Марија Бургиева е млада инспиративна девојка. Таа студира меѓународна политика на ФОН, но деновиве во јавноста е препознаена како девојката која најде решение како го надминеме проблемот со отпадот од портокали. Марија, заедно со својот тим, Марко Василев, Матеа Боневска и Марија Арсенкова, се дел од Центарот за социјално претприемништво и одржливост „О-Круг“, носител на идејата за создавање есенцијални масла и ароматизери од лушпи од портокали и едни од победниците на натпреварот на Зелени идеи на АРНО. Неодамна тие се вратија како победници и во категоријата ембрионски идеи од регионалниот натпревар за зелени бизниси „Balkan Green Ideas“, со што уште еднаш добија потврда дека нивната идеја има голем потенцијал.
Во интервју за Иновативност, Марија вели дека веќе размислуваат и за нивната голема цел, „О-Круг“ како бизнис да стане регионален добавувач на природно есенцијално масло од портокал, а како организација, голем поддржувач на младински иницијативи прераснати во други социјални претпријатија со импакт.
Новинар – Сања Наумовска
Марија, објасни ни го концептот на вашиот циркуларен бизнис, искористување на отпад од портокали?
Додека седевме во недела попладнене клупа во парк забележавме многу гајби исполнети со лушпи од цедените портокали испиени дента. Како дете од семејство во кое се зборува за правилен третман на отпад од храна, циркуларност и одржливост, сосема органски ми дојде потребата да се едуцирам повеќе на темата „што со овој отпад кој загадува“. Во нашето семејство одржливото живеење е дел од нашите навики и животи и свесно и несвесно. Компостираме, селектираме, рециклираме и реупотребуваме додека буквално не го исцедиме целиот потенцијал од секој продукт.
По доста истражување заклучив дека токму во кората на портокалот всушност се крие најголемото богатство – чисто есенцијално масло, кое е основа за повеќе од 100 различни производи, според последната анализа на УНДП која ќе биде публикувана крајот на овој месец. Па така се одлучивме оваа наша идеја од отпад да произведуваме производи да ја преточиме во реален и наградуван бизнис модел, кој покрај зелениот импакт ќе прави и социјален импакт, преку вработување на млади, посебно млади од маргинализираните категории.
Што планирате да произведувате од искористените портокали? Што е вашата иновација?
Планираме да произведуваме есенцијални масла и ароматизери за воздух од отпадни лушпи од портокал. Нашите производи ќе се издвојуваат по тоа што ќе бидат еко продукти, кои се локално произведени и кои креираат еколошки и социјален импакт. Нашиот иновативен бизнис модел ќе покрива дури 6 од 17-те цели за одржлив развој креирани од ОН. Секоја продажба директно ќе влијае на намалувањето на биоотпадот, а со тоа и на намалувањето на загадувањето на воздухот и почвата. Исто така ќе учествува во борбата за намалување на високата стапка од 46% младинска невработеност, со посебен фокус на млади од маргинализирани категории. Можеме да кажеме и дека во целост ќе бидеме zero waste со тоа што нашиот финален отпад ќе оди на компостирање кај МамаОргана, нашиот семеен зелен циркуларен социјален бизнис, каде од нашиот отпад ќе се направи компост. Производите ќе ги пакуваме во биоразградливи пакувања и ќе правиме еко достава.
Како планирате да ја развивате идејата кон конкретен бизнис?
Учеството во програмите и инкубаторите како RISE, Social Imapct Awards и Зелени идеи, ни овозмжи пристап до ментори и консултанти кои ни помогнаа да го направиме нашиот бизнис модел одржлив, а сепак во целост да го задржи својот еколошки и социјален импакт и да имаме бизнис моделкој е наградуван. Токму овие награди во моментов ќе ни помогнат да ја набавиме потребната опрема и да ги покриеме основните трошоци, со цел да започнеме да произведуваме во пракса она кое го зборуваме во теорија.
Велите дека ќе им дадете шанса на младите од маргинализирани категории. Како?
Тргнувајќи од себе си како маргинализиран млад човек – дете од еднородителско семејство, го воочив недостигот од можности за младите од оваа категорија на кои најмногу им е потребен приход. Во О-Круг ќе вработуваме млади луѓе од овие категории со цел да им пружиме можност да работат и генерираат приход. Понатаму ќе го користиме О-Круг како систем на поддршка за иницијативи од млади во полето на одржливоста и социјалното претприемништво, за понатаму да го зголемимеимпактот кој го креираме и во пракса со самата одржливост.
Бевте еден од победниците меѓу зелените идеи на АРНО, а сега се враќате наградени и од регионален натпревар. Што значат за вас овие постигнувања?
Оваа награда за нас најпрво значи потврдување на нашата мисија и визија и поттик и поддршка за нас. Победата на овие натпревари, како и на натпреварот Social Impact Awards уште повеќе не мотивира да работиме и да се трудиме за успехот на О-Круг. Дополнително и паричните награди кои ги добивме од овие натпревари се доволни за ние да го започнеме нашиот бизнис, да ја набавиме потребната опрема и да започнеме со производство.