Нов напреден подводен дрон, кој моментално е во фаза на развој, ќе овозможи поставување, одржување и инспекција на илјадници километри цевководи во океаните. Станува збор за подводен дрон во форма на змија кој може да работи до шест месеци без потреба да излезе на површината, а тоа значително ги намалува трошоците.
Дронот, кој се вика Eelume, е долг шест метри и содржи камери и сензори за навигација под вода. Тој може да се држи во станица на длабочина до 500 метри дури шест месеци, а притоа ниеднаш не мора да излезе на површината. Досегот му изнесува 20 км со едно полнење на батеријата.
Сет од различни алатки на дронот му овозможува да извршува неколку задачи – од користење на подводни вентили, па до отстранување на морската флора, седиментите и слично.
Многу подводни цевководи веќе ги одржуваат возила без присуство на луѓе, но ги контролира екипаж на брод. Таквите операции може да чинат до 100.000 долари дневно. Меѓутоа, новиот робот треба да стане подводен жител и да живее во подвнодна станица и би можел да се мобилизира во секој момент за вршење инспекции и одредени интервенции. Со тоа ќе се намали потребата за поскапи површински пловила.
Еден од првите инвеститори во роботот е норвешката нафтена компанија Equinor. Компанијата која го разви роботот уверува дека роботот ќе ги намали трошоците, но и ризиците на кои се изложуваат луѓето при опасни услови на море. Наместо директно да ги извршуваат задачите, луѓето ќе можат да управуваат со роботот од копно.
(Klix.ba)
(фото: Eeelume.com)