АмЧам ги зајакнува трговските односи на Северна Македонија и Грција

- Advertisement -

Американската Стопанска Комора во Северна Македонија (АмЧам Северна Македонија) во соработка со Американско – Грчката Стопанска Комора (АмЧам Грција) и со поддршка на амбасадите на САД во Скопје и Атина, ја организираат својата прва трговска мисија на компании од Република Грција во Република Северна Македонија.

Трговската мисија ќе се одржи на 21 и 22 март во хотелот „Double Tree by Hilton Skopje“, а целта е да се претстават можностите за инвестирање во нашата држава, како и да се воспостави деловна соработка помеѓу домашните компании со компании од соседна Грција.

- Advertisement -

Во текот на првиот ден ќе бидат претставени можностите за инвестирање кои Владата на Северна Македонија ги нуди за странските и домашните инвеститори, додека вториот ден ќе бидат организирани директни средби помеѓу компании од Грција и Северна Македонија кои дејствуваат во индустриските сектори: агротехнологија, логистика, производство, технологија и иновации, енергетика, туризам, градежништво и инфраструктура. Во рамки на настанот ќе бидат посетени и две компании, странски инвестиции, од Грција и од САД.

„Градењето одржливи партнерства и можности за соработка е во основата на функционирањето на АмЧам организациите ширум светот и иницијативите од овој вид се главен приоритет на АмЧам Северна Македонија во изградбата на подобар деловен екосистем за нашата земја“ – вели г-дин Драган Давитков, претседател на Бордот на директори на АмЧам Северна Македонија во пресрет на одржувањето на трговската мисија.

- Advertisement -

Трговската мисија следува после билатералниот состанок на АмЧам Северна Македонија и АмЧам Грција, кој во септември минатата година беше одржан во Солун во рамки на Енергетскиот форум на Југоисточна Европа, кога беа поставени и рамките за засилена билатерална економска соработка што ќе вклучува иницијативи за зголемени трговски релации и унапредена деловна соработка помеѓу Грција и Северна Македонија.

За АмЧам Северна Македонија
Американската Стопанска Комора во Северна Македонија е бизнис асоцијација која претставува 130 компании со различна големина, од речиси сите економски сектори, пренесувајќи го нивниот глас за одржлива, предвидлива и компетитивна деловна средина преку застапување, организирање настани и споделување на најдобри практики. АмЧам Северна Македонија е акредитиран член на Американската Стопанска Комора во Вашингтон, САД и организација на Американски Стопански Комори во Европа.

Сподели!
- Advertisement -