Претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, освен што ја легализираше употребата на биткоин, им понуди 30 долари во таа криптовалута на сите жители кои ќе се пријават за користење на дигитален паричник.
Владата ќе креира свој посебен биткоин паричник наречен Chivo, што е сленг за „кул“ во Ел Салвадор, истакна Букеле во своето обраќање во четвртокот. Парите ќе бидат префрлени на сметка на секој жител кој ќе го симне паричникот и ќе се регистрира како корисник со својот телефонски број и број на лична карта.
Законот со кој се легализира употребата на биткоин ќе стапи на сила на 7 септември. Букеле ги повтори своите аргументи во прилог на одлука. Тој рече дека криптовалутата ќе помогне да се привлечат повеќе инвестиции, да се поттикне потрошувачката и да се намалат трошоците за сите Салвадорци кои работат во странство, а своите пари ги праќаат дома. Но, банкарските сметки во долари и понатаму ќе останат во долари и платите и пензиите ќе продолжат да се исплаќаат во долари.
„Зошто го создадовме овој закон? Затоа што биткоин има пазарна капитализација глобално од 600 милијарди долари и ако го направиме ова, инвеститорите и туристите кои поседуваат биткоин ќе дојдат во нашата земја и ќе им помогнат на Салвадорците и на нашата економија“ вели Букеле.
Корисниците ќе можат да плаќаат со биткоин за производи чија цена е наведена во долари, но ако сопствениците на бизниси сакаат да наплаќаат во долари, можат да изберат во апликацијата Chivo да се претворат биткоините во долари. Тоа ќе биде опционално, објаснува Букеле.
Дигиталниот паричник Chivo ќе биде достапен за симнување во септември и ќе биде компатибилен со други биткоин паричници. Владата ќе обезбеди и обуки за бизнисите за вршење трансакции во биткоин, а ќе работи и на подобрување на интернетот и пенетрацијата на мобилните телефони со цел да питтикне употреба на биткоин.Бизнисите како кои е технолошки невозможно да се примаат уплати електронски ќе бидат исклучени од законот.
(Bloomberg)
(фото: Freepik)