Утре, на 3 октомври во Штип во рамки на Skopje fashion week ќе биде претставен проектот „Кружната економија како модел за решавање на текстилниот отпад во Општина Штип”. Освен што ќе се дебатира за идејата текстилниот отпад да се претвори во производи со додадена вредност, пред публиката ќе се прикажат и креациите на доц. д-р Сања Ристески од Технолошко-техничкиот факултет на Универзитетот Гоце Делчев во Штип, направени од текстилен отпад.
Овој проект, поддржан од ГЕФ ПМГ во Република Северна Македонија, го реализираат здружението ИНО ТЕХ КЛУБ Штип, Универзитетот Гоце Делчев Фондацијата за развој на локалната заедница Штип со клучна цел решавање на текстилниот отпад во најголемата текстилна општина во земјава. Отпадот искористен за производство на првите количини јоргани и перници е од конфекцијата Штиптекс.
„Овој проект има амбициона, но достижна цел – решавање на 6 тони текстилен отпад на годишно ниво. Од ГЕФ ПМГ ја добивме потребната опрема, која заедно со нашето знаење и креативност ни овозможија од отпадот да креираме производи со додадена вредност. Зголемувањето на свеста за совесно управување со отпад и промоција на кружната економија во нашата земја се уште една важна придобивка од оваа иницијатива. Традиционалната економија е базирана на принципот: земи, направи, употреби, фрли и загади е модел кој го напуштаат многу земји и го заменуваат со новиот регенеративен пристап наречен кружна економија“, вели д-р Игор Јорданов, професорот на Технолошко-металуршки факултет во Скопје и координатор на овој проект.
Настанот ќе се одржи на 3 октомври (недела), на платото пред Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип со почеток во 17 часот. Тој ќе вклучува дебата на која ќе зборуваат м-р Златко Самарџиев, национален координатор на ГЕФ ПМГ во Република Северна Македонија и д-р Игор Јорданов, професорот на Технолошко-металуршки факултет во Скопје под модераторство на м-р Дијана Насева, Универзитет Гоце Делчев од Штип, асистент на проектот, како и ревија на производите од текстилен отпад.