Договорното производство е спас за македонското земјоделство! Да ја вратиме изгубената доверба меѓу земјоделците и откупувачите!

- Advertisement -

Ленче Николовска е жена која јавноста ја познава како жена која се залага за правата на земјоделците и пред се унапредување на земјоделското производство во земјава. Дипломиран агроном, иако никогаш не работела како агроном, сите нејзини професионални предизвици се поврзани со земјоделското производство и вкупниот агрокомплекс. Отворено, искрено и ентузијастички разговаравме за важните теми во агро-комплексот со Николовска, менаџер на земјоделската платформа „Агротим“ и „Консултантскиот центар Агрокултура“.

Новинар – Верица Јорданова

- Advertisement -

Со земјоделците имаме изградено доверба уште од времето кога работев како агроновинар во МТВ, а потоа уредничка на земјоделска редакција во А1 и емисијата Фармер. Не престанав да зборувам и работам со нив ни како пратеничка и претседателка на собраниската комисија за земјоделство, советничка на техничкиот заменик министер за земјоделство, посебен советник за земјоделство, шумарство и водостопанство на поранешниот премиер Зоран Заев и сега моите најнови предизвици, земјоделската платформа „Агротим“ и „Консултантскиот центар Агрокултура“. Цело време постојано сум на терен и ги следам актуелните случувања во аграрот кај нас и се дружам и учам од земјоделците и агробизнисмените.

Работејќи во Владата, само си го потврдив мислењето дека „најслабата карика“ за поголем развој на земјоделското производство е  недоволната едукација на земјоделците и нивниот отпор кон новитетите, односно недовербата што ја имаат кон сите што ќе се обидат нешто ново да им посочат. Тогаш главно се бранат со изјавата дека не се финансиски моќни, што не е оправдување. Едукацијата секогаш не е поврзана со пари. За да ја одржуваат чиста фармата или да насадат нова сорта, да употребат други репроматеријали, не им требаат екстра пари од тие што веќе ги вложуваат. Значи, тоа оправдување не поминува.

- Advertisement -

Голем простор во кој може да се делува е да се доближат мерките на Владата до земјоделците. Таа улога сега ја има АПРЗ и тие им помагаат на земјоделците, но има потреба од поголем ангажман или здружување на силите на сите чинители во тој процес. Улогата на Агротим е токму таа, да ги стави во систем земјоделците, институциите, откупувачите или трговците и локалната власт. Заедничкиот интерес на сите може да биде спојката што ќе ги држи. Договорното производство е одговорот на овој процес. Тоа е модел кој е најдобар за земјоделците, бидејќи тие имаат решен пласман, откупувачите сигурна суровина, а државата зголемено производство на храна.

Во моментов актуелна тема на која што работите е договорното производство. Поконкретно за што станува збор?

- Advertisement -

Најголемиот акцент на работењето на Агротим, покрај едукација и информации, е проектот Договорно производство. Прво на индустриски сончоглед, проект што го започнав уште додека работев во Владата и со кој три пати се зголемија површините и домашното производство. Лани започнавме нов проект, со поддршка на Швајцарскиот проект ИМЕ – Договорно производство на органска пиперка, кој заврши успешно со задоволни земјоделци и преработувач.

Интересни беа земјоделците кога ги убедувавме да се вклучат во овој проект, ги мотивиравме со сигурната откупна цена и 100% повисоките субвенции. Се согласија неколку похрабри земјоделци, кои се шегуваа на своја сметка дека на почетокот нивните соселани или колеги земјоделци им се потсмевале, како тоа без примена на хемиски заштитни средства ќе произведат пиперки и дали сигурно ќе им ги откупат. Но на крај на сезоната, нашите земјоделци од проектот беа насмеаните, оти извадија добар род, пиперката ја продадоа по 30 денари килограм, кога конвенционалната беше 14 денари, а парите ги земаа од преработувачот за 7 дена. Оваа година, можам да кажам дека сум среќна поради тоа што се вклучија многу повеќе земјоделци, и тие што имаа резерва лани сега се убедија дека само договорното производство е прифатливо за новото време. Не проаѓа повеќе неизвезноста. Сади, а при тоа да не знае каде ќе го продаде.

