Ширум САД почна едно движење кое инспирираше многумина да му се приклучат. Идејата е едноставна – плетење на подлоги за спиење и перници за бездомниците користејќи ги пластичните кеси кои се уште се користат во голема количина по маркетите и другите продавници.
Луѓето ги собираат кесите во различни бои и потоа она што за некој претставува ѓубре за друг станува многу посакувана перница, ќебе или душек за спиење. Така волонтерите секој понеделник, среда и петок го поминуваат своето време во Северна Каролина.
Досега волонтерите во Северна Каролина имаат направено 300 душеци за спиење од пластични кеси и ги донирале на добротворни организации. Тие ја инспирирале и 13-годишната Делејни Хау од Калифорнија да го прави истото. Таа плете душеци од пластични кеси и за секој душек и требаат околу 700 кеси.
Постари жени од Флорида, пак, плетат чанти и држачи за шишиња од пластични кеси кои потоа ги продаваат, а плетат и душеци за бездомници. Парите од продадените производи, пак, ги донираат на државниот парк.
Речиси 40% од произведената пластика е наменета за амбалажа, која се користи еднократно и потоа се фрла. Американците, на пример, користат 100 милијарди пластични кеси годишно, за чие производство се трошат 12 милиони барели нафта. Повеќе од 3,5 милијарди тони пластичен отпад секоја година завршуваат во океаните и убиваат илјадници морски животни така што се заглавуваат во нивниот дигестивен систем.
(Waste-Ed)
(фото: Pixabay)