Факултетот за работи што не се учат – ФРУ, Скопје и Центарот за современи уметности – Скопје по шеснаесетти пат го отвараат конкурсот за наградата „ДЕНЕС“ за млад визуелен уметник во Северна Македонија.
„Оваа значајна и независна награда, која се доделува по шеснаесетти пат во земјава,
подразбира двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited во 2022 година и овозможува уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, да имаат средби и
презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат ново дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата“, соопштуваат од ФРУ, Скопје.
Повикот е отворен до 30 април, а резултатите за четворицата финалисти ќе бидат објавени на 5 мај, 2022 година. Добитникот/чката на наградата ќе бидат соопштени на изложбата која ќе се отвори на 23 јуни.
Информации во врска со пријавувањето може да се пронајадат на следниот ЛИНК.
Досегашни добитници на наградата ДЕНЕС се: Елена Чемерска, Верица Ковачевска,
Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија
Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева. Оваа награда во Македонија прв пат била доделена во 2002 година од страна на Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за отворено општество во Њујорк. Од 2015 година водството на организација и имплементација на наградата го превзема организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“. Првичното жири на наградата одлучи да ѝ го даде името по истакнатата уметничка група ДЕНЕС, која постоела во Македонија во периодот од 1953 – 1955 година.