Александар Димитриевски: „Био оил“ сочогледовото масло е 100% домашен производ со традиционален начин на ладно пресување

- Advertisement -

Александар Димитриевски е сопственик на малата семејна компанија „Био оил“, која произведува ладно цедено сончогледово масло. Компанијата, во производството користи специфична технологија со која се задржуваат сите корисни состојки, што го прави овој нов продукт единствен на нашиот пазар. Суровината која се користи за производство на маслото „Био оил“ доаѓа од сертифицирани семенски култури кои немаат ГМО и е од домашни производители. Пакувањето е направено од темно стакло со УВ заштита, со што маслото ги задржува својствата недопрени долг период.

Димитриевски, во интервју за „Иновативност“ вели дека со нивниот производ се враќаат на традицијата на производство на масло со ладно пресување, процес во кој се зачувуваат сите хранливо состојки на семето, вкусот и аромата.

- Advertisement -

Разговараше – Сања Наумовска

Александар, кажете ни нешто повеќе за „Био оил“ и како дојдовте на идеја да произведувате ладно цедено сончогледово масло?

- Advertisement -

„Био оил“ е мала семејна компанија која се занимава со производство на високo квалитетни ладно цедени масла за јадење. Исполнуваме висок сертификат ISO9001 /2021 ХАСАП, а нашата работа, производот и квалитетот го контролира Агенцијата за храна и ветеринарство. Производствената линија која ја користи „Био оил“ е од иноксни материјали, садови и пумпи AISI 304, кои се материјали од нерѓосувачки челик и ги исполнуваат европските стандарди за производство на храна.

Во последните години, брзиот индустриски развој предизвика и брз начин на живеење, а со самото тоа се наметна потреба за производство на храна, која во својот состав содржи разни конзерванси и хемиски состојки. Тие го менуваат вкусот на храната на сметка на квалитетот. Ова е проблем на современиот свет и присутен е во речиси сите индустриски процеси на производство на храна. Ние го увидовме тој проблем и сфативме, дека нештата мора да се менуваат и да се подобрува квалитетот на храната. Решивме да произведуваме растително масло користејќи го традиционалниот начин на ладно пресување, а резултат на тоа е 100 % ладно цеденото сончогледово масло „Био оил“.

- Advertisement -

Каква технологија користите во создавањето на ладно цеденото масло?

Методот на ладно цедење, екструдирање, е најздравиот начин да се задржат сите корисни состојки во маслото непроменети, како и сите витамини и минерали што се наоѓаат во семето. По екструдирањето, нашето сончогледово масло гравитационо се филтрира при што му е дозволено природно да се смири и на тој начин се зачувуваат вкусот и аромата. Потоа се врши микронско филтрирање при кое користиме природни био сертифицирани филтри. Нашето масло не содржи тешки метали, пестициди, адитиви или конзерванси. Пакувањето е направено од темно стакло со УВ заштита за да не допрат сончеви зраци во маслото. Користиме алиминиумско капаче со внатрешен дозер како би се олеснило сипувањето на маслото. „Био Оил“ има одговорност кон природата, така што маслото го пакува во стаклена амбалажа која има бесконечно можности за понатамошно рециклирање. Со имплементација на овие постапки ги исполнуваме перформансите за биопроизвод кој е за прв во нашатата земја.

Соработувате со локални производители и суровината ја набавувате на домашниот пазар. Задоволни ли сте од квалитетот?

Ние знаеме дека имаме поднебје и почва кои се погодни за производство на здрава храна, со тоа што ги имаме сите годишни времиња кои даваат значително квалитетни земјоделски производи. Нашиот бренд „Био оил“ го создадовме за да ги искористиме висококвалитетните маслодајни семиња за производството на природна и нетретирана храна. Настојуваме да постигнеме врвен квалитет и на тој начин допринесуваме и за развој на земјоделството, но и за развивање на свеста за користење на органски продукти во секојдневната исхрана. Целта ни беше да направиме автентичен производ и да го задржиме природниот вкус и арома на маслото. Маслото кое го произведуваме има контролиран производствен процес од самото одгледување на маслодајната култура, до моментот на создавање на готов производ. Со ваквиот начин на производство ние ќе бидеме во компаративна предност во однос на квалитетот на маслото.

Колкав е капацитетот на производство на „Био оил“ во моментот и каде планирате да го пласирате вашиот производ?

Имаме капацитет да произведеме 52.000 литри ладно цедено масло месечно во оптимални услови. Освен маслото, како нус производ се добива погача и масен талог, кои се високо протеински и наоѓаат примена во сточната исхрана. На почеток, ладно цеденото сончогледово масло ќе се пласира на домашниот пазар, а во блиска иднина работиме на тоа да постигнеме капацитет за да се претставиме и на светскиот пазар.

Дали искористивте помош од некои фондови или друг тип на поддршка  што ја дава државата во започнувањето на вашиот бизнис?

Во овој дел имавме големи проблеми, поради што единствена солуција ни беше потрошувачки кредит од комерцијалните банки. Со многу волја и огромна енергија, користејќи ги истите оскудни средства, а притоа потпирајќи се на нашите вештини и способности, успеавме да ја реализираме нашата визија и да создадеме модерна фабрика со високи стандарди. На крај имавме поддршка од Агенцијата за вработување, која ни одобри скромен кредит за самовработување.

Како планирате во иднина да го развивате вашиот бизнис?

Очекуваме дека со развој на нашата дејност ќе придонесеме за развој на земјоделскиот сектор, кој ќе произведува маслодајни култури под наше менторство. На овој начин настојуваме да ги мотивираме земјоделците за максимално искористување на обработливите земјоделски површини. Иновација што ја планираме во блиска иднина е линијата за производство на ладно цедено масло од семки од грозје, а нус производот ќе се користи за пелети за затоплување на домовите.

Сподели!
- Advertisement -