Бошко Нелкоски: Нашиот органски лешник влезе во најголемиот швајцарски синџир на маркети! На ред е освојување нови пазари!

- Advertisement -

Нелкоски Органик Фуд е македонска комапнија лоцирана во с. Дрслајца Струшко, која произведува органски лешник со врвен квалитет. Од истиот прави путери и намази, кои завршуваат на македонскиот и на европските пазари. Брендот на ЗАУМ путерите и лешниците се нивна креација со која сакаат да го задржат највисокиот квалитет, но и традиционалниот вкус на домашно печен лешник. 

Нелкоски Органик Фуд е компанија пример за начин на водење на млада, иновативна компанија од областа на прехранбената индустрија и агро индустријата која за кратко време успеа да направи силен пробив на европските пазари. 

- Advertisement -

Бошко Нелкоски – сопственик на оваа компанија, зборува за почетоците и за можностите кои ги искористиле за да стигнат до можноста за извоз и продажба на производи во европските земји. 

Новинарка: Љубица Ангелкова

- Advertisement -

Господине Нелкоски, како стигнавте од мал производител на лешник до преработувачки капацитет и продажба на лешник на швајцарскиот пазар и промоции дури и од страна на Швајцарската амбасада? 

Пред самото започнување со работа, направив добра анализа на реалната состојба во оваа област и поставив главни точки и очекување каде се гледам после 10 години. Во едно интервју уште во 2015 година кажувам дека се гледам како извозник на големите европски пазари и производител на македонска нутела и намази и путери од лешник. 

- Advertisement -

Од истражувањето забележав дека производството на лешник во Македонија е многу мало и најголем дел од лешникот што се конзумира кај нас е од увоз. Согласно анализата, проценката беше дека лешникот произведен во Македонија може да е конкурентен и да се пласира добро и на нашиот и на европскиот пазар.  
Преку ПУМ поддршката од холандската амбасада и влада, добив бесплатна експертска помош од професор од врвниот факултет Вагенинген од Холандија. Тој ми даде насоки како за одгледување така и за развој на финален производ и отворање на нови пазари и сертификации. 

На возвратната посета во Холандија, стапив во контакт со организацијата на производители од Холандија и видов во која насока ќе продолжи да се развивам. Така се решив за производство на краен продукт – путери и намази од лешник.  

После тоа, преку програмата ИПАРД добив поддршка за земјоделска механизација. Од програмата на Австриската развојна агенција добив поддршка за изградба на сушари за природно сушење на лешник. Од Швајцарската развојна фондација и програмата ИМЕ обезбедив неколку машини кои допринесоа за достигнување на квалитетот потребен за швајцарски пазар. Преку Фондот за иновации добивме сериозна поддршка во подигање на компанијата на ниво да може да обезбедиме сертификација за врвни европски сертификати како: 

– МК и ЕУ органски сертификат 

– Халал  

– ИСО 22000 

– ХАСАП 

– ИФС Глобал Маркет  

– Био Свис, за швајцарскиот пазар.  

Со тоа нашата компанија го подигна нивото на квалитет и следливост на производството. Дополнително од ФИТР во истиот проект како втора значајна компонента беше и развој на продукти, делумна дигитализација и отворање на онлајн продавница https://zaumorganic.com/product/. Третата компонента од проектот на ФИТР беше делот за нови машини со кои можевме да постигнеме поголемо производство кое би заминало и за извоз.  

Од страна на нашите партнери во Австрија и Швајцарија, повторно обезбедивме поддршка. Тоа беше преку Фондот за поддршка на добавувачи на швајцарски COOP. Тие ни дадоа поддршка со една машина и експертска помош на професор, експерт од областа на растителното производство.  

Последно искористивме и поддршка од државата преку Инвест Македонија, со што како извозно ориентирана компанија, обезбедивме финансиска поддршка.  

Кои се вашите главните пазари во моментов и раскажете ни поконкретно за успехот со извоз во Швајцарија? 

Многу сме среќни да споделиме со јавноста дека после две години преговори и исполнување на строгите стандарди, ние успеавме да го направиме првиот извоз за Швајцарија. За тоа имаше и официјална објава од Швајцарската амбасада. Извозот е за најголемиот ланец маркети COOP во Швајцарија.  

Очекуваме проширување на соработката со COOP во годините кои доаѓаат. Исто така да напоменам дека ние веќе имаме стратешки договор за соработка со партнери од Австрија. Направен е извоз и во Германија каде соработуваме на редовна база со неколку клиенти. За прв пат оваа 2021 направивме и извоз во Србија, Шведска и Белгија, а очекуваме и сериозна соработка за Бугарија.  

Започнавте од 500 стебла, за сега да имате 11 хектари насади. Дали произведувате само од сопствениот род на лешници или дополнително откупувате?  

Да, започнавме со мал насад, а денес имаме 110 000 м2 или 11 хектари со лешникови насади. Нашите насади се со органски сертификат но и со сертификат за БИО Свис производстство. Ние сме во соработка со доста земјоделци со цел истите да ги подготвиме да произведуваа согласно ЕУ стандардите и Био Свисс стандардот, кој се една од најголемите карти за сигурен откуп на оваа земјоделска култура. 

Голема заслуга за успехот на компанијата има мојата упорност и образование. Имено, јас имам дипломирано на Економски факултет а имам магистратура по компаративна јавна администрација на ЕУ со фокус на искористување на европските фондови. Долги години работам на полето со ЕУ проектите и за мене е познат концептот на проект и проектен менаџмент од практична гледна точка. Запознаен сум со стратешките документи и насоки на ЕУ во областа на развојот на зелени екиномии и иновативни компании од различни области.  

