„Јутјуб Шортс“ – новиот ривал на ТикТок, претставен во САД

- Advertisement -

Јутјуб е најновиот технолошки гигант кој се одлучи да ја следи сензацијата околу кратките видеа на ТикТок, апликација во сопственост на кинеската компанија „Бајтденс“. Форматот за кратки видеа „Шортс“ (Shorts) пред неколку месеци беше лансиран во Индија, а од денес во бета верзија им е достапен и на американските корисници.

„Јутјуб Шортс“ практично ги има истите фунцкии како и ТикТок – им овозможува на корисниците да сечат и спојуваат клипови и им нуди широк избор на музички дела кои ќе можат да ги искористат при создавањето на видеата. Корисниците ќе можат да вртат низ бесконечен број алгоритамски-генерирани кратки видеа, да се претплаќаат кај нивните омилени краеатори и да истражуваат специфични звуци или хаштагови. Јутјуб веќе има потпишано договори со сите поголеми издавачки куќи и продукции.

- Advertisement -

Дури и интерфејсот на „Шортс“ многу наликува на оној на ТикТок.

Сепак, „Шортс“ се разликува по неколку опции што сѐ  уште ги нема, а кои постојат на ТикТок, како што се, на пример, различните филтери за лице или снимањето на дует со други корисници.

- Advertisement -

Јутјуб вели и дека ги истражува сите опции за начинот на кој креаторите на „Шортс“ ќе можат да заработат пари. Рекламите во онаа форма во која постојат на видеата на Јутјуб, очигледно не се решение и за новите кратки видеа.

„Шортс“ нема да фунцкионира како посебна апликација, туку ќе биде вметната во апликацијата на Јутјуб.

- Advertisement -

Се очекува оваа нова функција да биде мошне успешна, поради тоа што неретко клиповите кои се објавувани на ТикТок, се исечени од подолги видеа веќе достапни на Јутјуб, па корисниците се префрлуваат од една на друга апликација за да го изгледаат целото видео. Сега со верзијата на Јутјуб, тоа ќе им биде олеснато и повеќе практично.  Јутјуб, исто така, има огромна публика- речиси два милијарди посетители месечно.

Тод Шерман, предводникот на Јутјуб за „Шортс“, вели дека со новата фунцкија ќе им се овозможи на следната генерација креатори да го најдат својот глас и да се претстават пред публиката, доколку досега им било тешко тоа да го направат на Јутјуб.

„Јутјуб претставува голема сцена. Тоа е место што е мошне интересно за многу креатори кои сакаат да најдат публика. Навистина создаваме нова сцена, која треба да им даде на оваа нова генерација мобилни креатори место кое ќе можат да го направат нивен дом“, рекол Шерман.

Претходно, свои „ТикТок верзии“ претставија и Инстаграм (Reels) и Снепчет (Spotlight). И додека Reels на Инстаграм најпрво беше лансиран само во неколку земји во светот, од неодамна оваа функција им е достапна и на македонските корисници.

Извор – Мета

Сподели!
- Advertisement -