Секој што сака да даде сугестија за подобрување на мапата, може да се обрати до „Еко-свест“ на info@ekosvest.mk
30 март, Скопје: Екомапа.мк е интерактивна алатка за граѓаните која би помогнала за соодветно мапирање на еко-проблемите во нашата земја, за полесно заедничко дејствување на граѓанските организации во решевање на одредни проблеми и поголема соработка со надлежните институции. Оваа корисна алатка е изработена во рамките на проектот „Да зборуваме за климатските промени“ на „Еко-свест“, CNVP и Движењето на еколозите на Македонија, а беше промовирана денеска на вториот ден на Националната конференција за клима, што се реализира на платформата „Зум“.
За интерактивната мапа денеска зборуваше Ангел Кузманов од здружението „Еко-свест“ од Скопје. Идејата се родила како резултат на комуникацијата со Делегацијата на ЕУ и Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Мапата е изработена во текот на минатата година, а при крај е изработката и на мобилна апликација.
-Самото пријавување проблеми дава можност за прикажување слики од настаните за добивање реален приказ за конкретниот проблем, а делот за коментари овозможува директна комуникација помеѓу корисниците со цел заедничко решавање на одредени проблеми или давање совети за соодветни акции. Доколку повеќе лица пријават ист проблем на исто место, самата апликација ќе ги групира проблемите (и пријавите) на едно место за да не се јавува повторување на истиот проблем. Со ова би се обезбедиле соодветни податоци доколку некој сака да направи анализа во која ќе ги разгледува, на пример, запалените шуми во текот на една календарска година – објаснува Кузманов.
Екомапа.мк е изработена во соработка со организациите кои работат на заштита на животната средина, со цел да се добијат што е можно повеќе релевантни податоци. Тие отстапија нивни интерни мапи и со тоа ја направија апликацијата побогата.
-Апликацијата е направена за да може да ја користи кој било граѓанин на РС Македонија. Во моментот сѐ уште имаме можност да направиме подобрувања и прилагодувања на мапата, па во прв момент како најрелевантни за користење на мапата ги гледаме нашите колеги од граѓанскиот сектор, а особено организациите кои се занимаваат со заштитата на животната средина. Би ве замолил секој што има сугестија да ни се обрати на info@ekosvest.com.mk – повикува Кузманов.
Секој што сака да пристапи кон мапата тоа може да го стори на www.ekomapa.mk, да креира корисничко име и лозинка. Изработено е и видео во кое се објаснети начинот на пристапување до апликацијата, како и основните функции за преглед и навигација со мапи и пријавување на настани.
-Во првичниот концепт на еко-мапа идејата беше да се развијат две апликации, една за граѓанскиот сектор и општата јавност, со цел известување на проблемите и една интерна за државните органи за алоцирање на проблемите до конкретните органи и нивно решавање. Проектната идеја не беше финално прифатена од страна на ЕК, но се надевам при добро користење на оваа апликација дека можно е и тој проект повторно да се актуелизира. Ние во секој случај сакаме да ги вклучиме државните органи во функционирањето на еко-мапа како релевантни чинители за решавање на еко-проблемите. Информациите кои ќе им бидат достапни, државните институции можат да ги користат за правење на анализи, стратешко планирање, а оние инстутции кои работат на терен можат да ги користат податоците и како поддршка во нивната секојдневна работа – вели Кузманов.
Идејата е секоја инстутиција да добие и свои кориснички групи и корисници со цел да можат да известат доколку некој проблем бил надминат или доколку сакаат да искомуницираат со пријавувачите. Мапата ќе се надградува со наредни проекти, да биде што подолгорочна, а во иднина и во подобра соработка со државните органи.
Проектот „Да зборуваме за климатските промени“ е финансиран од Европската Унија.