Хакатонот е одличен начин за креативно изнаоѓање на решенија, за конкретен општествен проблем преку повеќечасовни настани на кои луѓе од различни професии работат споделувајки меѓу себе знаења и вештини со крајна цел доаѓање до готов производ кој се очекува да реши некој општествен проблем.
Два вируелни хакатони во декември минатата година се организираа во Скопје под името ReFRESH Agriculture&Tourism, а во организација на Студентскиот парламент на ФИНКИ на кои активно учество зедоа студенти од ФИНКИ, Факултетот за туризам и информатика при УТМС и Факултетот за земјоделски науки и храна, на кои учесниците во тимови работеа на конкретни софтверски решенија применливи во земјоделието и туризмот.
Активноста се реализира со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.
Леона Илиева, студентка на Факултетот за информатичкии науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ), е дел од победничкиот тим на хакатонот за туризам, кој изработи платформа на која туристичките агенции ќе можат да се промовираат споделувајќи ги нивните понуди за туристички тури.
Новинар – Даниел Шикоски
„Решението со кое нашиот тим победи на ReFRESH:Tourism хакатонот беше платформа на којашто туристичките агенции ќе имаат можност да ги споделуваат нивни тури и патувања, па така корисниците ќе можат полесно да си го најдат идеалното патување. Освен тоа ќе имаат можност и да прочитаат нешто повеќе за најпознатите туристички атракции во Македонија и интересни факти за нив.
На кој начин оваа платформа ќе им помогне на туроператорите?
Овој сајт би им бил од корист на туроператорите бидејќи ќе им биде автоматизиран начинот за известување на соработниците за резервации за одредена тура и затоа што ќе може лесно да се промовираат и ќе можат да се покажат во најдобро светло. Очекуваме ова да ја подобри нивната конкурентска предност со што сметаме дека би се зголемил квалитетот на туристичките агенции. Притоа, нашиот производ би претставувал минимален трошок за туроператорите затоа што ќе плаќаат само годишно членство на платформата.
Дали според вашите анализи има интерес кај туроператорите за вашиот производ?
Пред почетокот на настанот имавме состаноци со компании од секторот туризам, една од компаниите ја укажа потребата од ваква платформа. Со оглед на тоа што идејата доаѓа од самите туроператори сметаме дека ќе има интерес.
Дали вашиот производ е технички-технолошки пристапен до целната група?
На нашата платформа може да се пристапи од било кој уред кој е поврзан на интернет и притоа користењето на истата е доста едноставно. Со оглед на тоа дека граѓани од сите возрасни групи користат смартфони, мислиме дека целата таргет група ни е опфатена.
Дали покрај туроператорите од вашиот производ би имале корист и самите туристи?
Да, туристите би имале многу голема корист бидејќи ќе имаат можност на едно место да имаат тури до различни локации и од различни тур оператори, па наместо да отвораат различни агенции и да споредуваат сами понуди сега ќе може да ги имаат истите на само една страна. Дополнително ќе можат да прочитаат нешто повеќе за различни места низ Македонија и тоа ќе може да им даде идеја каде следно би патувале.
Кои се предизвиците со кои очекувате да се соочите за време на развојот на вашата идеа?
Реализацијата на самата идеја е во завршна фаза, од IT аспект немавме проблеми при изработка на платформата, а исто така и од туристички аспект сè помина во ред благодарејќи на нашата колешка од факултетот за туризам која има богато искуство во овој сектор. Соработката со менторите и колегите од Факултетот за туризам ни одеше одлично, менторот ни помогна во оформување на идејата и прецизирање на некои детали за време на менторските сесии, а колегите постојано ни беа достапни и ни помагаа за прашања од секторот за туризам кои на нас не ни беа баш познати.
Дали очекувате дека пандемијата со Ковид-19 би влијаела врз вашата идеја?
Да, моментално нашата идеја нема голема примена поради забраните за групирање и организирање на патувања. Се надеваме дека за брзо време ќе се промени ситуацијата и ќе можеме да им помогнеме на туроператорите полесно да работат.
На 20 април 2021, со почеток во 11 часот, Студентски парламент ФИНКИ организира онлајн настан на кој победничките тимови на хакатоните #REFRESH Agriculture & Tourism ќе ги претстават своите идеи пред бизнис секторот и потенцијални корисници од секторите земјоделство и туризам. Повеќе информации за настанот: https://www.facebook.com/events/185809760050135/