Веќе традиционалниот настан насловен „Прв до врв“ годинава ќе се одржи, но во прилично видоизменет формат. Имено, раното пријавување веќе е во тек, а настанот е закажан на 16 мај. Новина е категоријата „Виртуал“ чии победници ќе се добијат преку 90-дневен виртуелен предизвик кој ќе му претходи на мајскиот настан.
Како што соопштија организаторите, сите пријавени учесници имаат можност во периодот од 11 февруари до 12 мај да учествуваат во овие прелиминарни виртуелни трки во кои секој со своите индивидуални активности на дефинираните патеки на Водно, ќе се рангира во табелата со резултати. Покрај брзината, на рангирањето влијае и бројот на обиди. Победниците во виртуелните трки ќе бидат прогласени заедно со останатите на 16 мај на врвот на Водно.
Традиционално, на програмата на најмасовниот планински настан во регионот се трките во планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам и тим-билдинг трката за компании. Останатите содржини, како пикникот и музичката програма ќе бидат дополнително одредени во согласност со здравствените мерки.
Пријавувањето за трките се одвива преку веб страната www.prvdovrv.mk.
Настанот го организира здружението за спорт и рекреација Прв до врв од Скопје.