Македонскиот иновативен систем HEALTH eGuard мери притисок и шеќер во крвта и ги информира лекарите! Веќе е во функција и може да се проба!

- Advertisement -

Иновативниот систем HEALTH eGuard на македонската фирма „Ангор АГ“ може да следи повеќе здравствени параметри на пациенти, како што се нивото на шеќер во крвта, крвен притисок, пулс, кислород во крвта или температура и за резултатите и евентуалните отстапувања од нормалните вредности да ги информира лекарите. Системот е веќе функционален и имплементиран во неколку градови, преку аптеките, каде што пациентите можат на лице место да ги измерат овие вредности или да земат опрема и мерењата да ги направат дома.

Целта, вели првиот човек на „Ангор-АГ“, Атанас Гоџоски, е проектот да има позитивнo влијание на состојбите во општеството, преку обезбедување на полесен пристап на луѓето до дијагностички методи и медицинска грижа. Тренд во светот е превентивната дијагностика што повеќе да се доближи до пациентот, а „Ангор АГ“ и HEALTH eGuard целат тоа да го направат што поедноставно и поевтино.

- Advertisement -

Разговараше – Сања Наумовска

Г-дин Гоџоски, вашиот систем HEALTH eGuard на корисниците им овозможува во секој момент да следат повеќе параметри кои се важни за нивното здравје. Објаснете ни како поточно функционира?

- Advertisement -

HEALTH eGuard е комбиниран хардверско-софтверски систем кој има капацитет да се поврзе со различни типови на уреди кои мерат медицински и други параметри без разлика на нивниот тип на комуникација (блутут, усб, …), да ги прочита и меморира вредностите на измерените параметри и истите преку ЛТЕ комуникација да ги испрати на клоуд апликација. Вака испратените податоци, преку соодветни клауд и мобилни апликации постојано се прегледуваат од страна на доктори-специјалисти по кардиологија и ендокринологија. При детекција на влошување на некои од медицинските параметри, преку интегрирана апликација за алармирање можат да се предупредат пациентите за потребата од итен или превентивен медицински преглед. Исто така, системот има интегриран модул за комуникација преку кој корисниците може да се консултираат со избрани доктори-специјалисти, да испраќаат документи, на пример резултат од лабораториски преглед на крвна слика. Мобилната апликација, која е дел од HEALTH eGuard, овозможува персонализиран приказ на медицинските параметри и општата здравствена состојба на секој пациент, кој е корисник на системот.

Накратко, HEALTH eGuard е иновативна, отворена хардверско – софтверска платформа на која ќе може да се поврзе секој медицински мерен уред кој има можност за комуникација и неговите податоци да се преземаат, меморираат и испраќаат во облак, за понатамошна стручна медицинска анализа, визуелизација и сл.

- Advertisement -

Колку време го развивате HEALTH eGuard и зошто се одлучивте токму за ваков тип на платформа?

Како резултат на нашата вклученост во консултации за можната примена на телемедицината во здравствените системи и анализата на Virtual First  и на Point-Of-Care концептите во медицинска дијагностика со кои, преку различни теле-медицински услуги, населението ќе има поголем пристап кон медицински услуги, дојдовме до идеја да го креираме и да го имплементираме HEALTH eGuard како телемедицински систем за превентивна здравствена заштита и рана детекција на кардиоваскуларни болести и дијабетес.

Главните цели на HEALTH eGuard се насочени кон популацијата која нема лесен и брз пристап кон медицински услуги и на која може да им овозможи основно превентивно следење на битни медицински параметри и рана детекција на влошување на здравствената состојба. Наша цел е системот да употребува евтини и лесно набавливи уреди за мерење на медицински и други параметри, исто така, да биде лесно проширлив од аспект на додавање на нови параметри кои би се следеле. Исто така, идејата беше со употреба на модерни технологии да се подигне нивото на превентивната заштита на населението, без големи вложувања во човечки, материјални, временски и други ресурси од страна на болниците и другите здравствени установи. Развојот на HEALTH eGuard беше финасиски поддржан од ФИТР кои позитивно ја оценија идејата и нејзиното идно влијание. Фондот за иновации, покрај финансиската поддршка ни овозможи и соработка со консултант од Унгарија, Питер Муѓороши, кој ни укажа на неколку бизнис аспекти во развојот на продуктот. 