Во својот производствен погон инвестиравте сериозно, а се залагате за зелена економија и нула отпад. Каква технологија користите? 

Да, имаме два сопствени погони. Едниот е за првична преработка на лешник а вториот е за фина обработка. Нашата компанија користи современа технологија за преработка за која доби и поддршка од Фондот за иновации ФИТР, од Швајцарската агенција за развој и соработка и од Австриската развојна агенција.  

Нашата производна линија моментално има машини од Шпанија, Германија, Италија, Турција, Хрватска, Кина и други земји.  

Зелената економија и НУЛА отпад е многу значаен дел од нашата бизнис стратегија. Ние произведуваме храна и имаме НУЛА отпад. Целиот отпад од лешникот се користи повторно за прихрана на нашите насади. Дополнително, со цел да се намали загадувањето и да не оставаме јаглероден отпечаток, а се во насока и на европските вредности и насоки кон зелена економија, инсталиравме сопствена мала фотоволтаична централа. Во однос на насадите, преку имплементација на стандардот Био Свис, ние оставаме и 7% од сите наши имоти за природата. Тоа се делови од имотите кои не се работат и се оставаат за заштита на биодивезитетот. 

Колкава палета на производи има во моментов под брендот Заум органик? 

Моментално имаме скромна, но фокусирана кон успех палета на производи која може да ја видите на www.zaumorganic.com на нашата веб страница и нашата онлајн продавница. Од скоро започнавме соработка и со други органски производители од Македонија и очекуваме наскоро да имаме и путер од бадеми и од кикирики, мед и други продукти со органски квалитет.  

Нашите путери и намази се правени според строги стандарди. Се користи само најдобриот лешник. Нашите вработени вниматално работат на сите детали на продукцијата на перфектен вкус кој има илјадници бенефити по здравјете. Во нашите производи никогаш не додаваме шеќер, палмино масло или други состојки кои се штетни по здравјете на човекот. Затоа нашите путери и намази се барани од голем број на спортисти, доктори, нутриционисти и други индивидуи и семејства со малечки деца.  

Што е следно? 

Поддршка на базата на производители: Веќе ни е проектирана поддршка на земјоделци преку нивна сертификација за органско производство. Тоа е со цел да се зголеми базата на добавувачи и поддршка на локалните производители. 

Присуство на домашен пазар: Ние како компанија сме насочени и кон домашниот пазар. Присутни сме во ДМ макрети а потпишан е договор и со ТИНЕКС и наскоро очекуваме да ги има нашите производи во сите тинекс маркети низ земјата.  

Инвестирање во нови видови на лешник: Ние цело време следиме каде се движи светот и сакаме да бидеме во тек со тој напредок. За таа цел, направивме промена на дел од нашите насади со најновиоt вид на лешник Тонда Франческана, кој е најдобра сорта на лешник во светот во овој момент, според родност, квалитет и отпорност на временски непогоди. Тоа е еден вид мајбах во светот на лешниците.   

Moже да најавам дека очекуваме нова поддршка преку донатори за изработка на нов производ за кој се надевам ќе може да ви се пофалиме во некое следно интервју.   

Нелкоски Органик е семеен бизнис кој започна пред десттина година. Приказната е поврзана со дедото Спасе. Како? 

Дедо Спасе е наш директен предок за кој сме слушале многу приказни. Се зборува дека тој поминал доста време во различни држави на печалба и донел многу приказни и истории од светот. Исто така, во семејниот двор лешникот бил присутен долго време. Се користел за јадење сиров, но и печен а истиот кршен го ставале и во различните лебови кои ги печеле во својата семејна фурна. Една од приказните од дедо Спасе е за значењето на лешникот врз неговиот ум, и врз физичката спремност. Тоа некогаш било приказна а денес е докажан факт. Денес и медицината докажа дека лешникот има силно дејство врз мозокот и неговите функции но и врз мускулите и телото. Името ЗАУМ потекнува од дедо Спасе и неговите приказни.  

Веруваме дека емоцијата има многу важна улога при секоја работа а пред се при производството на храна. Произведуваме храна со срце бидејќи веруваме дека секој производ мора да е направен со многу внимание, со многу љубов и енергија. Само така, производот ќе допринесе најмногу за оној кој ќе го конзумира.  

А од каде доаѓа специфичното име ЗАУМ? 

ЗАУМ потекнува од легендата за дедо Спасе и ја дава суштината на продуктот и неговата вредност, а тоа е за човечкиот УМ и тело. ЗАУМ е производ за умот и телото кој ви дава енергија и виталност за многу предизвици со кои се соочуваме на дневна основа.  

ЗАУМ Е ФИЛОЗОФИЈА ЗА ПРАВИЛНИОТ НАЧИН НА ИСХРАНА НА ТЕЛОТО И УМОТ. 

ЗАУМ Е ДУШАТА НА ДОЛГОВЕЧНОСТА. 

ЗАУМ Е ДЛАБОЧИНАТА НА ЕЗЕРОТО И СЈАЈОТ НА СОНЦЕТО. 

ЗАУМ Е СИНОНИМ ЗА ПРЕМИУМ ОРГАНСКИ ПРОИЗВОДИ. 

ЗАУМ Е МУДРОСТ. 

ЗАУМ СТЕ ВИЕ!

Сподели!
- Advertisement -