Домашниот спиноф Sindex ја развива играта SciGirl: The Internship! Неодамна доби новa инвестиција, ќе се шири на повеќе светски пазари!

- Advertisement -

Sindex е македонска спиноф компанија која веќе две години ја развива играта SciGirl: The Internship. Во неа Соња, практикантка во една лабораторија, ќе биде во потрага по професорот, кој се води како исчезнат поради грешка што се случила додека правеле тестови со хемикалија со која можат да се намалат или зголемат предметите и живата материја.

Играта ќе има и своја македонска верзија, а ќе биде достапна за купување насекаде во светот преку продавниците за дигитални видео игри како на компјутери, така и на конзоли за игри.

- Advertisement -

Михајло Штерјов, основач на Sindex и креатор на играта, во интервју за „Иновативност“ вели имаат големи планови за иднината, како и неколку други идеи кои имаат потенцијал да бидат претворени во игри.

Разговараше – Сања Наумовска

- Advertisement -

Михајло, кажете ни нешто повеќе за играта SciGirl: The Internship, што е приказната?

SciGirl: The Internship (Девојката научник: Практикантска работа) е 2D акциона-авантуристичка игра, платформер, за девојка по име Соња, која започнала со пракса во лабораторија каде што таа и нејзиниот професор работат на стабилизирање на хемикалија со која можат да ги намалат или зголемат предметите и живата материја. Во оваа игра, протагонистот Соња ќе биде во потрага по професорот, кој се води како исчезнат поради грешка што се случила додека правеле тестови со хемикалијата.

- Advertisement -

Играта ќе има дванаесет нивоа кои ќе бидат поделени на четири света: Нано-свет, Микро-свет, Мили-свет и Мини-свет. После секое трето ниво ќе има непријател кој ќе треба да се помине за да се продолжи во новиот свет. Рачно нацртаниот дизајн доволува уникатно искуство, каде играчите треба да решаваат едноставни, но предизвикувачки загатки и да се спротивстават на непријателите во потрагата на главниот лик, раскажано како интересна приказна претставена во мешана форма на стрип и игра. Уникатната механика која е единствена за оваа игра, а не е претставена во друга, е намалувањето и зголемувањето на предмети и жива материја.

Видео трејлер за SciGirl: The Internship

Зошто се одлучивте да создадете токму видео игра, имавте ли претходно искуство на ова поле?

Sindex е новооснована спин-оф компанија од членови во Web Factory, компанија која постои 12 години и која претставува стратешки технолошки партнер на многу компании кои имаат потреба од изработка на некакво дигитално решение во индустриите: Fintech, Healthcare, Hospitality и Entertainment.

Како во секоја индустрија така и во ИТ, почетоците не се лесни, но пасијата, желбата и страста кон технологијата се двигателите кои што ни даваат мотив да продолжиме и го правиме тоа што најмногу го сакаме. Во 2009 година, кога започнавме со Web Factory, поставивме неколку цели што сакавме да ги оствариме. Најважно беше да се изгради место што ќе ни помогне да создаваме, да се развиваме и да го извлечеме најдоброто од нас. Место каде луѓето можат да станат подобра верзија за себе, да го постигнат својот целосен потенцијал и да ја изразат својата страст. Оттогаш па до денес успешно ја развиваме таа приказна преку работа со клиенти на четири континетни (Америка, Европа, Азија и Австралија).

Идејата, желбата и пасијата за создавање на видео игри кај нас постои од кога за првпат сме се запознале со нив. Сè започна пред четири години со создавање на одделот за игри во Web Factory. Одделот за игри беше создаден за да можеме да работиме на проекти за наши партнери кои вклучуваат развој на игри, апликации за виртуелна реалност (VR) и апликации за проширена реалност (AR).

Од кога се развива SciGirl: The Internship и до каде е развојот? Дали како игра направена во кај нас ќе има и верзија на македонски јазик?

Развојот на играта започна пред две години, откако развивме неколку игри, апликации за VR и AR, решивме дека е време да започнеме со работа на наш сопствен производ, идеја и желба што беше во нашите глави уште од почетокот. Со цел да се создаде бренд кој ќе биде познат за развој и објавување на видео игри, требаше да го разликуваме одделот за игри од компанијата „мајка“ за развој на софтвер и да создадеме спин-оф компанија под името Sindex.

За да се изгради успешен тим за развој на игри во Македонија е навистина предизвик. Од претходното искуство што го имаме со правење апликации, развивање на игра е дефинитивно најкомплетниот вид на „апликација“ која ги опфаќа сите аспекти со кои се имаме сретнато до сега. Самото тоа бара многу разновиден тим со различни дисциплини и искуства, кои заедно треба да ги решаваат сите предизвици.

Следните чекори во развојот на играта се комплетирање на Алфа верзијата, потпишување на договор со компанија издавач на игри, комплетирање на Бета верзијата и тестирање на самата игра за да се направи оптимизација и последната фаза е фазата на објавување на играта. Играта ќе биде локализирана на повеќе јазици од кои еден ќе биде и македонскиот јазик.

Sindex е меѓу првите две компани во кои ќе инвестира Акцелераторот УКИМ. За што ќе се употреби инвестицијата?

