Марјан и Горан од крафт пиварницата „Бакревски“ го произведоa првото безалкохолно пиво во земјава!

- Advertisement -

Марјан Бакревски е професионален музичар и професор по музика, но и пивопиец, кој љубовта кон овој пијалок ја претвора во бизнис. Заедно со брат му Горан и со семејството, за кои вели дека му се најблиските соработници, ја води крафт пиварницата Бакревски во Битола.

Приказната започнала со желбата да се пие убаво, ароматично и квалитетно пиво. Тоа, вели Марјан, излегло дека е полесно да направи, отколку да се најде и да се купи. Заради тоа во последните неколку години тој и семејството се посветени на едукација. Посетуваат курсеви, дегустации, читаат книги, следат онлајн презентации………. Резултат, засега, се две одлични крафт пива и едно безалкохолно, кое наскоро ќе се најде на рафтовите на Тинекс. Марјан, во интервју за Иновативност вели дека ниту еден сон или идеја не се недостижни. Потребни се само работа и едукација.

- Advertisement -

Разговараше – Сања Наумовска

Марјан, во рамките на проектот Стартап херои, едно од вашите пива ќе се најде на полиците на Тинекс. Кажете ни за каков производ се работи?

- Advertisement -

Станува збор за првото безалкохолно крафт пиво во Македонија. Тоа што е веќе почеток на еден нов тренд во светот, e почеток и кај нас. Овој пат нема да заостанеме зад светот бидејќи се работи за производ кој е иновативен по себе. Ќе се произведува со користење на последните био-технолошки методи за производство на безалкохолно крафт пиво. Нагласувам „крафт“ бидејќи, освен технолошкиот процес на производство, нема да се користат машини и помагала за екстракција на алкохолот или додатоци на мирис, вкус или боја.

Бидејќи готовиот производ не се обработува, сите квалитетни состојки од пивото се останати во него, само е избегнат алкохолот. Затоа ова пиво го препорачуваме на спортисти, луѓе кои се хранат здраво, трудници, млади и секој љубител на пиво кој сака да пие пиво без алкохол.

- Advertisement -

Зошто се одлучивте токму за безалкохолно пиво?

Ние веќе шест-седум години произведуваме повеќе врсти на пива со од 4.5 до 5.9 проценти алкохол. Сакавме да направиме производ кој ќе ги задржи квалитетите на крафт пивата кои веќе ги произведуваме, а да го избегнеме алкохолот. Производот кој го добивме беше пиво полно со ароми, вкус и тело, со помалку од 0.5 проценти алкохол, со што се категоризира во групата на безалкохолни пива. Во процесот на производство не се додаваат засилувачи на вкус, алкохол, боја или екстракти.

Кои се другите производи од вашата пиварница и каде се продаваат?

Официјално, ги произведуваме пивата Пејл Елј и Стаут пиво, и двете произведени само од вода, јачмен, хмељ и квасец. Користиме 100 отсто природни состојки. Засега малите количини ги конзумират наши пријатели, роднини и самите ние, но во скоро време ќе бидат достапни на некои од рафтовите низ Македонија. Во прво време планираме пивата да ги има во Битола во пабови, ресторани и кафе-барови, па потоа да се шириме во другите градови во Македонија. Секако, скоро го очекуваме и безалкохолното пиво во Тинекс.

Од каде интересот, љубовта кон пивото и идејата да се отвори крафт пиварница во Македонија?

Дома пиеме пиво. Сакавме да купиме пиво што е квалитетно, здраво, свежо и да нема главоболки следниот ден. Беше полесно да направиме одколку да најдеме. Кога почнавме да го споделуваме со пријатели, тие добија тоа што го баравме ние, па моравме да размислуваме за поголемо производство. Тука решивме дека е време да се зголеми производството, со што пополека прераснавме во мал бизнис.

П.С.  Крафтот не заштитува од главоболки, со исаф.

Сподели!
- Advertisement -