На седницата на Главниот координативен кризен штаб на Владата од страна на ресорното министерство било предложено образовниот процес да се одвива со физичко присуство, со исклучоци, информираат владините служби.
„На предлог на Министерството за образование и наука, на денешниот состанок на ГККШ, кој го водеше премиерот Заев беше оценето дека се создадени услови, почетокот на новата школска година да биде со физичко присуство на учениците, освен за одделни исклучоци, кои ќе бидат стриктно наведени во Одлука која ќе биде донесена на наредната Владина седница“, стои во владиното соопштение.
Во прилог на заклучокот за почеток на училишната година со физичко присуство, според членовите на ГККШ е големиот број на вакцинирани наставници и училишен кадар (моментално 60 проценти се вакцинирани, а се очекува до септември зголемување до 80% вакцинирани од вкупниот број вработени во училиштата), информираат од Владата.
Во оваа насока, како што се додава од таму, се и протоколите, изработени од епидемилози, кои веќе се донесени за настава со физичко присуство, а се однесуваат на носење маски и редовно проветрување на просториите каде се одржува наставата.
„На состанокот беше заклучено дека и кај вработените во градинките и кај останатиот персонал продолжува вакцинацијата, а моменталниот процент е 60 проценти“, потенцираат од Владата.
(Denar.mk)
(фото: Wikimedia)