Веселин и Михаил Теохарови се двајца браќа. Првиот е инженер и храбар претприемач, а вториот е маркетинг и финансиски менаџер. Презимето им е славно, особено во кругот на познавачите на врвната технологија.
Со темелна посветеност на специфична дејност, нивниот татко го започнал семејниот бизнис и оставил цврст белег во создавањето и функционирањето на ТВ станиците како медиумски системи во Македонија, како што е МРТВ, па сите останати по ред.
Иновациите во главата на еден млад инженер, вљубеник во музиката и страста кон создавање на бренд, надополнети со умешно менаџирање на непроизводствените процеси на еден необичен бизнис и негово позиционирање на пазарот, како силна страна на другиот брат, се основите на кои се гради ТЕОХАРОВ АУДИО — создавач на првата врвна хајфај македонска опрема која е фузија на наука, музика и уметност наменета за вистинските познавачи на квалитетниот звук.
И додека ние ги откриваме тука кај нас, оние пасионирани познавачи надвор од границите веќе им се поклонуваат. Сведок се написите по некои странски медиуми, токму за нив.
Од неодамна големиот Влатко Стефановски застана зад последниот продукт кој излезе од нивната техничка лабораторија на звукот и кој беше претставен пред еден месец на глобалниот пазар — звучниот систем Legеndary. Производот е ремек-дело од буквално секој аспект. Конструктивно, ова е производ базиран на огромно инженерско знаење и искуство од повеќе од две децении посветени на истражувања и тестирања.
Ако читате литература за врвни инженери кои конструираат хајфај опрема има еден едноставен заклучок: многу тешко се прави врвна аудио опрема. Симулациите и пресметките велат едно, а во финишот најважно е што ќе каже увото.
Ако на ова се додаде врвна рачна изработка, неприкосновени материјали и што поедноставни решенија – затоа што генијалноста е во едноставноста, одговорот е јасен … само врвни конструктори можат да го достигнат врвот.
На Теохаров Аудио тоа му се случи. Ова е концепт кој референтните познавачи, тука и надвор од границите, го определија како финален врвен перформанс зад кој е цела една филозофија.
Интервјуто со Михаил Теохаров
Новинарка | Љубица Ангелкова
10 години Теохаров создава аудио-опрема која е една совршена синтеза помеѓу “old school” препознатлив по традиционалниот квалитет, но и “high end” технологијата на новото време. Ве враќам на почетоците, како започна сѐ?
Сѐ започна со желба на мојот брат, Веселин Теохаров за слушање музика и тоа многу одамна, пред повеќе од 30 години, со купување на првиот аудио систем. Потоа се бараше начин како да се добие подобар звук… дали преку купување на нова касета, нов касетофон, подобро снимена касета, а продолжи со изработка на сопствени звучни кутии за време на летните распусти, па потоа со константно обновување на музичката опрема и постојано седење во продавниците за аудио опрема кај нас или во странство. Ниту слушањето музика престана, ниту потрагата по подобар звук престана..
Кој е првиот продукт кој го лансиравте и колку на него се работеше?
Како што се напомена и во предходното прашање првиот производ под презимето Теохаров е многу одамна, сигурно пред повеќе од 25-30 години кога Веселин беше во фаза на постојано составување и расипување на стари музички системи како и составување на звучни кутии од масивно дрво за време на училишните распусти. Како први дефинирани производи, за кои слободно може да се каже дека ја поставија базата на брендот Теохаров, се засилувач кој се наоѓа кај еден од најблиските пријатели на Веселин во Германија (како подарок за свадба) и првите звучници кои исто така како подарок за свадба се наоѓаат кај мене. Се надеваме дека овие производи после долги години кога би правеле некоја музејска изложба ќе бидат поставени како први производи од Теохаров.
Кој е последниот продукт кој излегува со вашиот жиг?
Последниот продукт кој излегува од нашата лабараторија и кој беше претставен пред не цел месец е звучниот систем Legеndary. Тоа е производ на кој сме особено горди бидејќи е заеднички производ кој го работевме со нашата музичка легенда и еден вид муза на Теохаров, Влатко Стефановски. Производот е ремек-дело од буквално секој аспект. Конструктивно, ова е производ базиран на огромно инженерско знаење и искуство од повеќе од две децении посветени на истражувања и тестирања. Надградбата продолжува со користење на врвни материјали за изработка на кутијата во која се вградени најреномирани аудио компоненти чие соединување, со примена на научните знаења и искуство даваат беспрекорен квалитет. Целиот концепт е работен заеднички со Влатко кој активно учествуваше во целиот процес за реализација на оваа прекрасна идеја, до финално подесување на звукот на Legendary.
