Денеска ќе се одржи првиот виртуелен саем за вработување каде ќе се претстават 10 домашни стартап и ИТ компании. Саемот е во организација на Стартап Македонија со подршка на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (IME).
Саемот е особено корисен за студенти и млади професионалци кои бараат динамична, предизвикувачка, и прогресивна работна околина и кои сакаат да дознаат малку повеќе за стартап екосистемот и културата која владее во него. На саемот ќе се понудат над 70 отворени позиции а покрај технички позиции ќе бидат претставени и позиции во полето на маркетинг, продажба, комуникации, HR, и други функции вклучувајки и можности за пракса.
Компаниите Codewell, Cognism, Data Masters, Embed Social, InPlayer, Microtica, Slice, Startup Macedonia, Teliport me и Upshift ќе ги претстават своите продукти, начин на работа, и корпоративна култура, како и отворените позиции за кои моментално регрутираат. Своја презентација ќе имаат и Thrivity, платформа која ги спојува луѓето кои бараат работа и компаниите што вработуваат.
“Стартапите се двигател на иновации и технологии а во Република Северна Македонија горди сме на успешни Компании кои постојано растат и се во потрага на нов динамичен кадар со кој ќе можат да достигнат нови успеси и унудат одлични услови за прво вработување или промена на кариера” изјави Игор Маџов коосновач на Стартап Македонија
Настанот е во соработка со Едукациските Партнери на Стартап Македонија меѓу кои SEDC, Brainster, DataMasters Vita Institute SEEU tech Park, М6 и бројни младински и студентски организации кои ја подржуваат иницијативата.
Заинтересираните ќе можат да го проследат настанот на онлајн платформата Зум и на Фејсбук Лајв во 15:00 часот со претходна регистрација на следниот линк.