Научниците најдоа начин за намалување на загадувањето од микропластика со помош на бактерија

- Advertisement -

Микробиолозите пронајдоа одржлив начин за отстранување на загадувачката микропластика од околината – бактерија, пренесува „Гардијан“.

Бактериите природно растат во група и се задржуваат на површината, процес при кој се создава леплива состојка наречена „биофилм“ која може да ја забележиме секое утро кога миеме заби и се обидуваме да го отстраниме забниот плак. Научниците од Политехничкиот универзитет во Хонг Конг, сакаат да употребат  бактерија и да создадат леплива микроба која ќе лови микропластика во загадени води, при што ќе се формира лесно рециклирачка маса.

- Advertisement -

Иако овој пристап кој за првпат беше претставен на вчерашната Конференција за микробиологија, е во рана фаза, ваквиот пронајдок може да го отвори патот за одржливо и долготрајно намалување на загадувањето од микропластика, преку користење на материи од природата.

„Многу е важно да се се создадат ефективни решенија кои ќе ги уловуваат, собираат и рециклираат микропластиките за да се сопре пластификацијата на природната околина“, изјавила Силвија Ланг Ли, научничка по микробиологија на универзитетот, која е предводничка на истражувањето.

- Advertisement -

Микропластиките се мали парчиња пластика, помали и од пет милиметри кои случајно се испуштени во околината при производство и распаѓање на пластиката, односно најлонските ќеси или пластичните шишиња. Но, микропластиката се создава и при перење на синтетички материјали, користењето на козметика за хигиена, како на пример пилинзите.

Иако микропластиката е ситна, штетата која ја предизвикува на околината е огромна. Микропластиките не се разградуваат многу лесно, па се задржуваат многу долго време, при што исто така апсорбираат и испуштаат штетни материи. Преку одводите, тие завршуваат во океаните и претставуваат опасност за водниот свет, особено животните кои ги јадат, за на крај, преку синџирот на исхрана да станат и закана за човекот. Микропластиката била пронајдена во над 114 водни видови во 2018 година, а истовремено била пронајдена и во солта, марулите и јаболките.

- Advertisement -

И покрај тоа, сè уште не е пронајден ефективен начин за уништување на микропластиката.

Преку новото истражување, тимот на Ли создал бактериски биофилм од бактерија наречена „Pseudomonas aeruinosa“ која има способност да ги запре и залепи микропластиките кои лебдат во водата. Ваквите микроби ги уловуваат и собираат микропластиките, кои подоцна од тежината потонуваат на дното на водата. Потоа, научниците ќе може да ги одделат микропластиките од бактериските „стапици“ при што собраниот материјал ќе биде подготвен за рециклирање.

„Ова е навистина иновативно и возбудливо користење на биофилмот за да се делува против загадувањето од пластика. Едно од најтешките предизвици кога се работи на ова поле, е уловувањето на толку ситни делчиња кои и понатаму можат да се распаѓаат во природата. Ли и нејзиниот тим покажаа едно навистина елегантно решение за овој проблем, кое има голем потенцијал за понатамошна употреба“, изјавила Џоана Садлер, научничка од Универзитетот во Единбург.

Сепак, експериментот е во многу рана фаза. Најпрво треба да се тестира во лабораторија. Бактеријата „aeruginosa“ може да предизвика болести кај луѓето и не може да биде употребена за големи проекти. Но, научниците сметаат дека организмот може да биде и некој друг вид на микроб, кој ќе се најде во водните површини.

Извор – Радио МОФ

Сподели!
- Advertisement -