Кој се може да го користи вашиот систем?

Идејата, на почетокот на креирањето на системот, беше главна таргет група на корисници да биде населението во урбано неразвиените подрачја, каде што пристапот до редовна медицинска помош е отежнат. Овој приоритет се уште е актуелен, но при развојот, особено при комерцијализацијата на системот, а особено со појавата на КОВИД-19 пандемијата, се покажа дека оптовареноста на здравствениот систем е таква што можноста за превентивна дијагностика за целокупната популација е многукратно отежната. Заради тоа, сега сме во фаза на прилагодување и имплеметација на системот од аспект на поедноставен интерфејс, полесно додавање на нови корисници и слично, со што ќе овозможиме аптеките да станат главни точки на грижа каде што корисниците ќе може да се приклучат на системот, да измерат параметри или да изнајмат опрема и мерењата да ги прават во своите домови. Конкретно, системот веќе се имплементира во повеќе аптеки во Скопје, Кичево, Охрид и Струга, со кои почнавме да потпишуваме договори.

Во секој случај, без разлика каде ќе се прават мерењата на параметрите, податоците ќе бидат контролирани од доктори специјалисти, со кои корисниците ќе имаат опција и за кратки онлајн консултации. Претходната година, системот беше имплементиран како главна алатка во прекуграничен проект со Грција, „We Care“,  со кој постојано се следеа медицински параметри на 80 деца и кој даде одлични резултати во детекцијата на влошување на здравјето на децата.

На кој начин пациентите можат да ги измерат посакуваните параметри со HEALTH eGuard?

Една од главните премиси при развој на системот беше да се употребуваат евтини и лесно достапни уреди за мерење на медицински параметри. Во текот на развојот на системот тестиравме над дваесет модели на паметни часовници и нараквици, од познати и непознати производители и со ранг на цени од неколку десетици долари до над 300 долари. Тестирањата ги правеа доктори консултанти во проектот, во болнички услови и со реални пациенти. На крај, избравме два модели на паметни часовници од понизок ценовен ранг кои даваа прецизни резултати, споредливи со професионална медицинска опрема со кои се мерат пулс, кислород во крвта и температура. Ги одбравме и ROCHE ACCU CHEK Instant како врвен произод за мерење на гликоза во крвта и OMROM Intelli M7, исто така врвен и клинички тестиран мерач на притисок.

Во моментов, покрај овие уреди, системот го прошируваме и со развој и додавање на софтверски модул за урино анализа базиран на Analyticon Biotechnologies AG ленти за урино анализа со кој се добива индикација за 11 медицински параметри (Билирубин, Леукоцити, Кетони итн).

Планирате ли нови проекти или проширување на проектот со нови можности за следење на здравјето на пациентите?

Искуството во развојот и имплеметацијата на HEALTH eGuard системот и нашата експертиза во ИоТ (Internet of things) ни отвори и уште еден вектор на развој – да развиеме и систем за теле-ветерина сличен на HEALTH eGuard, со тоа што во овој случај сами ќе ги развиеме и произведуваме и мерните уреди за животните и LoRAWAN комуникационата мрежа преку која уредите ќе комуницираат. Веќе имаме воспоставена соработка со универзитетски професори од Ветеринарен факултет во Скопје и доктори ветеринари, кои не консултираат во развојот на уредите кои во моментов се во фаза на функционален прототип и се спремни за фазата на тестирањње во реални услови.

Во светот веќе има голем број на слични производи и процесите се такви што употребата на вакви телемедицински решенија ќе има постојан и голем пораст. Заради тоа мислиме дека HEALTH eGuard ќе го најде своето место и на интернационалниот пазар, особено што ние инсистираме и HEALTH eGuard е така конципиран, корисникот да биде на прво место. Тоа значи употребата на системот да биде што е можно поедноставна, а вредноста која корисниците ја добиваат да биде јасно видлива и конкретна. Ова веќе е препознаено од неколку интернационални потенцијални партнери, па така сме во првични преговори за имплементација на системот со сопственици на приватни болници во Турција. Имаме и понуда за учество на Б2Б настан во Германија, каде што би направиле средба со потенцијални партнери од Западна Европа.

Сподели!
- Advertisement -