Ова е тимот битолски инженери чии напредни CNC машини ги користат фирми од Велика Британија до Израел!

- Advertisement -

Во Битола има една супер екипа која  прописно растура во правење на печатени кола и хардвери за 3Д принтери, виша математика за многумина од нас. Да биде уште поинтересна приказната, тие направија свој бренд на CNC машина GOBA cnc (computer numerical control) која може да се употребува во многу индустрии од мали до големи.

Ова е тимот кој веќе ја создава првата 3Д фарма во овој регион. Оваа технологија толку напредува, така што денес всушност и не знаеме кои можности ги нуди.

- Advertisement -

Од оние прастарите кои нудеа принтање на хартија, до тоа денес овој тим да принта 3Д објекти од различни материјали…пластика, метал, керамика, а наскоро и бетон.

Приказната за Тримод Тим стартуваше уште во факултетските денови на Благоја Стојчевски и Горан Веловски. Од студентски сон до реалност. 

- Advertisement -

Прво со фриленсерска работа на странски платформи каде го печеа занаетот. Schematic, PCB и Embedded design беа прво скалило по кое започнаа да чекорат. 

Денес, нивната компанија покрај горенаведените услуги нуди и целосен дизајн (CAD design) на продукти и решенија. За пошироката публика, нивната задача е идеите на креативните и иновативните луѓе ширум светот да ги направат реалност и да ги доведат до фаза на производство.

- Advertisement -

Новинарка Љубица Ангелкова

Да започнеме од идејата и почетоците…

Приказната за Тримод Тим официјално почнува во 2016 година, но идејата за истата постои многу подолго од тоа. Основач на Тримод Тим сум јас, Благоја Стојчевски и мојот деловен партнер, воедно и добар пријател, Горан Веловски. Нашите патишта се испреплетуваат поради заедничките интереси за време на факултетските денови. Она што беше еден младешки сон, полека, но сигурно, со напорна работа, станува наша реалност. Наш прв чекор беше фриленсерска работа на странски платформи каде го печевме занаетот. Schematic, PCB и Embedded design беа прво скалило по кое почнавме да чекориме. Имавме среќа да бидеме добро прифатени од првите клиенти, па тоа нѐ охрабри да напредуваме во областа. Денес, нашата компанија покрај горенаведените услуги нуди и целосен дизајн (CAD design) на продукти и решенија. 

Благоја Стојчевски

Или уште појасно ова е референтната листа со што се занимаваме:

Electronic engineering 

*Embedded design

*Prototyping

*PCB design

*Schematic design

*Service and Repair

Mechanical engineering –

*3D Print

*CAD design

*Design and production of custom process machines (CNC machines)

*Retrofitting (Modernizing of old machines)

Дали може да ни го претставите тимот и нивната експертиза?

Креативно јадро на нашиот тим се Горан Веловски-главен PCB дизајнер, Благој Печипајковски-Embedded инженер, Александар Стојаноски-PCB дизајнер и одговорен во делот изработка на прототипи и јас, Благоја Стојчевски- PCB и CAD дизајнер. 

Во зависност од проектот на кој работиме тимот се проширува.  

Да ве вратам на почетоците на компанијата. Вие стартувавте и сѐ уште го одржувате делот во кој дизајнирате електроника.

Да, точно така. Основата на Тримод е токму дизајн на електроника. Сметам дека тоа ни е силната страна и на некој начин веќе сме докажани во таа област. Она што е наш предизвик за во иднина е проширување во делот на иновација и производство на наш финален продукт, кој би се продавал кај нас, но и надвор од нашите граници.

Дали пазарот за вашите технолошки напредни продукти е дома или надвор?

Ние започнавме како фриленсери кои користат платформа на која главните клиенти се од странски земји. Велика Британија, САД, Израел, Италија се земји од кои имаме најмногу клиенти. Тоа впрочем е логично, затоа што во странство многу почесто се јавува потреба од дизајн на нови, иновативни продукти. Нашиот тим работел за најразлични индустрии како што е медицинска, воена, конзумерска, телекомуникациска, индустрија за периферни уреди наменети за видео-игри и многу други. Секој продукт е приказна за себе. Во процесот на работа секојдневно се учат нови технологии, а најважно од сѐ е замислата на клиентот да биде прецизно сфатена и доведена до точка на финален, физички производ.