Тенденцијата да се слуша музика на квалитетна опрема отсекогаш била клучна за поклониците на одредени музичко правци.
Тоа беше тренд во 60-тите, се возобнови во 80-тите….а овие последни години доаѓа третиот бран на нови освестени генерации за ова. Дали на ова гледате како на циклични условно речено трендови или….
Слушањето квалитетна музика и потрагата по совршена музичка репродукција не би ја категоризирале како тренд или пак како одлика за некој музички правец. Тоа е пасија и љубов, нешто што може да го разберат само оние кои на некој начин се навлезени во овој свет. Тоа е налик на пасијата за возење добар автомобил. Тоа не е тренд, тоа е пасија или пак долго и макотрпно одење по највисоките врвови и уживање во природата, тоа е пасија. Музиката е пасија, слушањето и потрагата по совршена музичка репродукција, потрагата по аудио компоненти кои ќе го подобрат перформансот на аудио системот за многу луѓе е потреба и пасија.
Постојат неколку школи глобално кои се лидери во оваа индустрија. Кон која од тие школи е вперен вашиот поглед?
На пазарот постојат производители на аудиоопрема кои, посебно во последно време, се ориентирани кон подобрување и освојување на пазарот со нагласок на визуелниот и дизајнерски момент во производот. Спротивно на нив, има производители кои цврсто стојат на својот став да останат „старомодни“ и препознатливи со она што го направиле пред многу време. Од конструкторски и инженерски аспект, сите производители имаат своја целна група и тежнеат да стигнат до купувачи кои, при процесот на избор, приоритет даваат токму на таков вид на конструкторски инженеринг.
Нашиот аспект и пристап е бескомпромисен инженеринг и квалитет, транспарентност и блискост до потрошувачите. Сакаме секој вграден елемент да биде од врвен производител, со целосна оправданост за изборот на тој елемент, во дизајн и облик кој кореспондира со времето во кое живееме, а крајниот резултат да биде мерлив, релевантен и поткрепен со факти. Тоа е принципот на нашата школа и начинот на кој ние комуницираме со купувачите, градиме меѓусебна доверба, до крајната цел – задоволни клиенти кои се сигурни дека го направиле вистинскиот избор. Ако веќе треба да одберам модел кој нам ни е поблизок и круг во кој повеќе сакаме да припаѓаме, тоа е пристапот на производители кои доаѓаат од северниот дел од Европа, отколку од моделот и карактеристиките кои ги красат јужно поставените култури.
Теохаров е една фузија на искуства и се базира на индивидуални иновации. Што е тоа што ве прави различни?
Теохаров е фузија на наука, музика и уметност, а се базира на контструкторската визија, желба, знаење и искуство на главниот инжениер Веселин Теохаров. Делуваме во сектор и подрачје на огромна конкуренција за производ кој го користи мал број на купувачи, па со самото тоа може да се каже дека секој е различен, секој има различен пристап, секој има своја предност. Различноста на Теохаров, односно насоката по која сакаме да се движиме и успееме е бескомпромисен квалитет и инжинеринг, многу истражување и тестирање, а се тоа во насока на создавање на производ кој ќе биде супериорен во однос на останатите производи во својата категорија. Се стремиме да создадеме производ кој ќе овозможи врвна музичка репродукција, пред се врз основ на користење на врвни материјали, современ инижиниерски пристап, транспарентност, како и блискост и комуникација со купувачите со цел да градење на доверба во брендот.
Кој е вашиот пазар?
Во моментов најголемиот дел од нашите продажби се на домашниот пазар. Причина за тоа е што до пред скоро година дена главно бевме насочени кон производство на индивидуални custom made системи. Паралелно, внимателно работевме на подготовка на целокупната производна програма со која би настапиле кон странските пазари, оформување на маркетинг стратегија, креирање на веб страна и каталози. Во Македонија отворивме референтен аудио центар – Аудиокултура, како дом на Теохаров за домашниот пазар и остварување на нашиот сон за концепт на малопродажен салон за аудиоопрема. Со наведените активности ја создадовме основата на делување и работење, па нашето претставување и присуство на регионалниот пазар е веќе забележително, особено во Србија и Хрватска. Мислите и плановите секако ни се насочени кон освојување на најразвиените странски пазари.
Креирате мошне софистицирани кампањи и таргетирате и локално и во регионот.
