Инженери од МИТ и Универзитетот Харвард развија заштитна маска која за 90 минути може да открие дали тој што ја носи е заразен со корона вирус, известија од Институтот за технологија на Масачусетс.
Во маската се вградени еднократни сензори кои може да се вградат во други маски за лице, а може и да се прилагодат за откривање други вируси. Сместени се во внатрешната страна од маската и може да откријат вирусни честички во здивот и се дизајнирани за корисникот да може да ги активира кога ќе биде подготвен за тестот.
Резултатите се прикажуваат само на внатрешната страна од маската поради заштита на приватноста. Развојот на сензорите почнал пред неколку години, а претходно се користеле за откривање на ебола и зика вирус.
Овој тест е осетлив како и златно-стандардниот многу осетлив PCR тест, а е брз како антигенските тестови кои се употребуваат за брза анализа на КОВИД-19, изјави истражувачот Петер Нгујен од Универзитетот Харвард.
Истражувачите побараа патент за нова технологија и се надеваат на соработка со компании за понатамошен развој на сензорите.
„Се надеваме дека оваа платформа може да поттикне нова генерација на биосензори за итни служби, здравствен и воен персонал“ изјави професорот по медицински инженеринг и науки на МИТ, Џејмс Колинс.
(Zimo)
(фото: Flickr)