Исто така работите и со CNC технологија. И не само како изведувачи, туку и како иноватори?

CNC технологијата била предмет на мој интерес уште пред да се роди идејата за Тримод Тим. Јас лично бев дел од компанија која дизајнира и произведува уникатни  CNC машини. Тоа ме фасцинираше и ме поттикна да истражувам на тоа поле. По долга анализа, заклучив дека на нашиот пазар недостигаат CNC машини со пристапни цени, висок квалитет и можност за нивно одржување. Откако Тримод Тим застана на свои нозе и се отвори прва можност за нејзино проширување, наша цел е да креираме македонски CNC машини. На тој начин се роди брендот GOBA CNC https://gobacnc.com/mk/

Почетоците Ви беа на прототип машина. Што на неа правевте?

За да стигнеме до финалната верзија на GOBA M1, направивме повеќе прототипи. Првиот успешен обид беше целосно направена машина од 3Д принтани делови и наша контролна автоматика. Моделот се покажа како успешен, па потоа следуваа други, посериозни модели.

Неодамна конструиравте нова машина. Какви можности нудите, од аспект на перформанси со новата иновација?

Точно така. Мило ми е што може да го претставам првиот, оригинален CNC модел на Тримод Тим, GOBA M1. Во оваа машина е применето нашето знаење од областа на автоматика, електроника и механика. Сите компоненти кои се дел од GOBA M1 се креирани од нашиот тим. Станува збор за машина-рутер со работна површина еден метар на еден метар, која е наменета за обработка на дрво, пластика и алуминиум. Покрај стандардните операции (длабење, отсекување) оваа машина може да најде примена во современо 3Д резбарење во дрво, пластика и алуминиум. Предноста да поседувате македонска машина е тоа што производителот ви стои на располагање за сите ваши прашања, сервис и резервни делови.

Следен, логичен чекор на кој работиме во моментот се нови, CNC машини кои ќе најдат примена во повеќе различни индустрии. Исто така подготвени сме да изработиме машина според специфичните потреби на клиентот.

Кои се ваши клиенти во делот на CNC?

GOBA M1 моделот е главно наменет за мали бизниси кои моментално изработката на нивните продукти ги обавуваат рачно. Со GOBA M1 тие би го забрзале производствениот процес, би го подобриле квалитетот, а тоа ќе доведе до раст на нивниот бизнис.

За оние кои живеат на маргините на случувањата, може ли да ни објасните што е тоа 3Д печатење?

3Д печатење или печатење со адитивна метода, претставува изработка на модели од најразлични материјали (најзастапен материјал за изработка на модели е пластика, но модели исто така може да се изработат и од керамика, метал и сл.) каде што машината, односно 3Д принтерот, слој по слој нанесува од материјалот и така го гради моделот до крај. Поедноставно кажано ако со обичен канцелариски принтер добивате испечатена слика или текст на парче хартија, со 3Д печатење финалниот резултат е тридемензионален предмет.

Планирате да направите 3Д принт фарма, иако по дефиниција и сега сте…. објаснете го овој футуризам?

Да, моментално имаме мини 3Д принтинг фарма. 3Д принтинг фарма претставува склоп на повеќе 3Д принтери на едно место за организирана изработка на 3Д печатени делови по нарачка за клиенти или за сопствени потреби.

Потребата за 3Д принтер кај нас се појави уште на почетоците. Многу често имавме потреба од изработка на некој компонент кој сме го дизајнирале за клиент како што е кутија за некој продукт, различни движечки делови, запчаници и сл. Едноставно, 3Д принтерот овозможува брза изработка на првичен, евтин прототип што е од голема помош при процесот на дизајн и изработка на продукти. На овој начин можат да се изработат бескрајно многу прототипи се додека не се постигне саканата цел.

