СОВЕТИ ЗА РОДИТЕЛИ: Како да се вклучите во развојот и образованието кај вашите деца?

- Advertisement -

Во изминатото интервју со Александар Лазовски, ко-сопственик и програмски менаџер во SmartUp ја претставиме мисијата и целта на проектот – ЕДУИНО, подобрување на образованието преку ко-креирање и иновации. Во овој текст сакаме да ви ги претставиме и можностите кои ЕДУИНО ги нуди за родителите/старателите и нивното вклучување во образовниот процес на своите деца.

ЕДУИНОбесплатно нуди огромна библиотека на образовни содржини за сите возрасни групи на деца и ученици, за вас како родители, а истовремено служи и за да ја поттикне соработката и професионалниот развој на големата заедница на едукатори, односно воспитувачите, наставниците, професорите и педагозите. Материјалите се наменети за деца од најмала тригодишна возраст, па се до учениците од средно образование.

- Advertisement -

Препорачуваме ТОП 3 содржини на ЕДУИНО за родители кои сакаат да го збогатат образованието кај децата.         

ПРЕДЛОГ 1 – ЕДУИНО активности за родители и деца од предучилишна возраст

- Advertisement -

Веб страната на ЕДУИНО (www.eduino.gov.mk) е многу лесна за користење и содржи неколку основни сегменти. Платформата во моментов содржи корисни материјали за децата од предучилишна возраст, учениците, родителите и едукаторите. Наскоро ќе се објави и дел специјално наменет за ран детски развој, со отворени и достапни ресурси за деца на возраст од 3 до 10 години, каде голем акцент ќе е ставен врз можностите за учење низ игра.

Платформата за предучилишна возраст, Е-Занимална е наменета за две возрасни групи на деца, од 3 до 4 и од 4 до 6 годишна возраст. На неа во моментов се поставени повеќе од 300 видеолекции за соодветната возраст поделени во четири тематски целини: јазик и говор, весела математика, наука – запознавање и разбирање на околината и уметност – ликовно и музичко воспитание.

- Advertisement -

Првиот предлог кој го издвоивме од оваа секција е видеолекција наменета за деца на возраст од 4 до 6 години и ја обработува темата: „Јади здраво, расни право“. Дополнително тимот на ЕДУИНО, го најавија и овогодинешниот ЕДУИНО Игратон, креативниот предизвик за учење и игра за деца од 3 до 10 години кој треба да се оддржи од 22 до 28 ноември. Доколку сакате да им подготвите интересни едукативни игри на вашите деца, а притоа да имате можност да освоите еден од подароците за најсреќните учесници, разгледајте ги деталите тука.       



ПРЕДЛОГ 2 – ЕДУИНО и родители на деца во основно и средно училиште

Е-Училницата за основно образование, содржи над 4.000 видеолекции кои се усогласени со наставните програми за учениците од прво до деветто оделение и истите се снимени од наставници од целата територија на нашата држава и проверени и одобрени од Бирото за развој на образованието (БРО). Вкупниот број на YouTube прегледувања на овие видеа во март оваа година изнесуваше фантастични 3 811 111 прегледи.

Платформата Е-Училница за средно образование, во моментов е наменета за учениците од прва до четврта година гимназиско образование. Заедничко за платформите за основно и средно образование e и тоа што содржините се поделени според одделение/година, наставна седмица и предмет.

Вториот предлог кој го издвоивме за вас е наменет за децата во основно образование и претставува листа на видеолекции со кои ќе им помогнете во изучувањето на предметот математика.

ПРЕДЛОГ 3 – ЕДУИНО-вебинари со совети за родители и едукатори

Огромниот број на ресурси достапни на овој портал го надополнуваат и видеата за личен раст и развој, како и прирачници кои бесплатно можете да ги преземете. Дел од тие материјали се наменети за родителите, воспитувачите и наставниците, а дел се наменети за децата и за тинејџерите. Веб страната на ЕДУИНОсодржи и повеќе од 50 видео-упатства наменети за сите корисници, а со особен фокус врз едукаторите.

Сегментот кој е наменет за едукаторите, нуди вебинари, обуки и други можности за професионален развој на воспитувачите од градинките и на наставниците согласно наставните програми и приоритетите на БРО и МОН. Од тимот изјавија дека преку познатиот серијал ЕДУИНО вебинари, кој оваа година содржи 10 теми, имаат цел просветните работници и сите заинтересирани лица за темите од образованието, да ги запознаат со нови алатки кои можат да им користат при изведувањето на настава. Токму затоа го издвоивме и нашиот трет предлог, а тоа е ЕДУИНО Вебинарот на тема: „Поттикнување на учење преку игра и стекнување на социоемоционални вештини кај деца“. За вас како родители кои сакате вашите деца да учат низ игра, овој вебинар ќе ви понуди интересни практики и совети. Исто така, за сите родители кои се дел од образовнаието или пак се интереисраат за оваа тема, тука може бесплатно да се регистрираат на шестиот ЕДУИНО-вебинар на тема: „Дизајнерско размислување (design thinking) како наставен метод за ученици од основно и предучилишно образование“ кој се одржува денес, 17.11.2021 година во 18:00ч.

Од тимот изјавија дека овој месец март нивната организација SmartUp аплицирала за предизвикот „HundrED2022” и „Teachers for a changing world”, па со гордост изјавија дека проектот ЕДУИНО е дел од селекцијата Special Mention во рамки на овогодинешниот извештај кој ги вклучува сите највисоки постигнувања во областа на образованието, што е огромна чест за сите.

ЕДУИНО е колективен портал за образовни содржини на Бирото за развој на образованието. Проектот за воспоставување на ЕДУИНОе имплементиран од УНИЦЕФ и невладината организација СмартАп – Лабораторија за иновации, а поддржан е од Министерството за образование и наука (МОН), Министерството за труд и социјална политика (МТСП), со финансиска поддршка од Владата на Обединетото Кралство преку Британската Амбасада во Скопје.

ЕДУИНО заедницата е главниот причинител за досегашниот успех и во моментов брои повеќе од 25.000 наставници, воспитувачи, дизајнери, програмери, родители, ученици и креатори.

ЕДУИНО активностите можете да ги следите преку нивниот ЕДУИНО Facebook профил, преку Instagram ЕДУИНО профилот или преку ЕДУИНО каналот на YouTube. Затоа не чекајте, придружете се и вие и станете дел од ЕДУИНО заедницата!

Сподели!
- Advertisement -