Нашиот концепт за претставување кон јавноста кореспондира со нашиот пристап и пасија кон производите кои ги создаваме. Мошне внимателно ги бираме настаните на кои сакаме да бидеме присутни и начинот на кој треба да се презентира брендот. Насочени кон целосна транспарентност настојуваме на секоја презентација и претставување да може да се слушне и доживее звукот на Теохаров, да се разменат мислења, ставови и совети директно со конструкторот на производите. Преку ваков тип на промоции во последната година и половина Теохаров со свој аудио setup се појави на неколку значајни настани како што се Skopje Jazz Festival, 25 години од Синтезис, концертот на Тони Китановски и други. Во Битола, за време на Летниот фестивал Локум Фест беше организирана дводневна програма каде Теохаров се презентираше на неколку различни локации и пред различна целна група. Другиот сегмент на директни презентации пред домашната публика се одвива во рамки на Аудиокултура каде што се изложени производите на Теохаров и истите може секојдневно да се тестираат. Салонот во чиј склоп работи и кафе бар нуди одлична можност за добра дружба, уживање и непосредно запознавање со производите на Теохаров, а за проверка на квалитетот, постигнатото ниво и директна споредба на звучната репродукција може да искористат производи од светски познати High End производители кои се продаваат во Аудиокултура. Воедно, во рамки на Аудиокултура се организираат и настапи во живо на наши врвни музичари кои имаат свој настап директно на опрема од Теохаров, што е едно навистина ретко и уникатно доживување.
Пристапот за присуство и претставување на странските пазари е преку директни промоции на саеми кои заради пандемијата се намалија, но сепак оваа година се одржаа во Пакрац и Загреб во Хрватска, каде Теохаров се претстави на врвно ниво. Транспарентната и објективна презентација на производите ја поттикнуваме и преку ангажман на аудио експерти и новинари кои направија голем број на тестирања и оценки на целокупната наша опрема и сега истите тие тестови се објавуваат во неколку релевантни печатени и дигитални медиуми во државата, како и во Србија, Хрватска и Словенија. За оценките и импресиите од овие тестирања би ги повикал читателите да истражат во рамки на магазинот Hi Files, TooLoud blog, Mono&Stereo, Emiter, како и неколку други домашни дигитални медиуми.
Последна, веројатно највпечатливата и дефинитивно сè уште актуелна е последната кампања за презентацијата на активниот звучен систем Legendary, кој се направи во соработка со Влатко Стефановски и кој беше презентиран за прв пат во рамки на еден од најзначајните саеми за аудио и видеоопрема во регионот, TooLoud во Загреб. При презентацијата во најголемата сала на хотелот Hilton, Влатко Стефановски ги отсвире првите ноти директно преку Legendary системот. Настанот со сигурност ќе остане во сеќавање на сите присутни во Загреб. За нас како организатори, овој историски настан кој можеше да се проследени и преку Live streaming, е достигнување на кое сме особено горди.
Како го осигурувате квалитетот на производствотo?
Квалитетот е осигуран преку директна инволвираност на менаџментот во секој процес од производството, со утврдена процедура за производство, контрола на квалитет, задолжителни мерења и мерни протоколи кои гарантираат за карактеристиките и безкомпромисниот квалитет на производот.
Дали работевте и на заштита на интелектуалната сопственост па и на некој патент?
Секако. Тоа е значаен сегмент од нашиот развоен план за комерцијализација на аудио производите. Во соработка и со подршка на ФИТР беше реачизиран проектот за развој и комерцијализација на аудио опрема под брендот теохаров, каде покрај останатите активности за комерцијализација и развој се работеше и на заштита на трговското име и индустриска сопственост. Веќе цела година Теохаров е заштитено трговското име на домашен и меѓународен пазар. Исто така заштитен е и индустрискиот дизајн на три производи од Теохаров, за што се добиени и потврди за реализација на овие активности во рамки на меѓународната организација за заштита на индустриска и интелектуална сопственост со седиште во Женева, WIPO.
Што можете да издвоите како посебност на сѐ што како портфолио Теохаров нуди?
Многу мал број на производители во светот може да се пофалат со толку широк спектар на производство на аудио компоненти. Она што е карактеристично за нас е дека во нашата лабараторија и производствен капацитет се развиваат и произведуваат како финален производ речиси сите алки од еден аудио систем, вклучувајќи звучници, појачала, дистрибутери, сигнални и струјни кабли. Секој производ е целосно наш концепт и решение и со тоа еден краен купувач може да создаде целосен систем од теохаров, во кои се вградени основните постулати на теохаров, Наука, уметност и музика. Во моментов една од основните посебности е тоа што при создавањето на еден аудио систем големо влијание може да има и купувачот за кој овој систем се изработува, истакнувајќи одредени желби и преференци за концептот, потребите па дури и финалниот изглед. Овој индивидуален пристап при создавањето на производ со врвни high end перформанси е речиси невозможно да се добие било каде во светот.