Земјоделското производство повеќе не признава стихијност. Затоа преку Агротим организирам Договорно производство и на органски сончоглед, маслодајна репка, зелка, корнишони, а во преговори сум со неколку преработувачи и за други земјоделски производи што им се потребни како суровина. Зошто да се увезува кога можеме дома да ја произведеме? Главниот проблем во поголем развој на договорното производство е враќањето на изгубената доверба меѓу земјоделците и откупувачите. Тие наместо партнери со заеднички интерес, делуваат како спротивставени страни. Не е човек да им замери, во изминатите години имаше негативни примери кога откупувачот ќе земе, а нема да плати или земјоделецот нема да се придржува на договорот, ако некој му понуди подобра цена, ќе го продаде. Со тоа ќе му направи проблем на преработувачот да не може да исполни договор со странскиот партнер, бидејќи најголем процент од домашните преработувачи на овошје и зеленчук ги извезуваат производите.

Тоа сега се обидувам да го променам, а не ми оди тешко затоа што и двете страни конечно увидоа дека си требаат едни на други и дека мора да соработуваат. Требаше само некој да ги спои и заедно со поддршката од институциите да се врати довербата и да се зголеми домашното производство на храна. Во овој процес би ја охрабрила Владата цврсто да застане со поддршка на двете страни, да биде некој вид на гарант, да ги насочи субвенции кон земјоделски производители кои се дел од Договорно производство, но да им помогне и на преработувачите со мерки од ИПАРД и други фондови. Тоа е воедно најбзриот начин за излез од криза или развој на една држава.

Колку е важно здружувањето на земјоделците и нивниот заеднички настап пред откупувачите, трговците но и пред институциите?

Не само во Договорното производство, воопшто за поголема сигурност на земјоделците важна улога игра и нивното здружување. И затоа се „бориме“ со земјоделците, поточно со нивниот менталитет на недоверба и страв да не бидат изиграни, прелажани. Особено зборот „Задруга“ не го прифаќаат затоа што ги асоцира на минатото, па се обидуваме преку позитивни примери да им покажеме дека тоа е потребно со примери како Словенија, каде што нема земјоделец што не е член на нивната Агрокомора. Оти нашиот земјоделец верува само ако види кај соседот, некој друг да проба место него. И туку губиме драгоцено време и се добива впечаток како државата да е понапред од земјоделците. И усогласувањето со ЕУ легислативата и стандардите на производство и субвенциите за здружување и задругарство се понапред од земјоделците кои сѐ уште делуваат засебно. Тоа е главно на нивна штета, така се ранливи, може да ги уценуваат трговците за цена, откупувачите да не им ја земаат робата, немаат доволно количини да снабдуваат пазари, а големите ланци бараат континуитет во снабдувањето… многу негативности кои и покрај тоа не успеваат да ги убедат дека здружувањето е единственото решение.

Јас сум директна во комуникација со нив и преку Агротим, на социјалните мрежи или кога одам на трибини и средби. Јасно им укажувам дека вака повеќе не можат, дека не проаѓа повеќе само да се жалат кога државата одвојува 150 милиони евра за агросекторот, субвенции што се наменети за модернизација на производството, мерки за здружување во задруги. Дека конечно треба да се свртат кон себеси, да се здружат, да станат партнери на откупувачите и Министерството. Заеднички да се носат мерките, да даваат сугестии и предлози. Ми се чини дека и ова веќе станува сѐ поевидентно и дека го прифаќаат помладите, образовани, тие што следат новитети, модерни технологии. Преку Агротим постојани им споделуваме вакви позитивни примери на задруги и активности на здруженија од регионот и земјите од ЕУ.

Кај нас постојано се зборува за недоволното искористување на ИПАРД и другите фондови достапни за земјодеско производство и производство на храна. Зошто е така?

