Неодамна се одржа најголемиот трговски саем за кондиторски производи и грицки, ISM во Келн, на кој Виталиа се закити со признание за иновација. По тој повод разговаравме со Искра Ветаџокоска-Муцунска, генерален менаџер на „Виталиа“.
Разговараше – Верица Јорданова
Станува збор за нова иновативна линија на производи – PROBIOTIC, во која се содржани повеќе од 3 милијарди пробиотици и 5 различни бактерии. PROBIOTIC линијата е составена од два вида на производи: Пробиотски колачиња и Пробиотски овесни каши, кои се извор на протеин и растителни влакна, а притоа не содржат додадени шеќери. Пробиотици се всушност добри бактерии кои имаат позитивен ефект на здравјето на вашето тело и му помагаат да работи правилно. Тие постојат во организмот заедно со штетните бактерии и го одржуваат балансот на организмот, со што овозможуваат правилна дигестија и чувство на леснотија во внатрешноста.
Пробиотската линија веќе активно се дистрибуира ширум Македонија и е веќе достапна за домашните потрошувачи.
Со кои производи се претставивте на овој саем и дали истиот значи влез на нови пазари? Колку сте застапени на германскиот пазар кој воедно е и најголем извозен пазар на нашата земја?
На овогодишниот настап на ISM, главна цел уште еднаш ни е да ја потврдиме нашата лидерска позиција во доменот на производството на здрава храна. Оваа година ја претставивме нашата нова, иновативна програма која е резултат на нашето 27 годишно истражување и развивање во категоријата линија на пробиотски производи во форма на колачи и овесни каши, линија на специјализирани производи- KETO, No Added Sugar линијата, како и производи збогатени со протеини, наменети за физички активните лица. Исклучително драго ни беше што администрацијата на саемот и клиентите ја препознаа иновацијата во нашите производи, и со тоа очекуваме да ја прошириме нашата застапеност на меѓународниот пазар, меѓу кој и германскиот пазар.
Кога станува збор за иновациите, Вашата компанија е препознатлива токму по континуираното воведување на иновации и следење на потрошувачките трендови и потреби во сегментот на здрава храна. Може ли да ни кажете како ги следите тие трендови и на кој начин, со колкав тим и логистика ги воведувате новитетите?
Континуираната иновација заедно со себе бара и континуирано, ригорозно информирање за најновите иновации и следење на светските трендови. Кога станува збор за создавање на нова линија, поткатегорија или производ, целиот тим на Виталиа, сочинет од одлични технолози, нутриционисти и специјалисти, се вклучува во приказната и работи кон една, заедничка цел- да се испорача здрав, вкусен и иновативен производ од висок квалитет кој ќе ги задоволи нутритивните потреби на модерниот консумент.
Како пандемијата се одрази на индустријата на здрава храна, со оглед на тоа дека многу луѓе се свртеа кон поздрав начин на живот и генерален заклучок околу прехранбените навики на потрошувачите?
Радикалните промени во животниот стил ги мотивираше потрошувачите да прават внимателни и промислени одлуки при изборот и начинот на купување на храна. Фокусот е даден на подобрување на функционалноста на имуниот систем и регулација на тежината и намалување на ризикот од угоеност во време на намалена физичка активност и при зголемен внес на comfort food.
Во наредните години, потрошувачите ќе бараат повеќе производи и услуги што нудат придобивки за менталното и емоционалното здравје. Функционални формулации и иновативната храна и пијалоци ќе им помогне на луѓето да се едуцираат како исхраната може да влијае на менталното и емоционалното здравје, што ќе доведе до нов интерес за психолошки пристап кон здравата исхрана.
Поттикнати од неопходноста, потрошувачите стекнуваат поголема доверба и навика во онлајн шопингот, и тоа за многу побрз период од она што се предвидуваше на овие простори. Нашите очекувања се дека тој тренд ќе продолжи и после пандемијата што остава простор за креирање на иновативни алатки и услуги со кои ќе ги доближиме здравите продукти на Виталиа поблиску до модерниот потрошувач.
На кои се светски пазари се пласираат производите на Виталиа и кои се предизвиците со кои се соочувате во моментов како компанија?
Виталиа е присутна во 55 земји во светот, со над 500 артикли, и е бренд со многубројни интернационални признанија, што се должат на имплементација на најстрогите сертификати за квалитет – BRC и IFS. Квалитетните и функционални производи, креативната амбалажа како и добриот маркетинг преку редовно учество на интернационални саеми се клучен дел од стратегијата на Виталиа. На странските пазари постои голема конкуренција која наметнува високо ниво на иновативност, следење на трендовите во индустријата, конзистентен квалитет на производите, како и високо ниво на професионализам во преговарањето. Се цени севкупното работење при што клучни фактори за успех се флексибилноста во испораките, целокупната услуга кон клиентите како и градењето на доверба со бизнис партнерите.
Виталиа бележи позитивен тренд во работењето и покрај светската пандемија која веќе влегува силно во својата трета година. Резултатот најмногу се должи на посветеноста на нашите вработени и доследноста до нашиот изменет план на работа. Неоспорно е дека пандемијата предизвика неочекувани стеги врз економијата и целокупниот начин на живот и ги наруши глобалните снабдувачки синџири откако се зголеми набавката на стратегиски резерви. Но иако соочени со овие специфични и отежнати околности, покажавме отпорност, мотивација и брза ре-адаптација со цел постигнување на нашите цели.
Саемот во Келн заврши, животот полека почнува да се враќа во нормала. Кои се следните планови?
Ние и понатаму остануваме доследни на нашата мисија да произведуваме здрава храна за здрави генерации, и истата да биде достапна ширум светот. Сметаме дека во периодот што следува, здравата исхрана ќе биде примарен фокус, постепено исполнувајќи есенцијална улога во секојдневниот живот на пост-пандемичниот човек.