Околу 20% од потрошувачите во Србија купуваат производи од Северна Македонија. Најчесто тоа се вино, ајвар и свежо овошје и зеленчук, покажа истражувањето што го направи Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.
Извештајот од Истражувањето на ставовите и перцепцијата на потрошувачите во Србија за македонски производи за широка потрошувачка достапни на српскиот пазар го презентираше директорот на Агенцијата Дејан Павлески пред претставници на компаниите од прехранбениот сектор при Стопанската комора на Северна Македонија.
Истражувањето е направено на повеќе од 1000 испитаници, со цел согледување на пазарот во Србија од повеќе аспекти, како би можело да се извлечат релеванти и корисни заклучоци кои ќе послужат за формулирање на препораки за унапредување на извозот на македонските компании од прехранбениот сектор (преработки од храна, свежо овошје и зеленчук, кондиторски производи, месо и млечни производи и вино) во Србија.
– Србија е традиционален пазар со кој имаме добра соработка, поради географската положба и добрата патна инфраструктура. Истражувањето за производи за широка потрошувачка за српскиот пазар е спроведено пред два месеци. Трговската размена со Србија во 2020 година е 860 милиони евра и 656 милиони евра оваа година. Иницијативата на Агенцијата за изработка на ова истражување претставува појдовна основа што ќе им послужи на компаниите за изработка на нови стратегии за извоз, со голем ефект во домашната економија, истакна директорот Дејан Павлески.
Потрошувачите во Србија го препознаваат квалитетот на македонските производи. Најмногу преферираат овошје и зеленчук од домашно производство, но во поглед на земјите од каде перципираат дека доаѓа најквалитетно овошје и зеленчук, на прво или второ место се споменува Северна Македонија.
Според резултатите од истражувањето од категориите кондиторски производи, солени грицки и здрава храна, веќе има присутни македонски брендови на пазарот, за кои покрај квалитетот за српските потрошувачи важна е и цената, но за унапредување на нивната продажба треба да се работи на промоција. Месните и млечни производи од македонско потекло на српскиот пазар се помалку застапени.
Извор: Агенција за странски инвестиции