Класичниот хај фај-наспроти вмрежените и безжични гаџети….ќе се менува ли тој однос?
Секако дека развојот на технологијата оди напред и со самото тоа се поместуваат и потребите и можностите на купувачите. Дигиталната технологија е длабоко навлезена во секоја сфера од живеењето па така и во делот на аудиото. Сепак маркетот на вистински High end во аудиото се менува со прифаќање на дел од технолошките новини, но не се менува суштински и во насока на исчезнување на класичниот HiFi. Со сигурност слушањето на врвна музичка репродукција низ класични стерео системи ќе биде присутно уште многу долго . Од друга страна со сигурност ќе расте и бројот на консументи кои класичниот систем ќе сакаат да го приспособат на новите времиња, користејќи погодности како што се безжични и активни звучни системи, уреди за безжично, односно Wi-Fi поврзување, слушање музика од различни дигитални извори итн. Теохаров секако е во тек со тие промени. Ние веќе произведуваме активни системи во кои се вградени засилувачи и не се потребни многу поврзувања и кабли. Во нив е вграден и современ процесор за самостојно конфигурирање на перформансите во кој било простор, а веќе се развива и модел во кој ќе биде вграден и дигитален streamer кој ќе овозможи all in one концепт на функционирање. Теохаров од самиот старт на своето постоење е темелно посветен на науката, ги следи, надградува и ги имплементира новите технолошки и научни достигнувања.
Радоста на враќањето на винилите е голема помеѓу аудиофилите…што тоа значи за еден ваков бренд?
Сѐ што е поврзано со музиката и нејзиниот развој за Теохаров е од значење бидејќи кај нас музиката не престанува да свири… точно е дека се поголем интерес и пасија се покажува за купување и слушање музика на винили, што донекаде е спротивно на гореспоменатите дигитални и технолошки напредни трендови. Од гледна точка не Теохаров оваа промена или тренд и нема некое преголемо значење за нас, бидејќи тоа е само извор на музика, а нашата основна цел и насоченост е системите кои ги правиме да овозможат најверодостојна и најдорбра репродукција на звукот, сеедно дали изворот на звук е грамофон, цд плеер или пак некој дигитален стреамер.
Ова е една од ретките компании во поширокиот регион, а во МКД единствена ?!? Но, можеме ли да конкурираме на светот?
На нивото кое го поставуваме производот и посветеноста кон истиот во МКД со сигурност нема ваков тип на производство. Во однос на регионот (Балкан) постојат производители кои се респектабилни и кои веќе сериозно функционираат во аудио светот со свој производ. Од она што досега го имаме како искуство, нашите истражувања, посети на саеми, независни тестирања на нашата опрема, импресиите од купувачите, новинари и експерти, со сигурност можеме да кажеме дека имаме производ кој и тоа како може да конкурира на светските брендови и тоа оние што се наоѓаат во оној висок High end сегмент. Секако потребно е доста работа, пред сè од аспект на комерцијализација и маркетинг, но на тоа и работиме. Веќе се поставени цврсти темели врз кои можеме да се надградуваме и да ги реализираме зацртаните планови за проширување на оваа приказна низ светот. Можам да кажам дека веќе се појавуваат заинтересирани крајни купувачи, но и дистрибутери и продавачи на аудиоопрема од различни делови од светот. Времето на Теохаров надвор од МКД допрва доаѓа.
Дизајнот на опремата ви е посебна приказна. Вистински посебна….кој е тимот, како ги развивате идеите?
Целокупниот инженерски концепт, дизајн и решение е во рацете и умот на Веселин Теохаров. Но, како и во секоја сериозна компанија која е развојно ориентирана, потребен е добар тим за да може да се реализира и претстави компанијата и брендот на посакуваното ниво. Во тимот на Теохаров има искусни професионалци за развој и истражување, финално составување на опремата, контрола на квалитет и мерни протоколи, како и маркетинг, комуникации со јавноста и финансии. Покрај она што е наша директна работна задача во рамки на компанијата, за еден производ да се произведе согласно нашите стандарди, потреби се и надворешни компании со кои имаме одлична соработка во поглед на обработка и финиш на звучните кутии, компјутерско сечење и обработка на алуминиумски компоненти и слични активности кои бараат опременост со соодветна технологија и стручност за завршување на овие активности. На крајот при мерење на перформансите и квалитетот на производите се користат мерни инструменти од најреномирани светски производители кои ги имаме во нашата сопствена лабораторија. Во однос на оформувањето на идеите, нив ги има толку многу што поголемиот проблем за нас е како да се реализираат сите идеи со капацитетите кои ги имаме.