Тоа мислење веќе треба да се надминува, затоа што последниве години имаме голема искористеност, а од лани нашата држава е лидер во искористеноста на ИПАРД средствата. Имаме веќе спремни апликанти но и административниот потенцијал е задоволителен. Што се однесува до искористеноста на мерките како Млад земјоделец, Рурална жена, ИПАРД…, тука помагам преку Консултансткиот центар Агрокултура со информации, но и изготвување на апликации. Имаме успешност во работењето, добиени проекти и мерки на Владата. Сега се подготвуваме за новата ИПАРД 3 програма за која постои голем интерес, особено за делот на Рурален туризам, за инвестиции во апартмани, ресторани, старски домови или спортски објекти. Се работи за 100 милиони евра од кои 35 милиони евра ќе бидат на повик оваа година. Тоа се пари кои мораме да ги искористиме како држава, а за агросекторот се најдиректна помош. Условите може да се исполнат, можеби е пообемна документацијата, но и тоа се решава со добри консултанти. Јас ги убедувам земјоделците и агробизнисмените да не ризикуваат и да спремаат сами, бидејќи оваа работа си бара стручност. Да остават тоа да го сработат професионалци, а парите за консултантски услуги ги има планирано ИПАРД во самата мерка.

Како во моментов може да се оцени состојбата во македонското земјоделство?

Моменталната состојба во аграрот оди во пакет со општата состојба во државата. Скапа нафта, скапи репроматеријали, несигурен пласман, незадоволни земјоделци. Решенија од страна на државата и интервентни мерки со кои им се помага. Но генерално земено, последниве години се донесоа неколку позитивни мерки кои се бараа од страна на земјоделците, како зелена нафта, повици за земја, има милионски инвестиции во системи за наводнување… Последниве години 150 милиони евра од буџетот се внесуваат во агрокомплексот, станавме лидери во регионот во искористеност на ИПАРД, се подигаат нови насади, се отвораат нови капацитети, се развива руралниот туризам. Се добива впечаток дека сликата во аграрот станува појасна, земјоделското производство мора да се третира како и секој друг бизнис, вложувања, работа и заработка. Во сето тоа помага државата со субвенции и други мерки за развој. Тие што вложуваат, следат новитети, се здружуваат, освојуваат пазари… тие успеваат. Другите, бараат и очекуваат поддршка од државата.

Според мене, решението не само за земјоделците, туку и за државата е Договорното производство. Јасна стратегија, што ни треба, што може да се произведе дома, субвенциите насочени кон тие производства, мотивирање на младите, здружување, јакнење на преработувачките капацитети, изградба на ладилници, откупни центри. Точно дефинирање кој и колку произведува и нивна поддршка. Сѐ друго е само „гаснење пожари“ и губење време, како на земјоделците, така и на институционалниот капацитет. Можеби звучи сурово, но на сите веќе треба да ни е јасно, заврши времето кога земјоделците чекаат само од државата, едноставно мора да се здружат и да преземат сами иницијатива. Да менуваат сорти, да ги инвестираат субвенциите во производството, а не за лични потреби, да менаџираат, да преговараат со откупувачите и трговците.

Најнов европски тренд но и она што го гледаме кај нас е се поголемиот интерес за живот во природна средина, развој на селскиот и фармерскиот туризам. На оваа тема Вие веќе извесно време промовирате и еден слоган „Рурално е модерно“. За каков проект станува збор?


„Рурално е модерно“ е мојата нова преокупација и мотивација. Уште пред пандемијата, ги следев и европските трендови кои почнаа да ги „поплочуваат“ селските патишта, движејќи се кон руралните средини. Живот во природа, органска храна, работа од дома. Не мора да биде строго земјоделство, еве и нашава професија тоа го дозволува – лап топ, интернет, телефон, веранда како канцеларија. Значи, може да се живее и работи во рурална средина, ако ги имате сите модерни услови за живот. За таа цел формирав и Асоцијација за земјоделство и рурален развој „Рурално е модерно“, преку која сакам да влијаам на Владата да вложува повеќе средства во руралните подрачја, особено во инфраструктура, амбуланти, патишта, водовод, продавници, субвенции за реновирање на старите селски куќи… Ако се создадат тие услови, верувам дека многу млади, како и пензионери, ќе го исчистат плевелот, ќе ги реновираат напуштените куќи и наместо на балкончињата во Скопје, ќе пијат кафе во широкиот двор под сенката на лозницата и расцветаните китки околу нив. Ја сакам таа слика на селска идила, која кај нас сега се доживува како нешто сиромашно и непожелно. Јас сакам и работам таа слика да ја направиме модерна и посакувана за живот.

Сподели!
- Advertisement -