто вино. За какви сорти на грозје станува збор во Сарика?
Да, тоа е апсолутна вистина и се однесува на секој аспект на производство, независно од индустријата.
Бидејќи имам два лозови насади, на старото лозје ги одгледувам сортите Жупјанка, Ркацители и уште неколку бели сорти за кои сум во процес на идентификација и од кои ја произведувам купажата Сарика Бело. Исто така одгледувам и Прокупец и Пловдина.
Пред осум години подигнав нов лозов насад на друга локација во близина со сортата Мускат, а пред четири години го дополнив и со сортата Вранец која сега е најмногу застапена во моите лозја и Вранецот ми е посебно драг поради тоа што ми го донесе мојот кум Благоја од Кавадарци кој е увозник, и згора на сѐ ми го донесе од Крушевац, градот во кој учев средно воено училиште.
Како успеавте да ги зачувате автохтоните сорти во годините наназад?
Пред сѐ е самата традиција и наследството оставено од дедо ми и татко ми, како и љубовта кон сортите на грозје кои не се премногу комерцијални. Се трудам секој слободен простор да го пополнам со старите бели сорти со цел да ја зголемам количината на Сарика Бело.
Винарството со глобализацијата стана индустрија, но ваквите бутик винарии прават винарството да остане уметност.
Додека многу винопроизводители купуваат грозје, вие го користите само своето. Колкава површина под лозови насади поседувате и дали размислувате за зголемување?
Среќен сум што имам сопствени лозови насади бидејќи имам слобода да експериментирам со техниките на производство, а истовремено да учам и да се надоградувам. Вкупната површина на моите лозја е половина хектар и во моментов не планирам да ја зголемувам површината, туку само да го подобрувам квалитетот и да ја усовршувам техниката на производство. Потврда за квалитетот се добиените награди на фестивалот на младо вино, каде сите мои вина беа наградени во различни категории.
Каде баравте стручни совети кога ги правевте пионерските чекори со брендирање на Вашето вино?
Часовите кои ги земам кај нашиот реномиран енолог Лазар Плетварски придонесуваат да го проширам спектарот на размислување и ми даваат добра основа да правам квалитетно вино. Покрај тоа, посветувам доста време во читање на стручна литература и користење на интернет ресурси.
Бутик винариите се авагнгарда во светот. Тие не ги следат трендовите, тие се автохтони. Од традицијата, преку сортите…тие се цела една филозофија.
Размислувам за инвестирање и унапредување на опремата за производство на вино со чија помош ќе го подобрам квалитетот на вината уште повеќе, а сепак би го зачувал традиционалниот пристап со минимална интервенција и употреба на енолошки средства. Исто така, самото грозје кое го добивам на надморска височина од 730 метри се клучни за квалитетот на моите вина. Дополнително, со цел подобрување на квалитетот пристапив и кон редуцирање на приносот на црвените сорти до 50% што резултатира со високо квалитетни вина со супериорен баланс на овошје и киселини.
Кое Ви е најпопуларното вино? И зошто?
Во зависност од годината се менува и популарноста кај потрошувачите. Годинашното Сарика Бело мислам дека е барем едно ниво погоре во однос на ланското Пловдина Розе кое беше вистински хит кај нашите потрошувачи.
Која локална сорта би сакале да ја имате, а ја немате?
Станушината е сорта која би сакал да ја имам со што ќе ги имам застапено сите сорти кои се одгледувале во прилепскиот регион со што би дал отчет на винарството кај нас.
Дали сте размислувале за обединување на винската понуда со гастрономнска и туристичка, или останувате верни само на винаријата?
Ова ми е прва година како регистрирана семејна винарија и доколку биде продажбата како што очекувам, преку здружението кое има високи цели, би влегол во промовирање на вински туризам. Член сум на здружението Тиквешки семејни винарии и покрај тоа што не припаѓам на тој регион, но имаме заедничка цел да промовираме вина произведени во домашни услови, со врвен квалитет во однос на цената која е пониска и пристапна за секого.
Планови…
Мојата цел е првенствено Сарика да стане препознатлив бренд за производство на квалитетно вино на домашниот пазар, а долгорочно би сакал вината да се уживаат надвор од Македонија каде би ја претставувале Македонија и Прилеп како региони каде се произведува и ужива квалитетно вино.
Вино без потекло, а тоа се однесува на лозовите насади, не се вина за кои може да се зборува долго. Но, не може ни земјата ни насадите секоја година максимално да ги оптеретите, треба внимателно, многу внимателно, за да траат за век.