Социјалната мрежа Фејсбук би можела да го смени името следната недела како дел од ребрендирањето на компанијата, објавија странските медиуми, повикувајќи се на добро информирани извори.
Извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг планира да разговара за промена на името на годишната конференција на компанијата Конект на 28 октомври, но новото име би можело да излезе порано, се вели во текстот објавен од технолошкиот блог на „Verge“, пренесува „Гардијан“.
Слично како и ребрендирањето на Гугл под компанијата „Alphabet“, се претпоставува дека ребрендирањето ќе ја стави апликацијата за социјални медиуми Фејсбук како еден од многуте производи во рамките на матичната компанија, која ќе управува со други мрежи како Instagram, WhatsApp, Oculus и други, се наведува во објавата.
Од Фејсбук кратко за Гардијан соопштија дека компанијата „не коментира шпекулации“.
Гардијан потсетува дека Фејсбук, ВатсАп и Инстаграм беа вон функција на почетокот од овој месец неколку часа по рутинското одржување, што резултираше со нарушување на услугата на Фејсбук, вклучувајќи ги и нејзините внатрешни комуникациски и безбедносни услуги.
Фото – Flickr