Пред повеќе од деценија читавме дека 3д принтањето ќе биде иднина. Но не размислувавме како што мислиме денес. Кога започна вашиот старт, кога го набавивте првиот 3Д принтер? Зошто?

Точно така. Пред само деценија, 3Д принтањето изгледаше како процес од научно- фантастичните филмови, но во реалноста, 3Д принтинг технологијата датира од 80-те години и до неа имаа пристап само големите компании со длабоки џебови.

По 2010 година, откако неколку патенти од оваа технологија станаа слободни, се појавија неколку пионери со идеја оваа технологија да ја направат достапна за сите. За краток период, на пазарот се појавија 3Д принтери со цени од неколку стотини долари кои разботат со одлични толеранции и прецизности.

Нашите почетоци со 3Д принтери беа уште пред да ја основаме Тримод Тим, поточно во 2015-та година. Преку неколку пријатели кои живееа во странство, набавивме кит 3Д принтер.  Откако го добивме, започна процесот на составување. Во тоа време, немаше толку многу податоци на интернет за овие принтери, па половина од работата ја правевме на „слепо“ и ни требаше доста време за да добиеме каков-таков функционален 3Д принтер. Чувството да го држиш во рака она што пред некој час било само 3Д модел во твојот компјутер е неверојатно возбудливо. Верувајте и по толку години работа со оваа методологија, финалниот продукт од  процесот не остава без зборови.

Дали ќе можеме да си го замислиме животот во иднина без овие “чудни машини”?

Ако во нешто сум сигурен, тоа е дека овие машини ќе бидат дел од нашето секојдневие (иако тоа е и сега случај за поединци како мене). Во овие последни години има огромен напредок во оваа технологија затоа што озвозможува  изработка на компоненти и делови не само од пластика, туку и од керамика, метал и слично, кои се целосно функционални по завршување на процесот. Најважното е што, деловите кои можат да се изработат со еве на пример 3Д принтер кој прави метални делови, не можат да се изработат со конвенционалните начини на производство на метални делови. Ваквите делови моментално наоѓаат намена во производство на ракетни мотори. Неколку компании од светот, употребувајќи 3Д принтинг технологија, успеваат да направат неколку ракетни мотори годишно, а во минатото можеле да направат само еден.

Исто така, овие машини наоѓаат примена во медицината. Нашата генерација може да посведочи на почетоците во изработка на ткива од огански материјали. Тоа е многу револуционерно. Замислете, колку полесно и посоодветно би било да се направи наменска, прилагодена коска или протеза за некоја индивидуа.

Да не одиме во детали, општо кажано верувам дека во иднина многу луѓе ќе    поседуваат 3Д принтер дома  како што моментално скоро секој од нас има обичен канцелариски принтер. Овие машини ќе станат незаменлива алатка од модерното секојдневие.

 Кои се вашите клиенти, односно што сѐ сте “принтале” досега?

Најчесто нашите принтери ги користиме за изработка на прототипи при дизајн на продукти, но исто така изработуваме целосно функционални делови за наши продукти.

Многу често не контактираат компании и поединци кои имаат потреба од најразлични делови. Еве на пример би спомнал дека сме правеле замена на оштетени делови од запчаници за офсет машини, заменски делови за оштетени болнички кревети кои може да се стерилизираат и се отпорни на УВ светлина и хемикалии.

За крај, каде е светот, каде сме ние по однос на сѐ што правите?

Светот е тука, а ние сме во светот. За среќа живееме во време на глобализација и брз пренос на информации, технологии и искуства, па на тој начин успеваме да сме во чекор со новите трендови. Дали живееш во 20 или 21 век зависи само и единствено од тебе. Наш избор е да живееме сега и овде, а да гледаме кон иднината. Ме радува тоа што гледам млади луѓе кои интелектуално се пред своето време и кај нас живеат светски. Секогаш може и повеќе и подобро, но штом клиенти од цел свет велат дека сме квалитетни и напредни, тогаш тоа мора да е така. Синдромот на себепотценување треба да заврши. За сите препреки има решение, прашање е само дали си подготвен да го најдеш.

Сподели!
- Advertisement -