Двочасовна инфосесија за процесот на аплицирање за предлог-проекти од заинтересирани страни од Западен Балкан ќе се одржи денеска во амфитеатарот на Министерството за надворешни работи.
Процесот на аплицирање беше отворен од 8 ноември 2021 година и трае до 23 декември годинава. Ова е четврти повик од формирањето на Фондот за Западен Балкан (ВБФ) во 2017 година, но прв што се објавува со значајна поддршка од Европската Унија, која ќе кофинансира регионални грантови преку ИПА – Инструментот за претпристапување.
Тимот на ВБФ ќе патува низ регионот за да се сретне со засегнатите страни и потенцијалните грантисти на инфосесиите, за време на кои сите заинтересирани ќе добијат детални информации за тоа како да аплицираат и како да формираат партнерства во регионот.
Апликациите може да се поднесат преку системот за аплицирање што се наоѓа на официјалната веб-страница на Фондот.