Бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина денар по литар, а цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) останува на исто ниво, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Новата цена на литар ЕУРОСУПЕР БС -95 ќе изнесува 67,50 денари, 69,5 денари ќе чини литар ЕУРОСУПЕР БС -98, а 60 денари ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V). Екстра лесното 1 (ЕЛ-1) и натаму ќе се продава по 59 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ, малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,262 денари за килограм и ќе изнесува 33,881 денари.
Зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати во просек е за 0,62 проценти во однос на одлуката на РКЕ од 25 месецов.
„Во изминатиот седумдневен период сите референтни цени на светските берзи во просек бележат зголемување: бензинот за 1,853 проценти, дизелот за 1,775 проценти и екстра лесното масло за 1,822 проценти и кај мазутот зголемувањето е за 1,395 проценти. Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,262 проценти“, наведува Регулаторната комисија за енергетика.
(МИА)
(фото: Pikist)