Агенцијата за поддршка на претприемништво објави јавен повик за спроведување на стандардизирани менторски услуги за мали и средни претпријатија, кој ќе биде отворен до 29 април годинава.
Услугата – менторство е бесплатна, а се релизира според методологијата што АППРСМ ја разви во соработка со Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и има за цел да обезбеди сеопфатна поддршка за непречен развој и подобри деловни резултати на економските субјекти во земјава.
Заинтересираните стопанственици ќе имаат на располагање обучено стручно лице – ментор, кој ќе работи директно со сопственикот/менаџментот на претпријатието.
„Услугата се однесува на бесплатно менторство за новооснованите мали и средни претпријатија, не постари од 3 години од денот на објавување на Јавниот повик како и постоечки претпријатија, со бизнис подолг од 3 години (регистрирани пред март 2018 година), кои се наоѓаат во клучен момент за нивен понатамошен развој или опстанок на пазарот“, информираат од Агенцијата за претприемништво.
Право на учество имаат компании кои се регистрирани во земјава со доминатно домашен капитал, да ги имаат подмирено сите давачки како даноци и придонеси, да немаат деловна активност во воената индустрија и да не организираат игри на среќа.
Пријавите со целокупната документација се доставуваат лично или по пат на пошта до надлежните регионалните центри во Скопје, Битола, Куманово, Тетово, Велес, Струмица и Охрид со назнака: „Барање за јавен повик за менторски услуги во 2020 година”.
Обрасците за пријавување се достапни на веб-страницата на АППРСМ: http://www.apprm.gov.mk/Javen_Povik-Mentorstvo, и https://www.facebook.com/mentoringmacedonia/
За подетални информации, сите заинтересирани можат да се јават во регионалните центри или АППРСМ преку е-пошта, mentoring@apprm.gov.mk.
(МИА)
(фото: Flickr)