Искуството кое го имавме со БАУ Акцелераторската програма беше од големо значење за тим како нас кој веќе две години работи на својот продукт. За време на акцелераторската програма, со помош на БАУ тимот и менторите кои беа вклучени, успеавме подлабоко да навлеземе во анализа на конкурентите и да ја развиеме основата на каналите за продажба и маркетинг која ќе ни помогне да ја избереме издавачката куќа која ќе ни ја објави играта. Исто така направивиме подетално финансиско предвидување за наредните три години со кое го валидиравме продуктот дека има голем потенцијал на глобалниот пазар и на која основа БАУ акцелераторот се реши да стане наш стратешки партнер со својата инвестиција.

Инвестицијата ќе ни помогне за раст на тимот, а со тоа и побрза реализација на продуктот за да биде спремен за објавување од издавачката компанија која ќе го пласира на глобалниот пазар.

SciGirl: The Internship е една од првите игри од Македонија која настапи на најголемиот настан за видео игри во Германија. Кое е вашето искуство?

Сите тие непроспиени ноќи, дискусии, идеи, рокови и нови нешта што се појавуваат за време на изработка на една игра се само дел од Sindex, инди студиото за изработка на игри кое работи на презентирање на една приказна што може да се доживее, а не само да се слушне, види или прочита. На половина пат од развојното патување, сфативме дека целата таа вклученост на тимот вредела и навистина беше прекрасно чувството кога ја добивме потврдата дека нашата игра ќе биде презентирана на Gamescom 2021 година, на најголемиот саем за видео игри.

Иако учеството беше виртуелно поради ситуацијата во која се наоѓаме веќе две години, искуството за нас, како инди студио за развивање на игри во Македонија, беше остварување на еден од многуте сонови кои што сме ги имале како тим. На саемот добивме позитивен фидбек како од потенцијални играчи, така и од издавачки компании кои сакаат да ни ја издадат играта.

Вашето студио ги има лиценците на Xbox, Playstation и Nintendo, на кои ќе се објави играта. Каде уште ќе биде достапна? Кои се пазарите кои се ваш таргет?

Видео играта ќе биде достапна за купување насекаде во светот преку продавниците за дигитални видео игри како на компјутери, така и на конзоли за игри. Sindex e првото македонско студио за игри кое има добиено лиценци за објавување на игра на сите конзоли, PlayStation, Xbox и Nintendo.

Целната публика за SciGirl: The Internship се состои од ентузијасти и љубители на акционо-авантуристички / 2D платформер игри кои се во раните тинејџерски години па се до доцните четириесетти, особено оние кои се заинтересирани за игри кои можеби се едноставни од перспектива на заговор, но паметни и предизвикувачки за размислување во нивните загатки и наративни теми. Со цел да пристапиме до поголем пазар, ќе ја локализираме играта на повеќе јазици за различни делови во светот каде што главно се купуваат и играат игри за авантури, сложувалки, акции и платформери.

Какви се вашите планови за иднината, планирате ли некоја нова игра или, пак, нешто друго?

Со страст за создавање и со вештини за усогласување, Sindex e совршена мешавина од луѓе што знаат дека создавањето одлични игри може да биде исто толку забавно како и нивното играње. Тимот е составен од луѓе за кои што креирањето е рамнотежа помеѓу редот и хаосот, логиката и уметноста, кодот и дизајнот. Љубовта кон стрипови, желбата да се прикаже еден поинаков свет, како и долгогодишното играње на платформери и игри со загатки беа клучните фактори за тоа со каков тип на игра ќе почнеме да ги раскажуваме нашите приказни.

Има неколку идеи кои имаат потенцијал да бидат претворени во игри, а припаѓаат на други жанрови, но повеќе за тоа би можеле да кажеме по објавувањето на нашата прва игра. Исходот на тие идеи и која следна игра би започнале да ја развиваме ќе зависи и од успехот на SciGirl: The Internship.

Совет за развивачите на игри во Македонија?

Без разлика дали сте програмер, аудио инженер, дизајнер, продуцент, инженер за квалитет и слично, што се занимава или сака да почне да се занимава со развивање на игри, треба од самиот почеток да знаете дека индустријата на игри е една од најтешките во која што може да се влезе, а уште потешко е да се задржи континуитетот на пазарот со повеќе игри.

Желбата и пасијата на тимот секако се основни и главни двигатели на еден тим за развој на игри. Меѓутоа никогаш не смее да се занемари и потребата од напорна работа, искуство во работа на комплексни проекти и секако истрајноста. Најбитно од се е да се изгради соодветниот тим кој ќе дели единствена цел. Многу е битно секој член од тимот да може целосно и слободно да може да ја искаже и посвети својата креативност и знаење во идеите за игри. Секој кој сака да работи во тим кој ќе развива видео игри е многу битно да се пронајде во тимот и околината, каде што ќе се чувствуваат најисполнето, и целосно и безрезервно ќе може да се вложат во креирањето. Успехот сам по себе ќе си дојде.

Доколку некој од читателите има или имаат некакви прашања или едноставно сакаат да разменат знаење во врска со процесот на развој на една игра или пак за искуството со акцелераторска програма, слободно може да ме контактираат на mihaylo.shteryov@sindex.co или пак на LinkedIn.

Сподели!
- Advertisement -