Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, кој е во неколкудневна посета во Цирих, оствари средби со претставници на политичкиот и економскиот живот во Швајцарија, при што се разговараше за воспоставување заедничка стопанска комора.
Како што соопшти Кабинетот на Битиќи, вицепремиерот посредуваше во воспоставувањето на Македонско-швајцарска стопанска комора, со која ќе се придонесе за интензивирање на економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Швајцарската Конфедерација, а воедно беа презентирани и можностите и поволностите за инвестирање во нашата земја пред повеќе швајцарски компании.
– Со воспоставување на стопанската комора, економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Швајцарија ќе се развива со поголем интензитет, а со тоа и ќе се создадат многу нови можности за идни соработки и реализации, посочи Битиќи.
На средбата беа дискутирани и можностите за пласирање на домашните производи и компании на швајцарскиот пазар.
– Првпат во историјата на нашите билатерални односи, се конкретизираат нашите заложби и напори за поголема економска соработка преку воспоставување билатерални односи. Стопанската комора, која ќе има оперативини канцеларии во двете земји, ќе претставува нов мост кој ќе ги зацрвсти и продлабочи економските реалации помеѓу двете земји, потенцираше Битиќи.
Како што се наведува во соопштението, на средбите со претставници на швајцарските компании, вицепремиерот Битиќи ги презентираше поволностите и можностите за инвестирање кои се нудат преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Законот за стратешки инвестиции, при што, од страна на претставниците на швајцарските компании, е искажан првичен интерес за инвестирање во нашата земја.
(МИА)
(фото: Flickr)