Гигафабриката на Tesla во Грухајде, Германија, е првата локација на компанијата во Европа каде што ќе се произведуваат автомобили и е најнапредната, најодржливата и најефикасната фабрика на Илон Маск досега. Фабриката вчера ја пушти во работа Илон Маск во присуство на германскиот канцелар Олаф Шолц, министерот за економија Роберт Хабек и премиерот на Бранденбург, Дитмар Воидке.
Отворањето на фабриката е дел од третиот дел од мастер планот на Маск, во рамките на кој Tesla ќе биде скалирана до неверојатни размери. Првите електрични возила произведени во гигафабриката, 30 автомобили Model Y, им беа предадени на сопствениците со еден мал перформанс на Маск.
Tesla ја почна изградбата на гигафабриката во мај 2020 година, а последната дозвола за работа беше добиена во март годинава. Гигафабриката првично требаше да почне со работа минатата година, но отворањето беше одложено поради тоа што Tesla додаде батериски систем.
Моментално во фабриката се пополнети само 2.600 од вкупно 12.000 работни места. Од Tesla се надеваат дека првите шест месеци ќе произведат околу 30.000 возила, а во иднина целта им е да произведуваат околу 500.000 возила годишно. Гигафабриката исто така ќе треба да генерира и 50 гигават-часови енергија.
Гигафабриката на Tesla е најголемата индустриска постројка во Источна Германија од обединувањето на Германија до денес. Во прилог можете да погледнете видео од отворањето на фабриката и перформансот на Маск.