Макстил целосно го реновираше Одделот за онкологија на Клиниката за детски болести

- Advertisement -

Со донација вредна 16 милиони денари Макстил целосно го реновираше Одделот за онкологија при ЈЗУ Универзитетската Клиника за детски болести. Комплетното реновирање вклучува поставување на нов систем за вентилација и нов систем за технички гасови, реновирани се сите болнички соби, просториите за медицинскиот персонал, обновена е електричната инсталација, како и дел од водоводната и канализациската мрежа, поставен е и нов медицински под, а сето тоа на вкупна површина од 400 метри квадратни.

За донаторот, целосното реновирање на овој Оддел е одговор на потребите за обезбедување современа и безбедна средина за лекување на пациентите кои имаат потреба од онколошки третман.

- Advertisement -

„Корпоративната општествена одговорност е на високо место меѓу приоритетите на Макстил. Во тие рамки, соработката со детската клиника трае подолго време. Пред четири години дониравме специјален ехо-апарат, потоа следеше целосно реновирање на одделот за неонатологија и сега, по барање и во договор со клиниката, да го предадеме во употреба и онколошкиот оддел. Колку и да сакаме овој оддел никогаш да не треба да се употреби, реалноста сепак ни кажува дека и најмалите пациенти заболуваат од онколошки болести и оттаму одуката на одборот на директори на Макстил да помогне во реновирањето на овој оддел. Притоа се водевме од желбата на најмалите пациенти да им го овозможиме најдоброто лекување и нега блиску до дома, во современ и функционално уреден оддел, со медицински персонал кој го зборува нивниот јазик и кој полесно може да ги разбере нивните потреби. Истовремено, лекувањето на овие пациенти тука, ќе значи и значајна заштеда на финансиски средства од државниот буџет“, истакна Димитар Цветковски, Претседател на Одборот на директори на Макстил.

Донацијата беше симболично предадена на 7 април по повод Светскиот ден на здравјето и истата беше поддржана и од повеќе соработници на Макстил.

- Advertisement -

„Водени од идејата за максимална помош со расположливите финансиски средства, промовиравме и еден иновативен модел каде што работите за кои имаме стручни вработени во Макстил беа изведени од страна на истите, под стручен надзор. Освен тоа, во овој проект, самоиницијативно се вклучија и наши добавувачи и деловни партнери од кои некои учествуваа финансиски а други со помош во работна сила или донации на материјали. Со тоа успеавме да постигнеме значаен успех и покрај сите предизвици за време на реализацијата. Макстил останува и понатаму посветен на враќање во заедницата на дел од тоа што заедницата му го овозможува и овој ден е само еден од многуте такви кои ќе следат“, дополни Цветковски.

На претставувањето на највредната донација во здравството досега, беше присутен и премиерот, Димитар Ковачевски.

- Advertisement -

„Денеска кога се одбележува Светскиот ден на здравјето – 7 Април, сакам да изразам задоволство од изгледот на целосно реновираниот Оддел за онкологија на Универзитетската клиника за детски болести. Овој модернизиран капацитет значи подобра услуга за пациентите, задоволни здравствени работници и уште повеќе излекувани деца. Ова Одделение за онкологија, претставува огромна надеж за победа за сите деца-херои, кои се соочуваат со подмолни малигни болести. Целта е да продолжиме да бидеме дел од трендот кој покажува дека канцерот може да се победи, преку раната детекција, навремената реакција и соодветното лекување”, рече премиерот Ковачевски. Според опремата и капацитетите на одделението, овој Оддел е единствен од ваков тип во земјата, со интенција да прерасне во Регионален центар за лекување на деца со канцер, каде ќе се лекуваат деца од земјава, Косово и Србија. Премиерот Ковачевски изрази благодарност до компанијата „Макстил АД“  која со донација од 250 илјади евра покажа општествена одговорност и лојалност кон заедницата.

„Иницијатива како оваа од Макстил, како деловен субјект да донираат на Клиника што е од суштинско значење за онколошката нега и третман на младите пациенти во државата, е повеќе од општествена одговорност. Зборува за вистинската свесност на една компанија за својата улога и функција во општеството и заедницата. Како покровител на Клиниката за детски болести, вложија материјални и човечки ресурси, време и кредибилитет со цел да обезбедат современи услови за нега и работа. Истовремено, примерот на Макстил уверува и дава надеж во свесноста и моќта на овој сектор да помогнат во јавното здравство, кое и покрај врвните специјалисти и нивната експертиза што ја ставаат во функција на пациентите, болничките капацитети се сè уште предизвик каде сечија помош и интервенција е добредојдена. Ја искажувам мојата благодарност и верувам во уште вакви успешни проекти”, истакна министерот за здравство д-р Беким Сали.

„Сакам од срце да им се заблагодарам на нашите партнери од Макстил, кои извршија огромна инвестиција, колку материјална, толку и хумана. Нашите мали пациенти, или како што ние обожаваме да ги викнеме херои, ќе имаат многу подобри можности во нивната борба, а моите колешки и колеги од Одделот за онкологија идеални услови за работа, бидејќи колку да се трудиме, колку и да дадеме несебичен придонес, технологијата има огромно  значение. Благодарност и до Владата за се што прави за нашата клиника и за здравството во целина, бидејќи кога јавниот и приватниот сектор дејствуваат заедно резултатите се неизбежни. Апелирам ваквиот пример на Макстил да биде следен и од другите компании, се со цел, Клиниката за детски болести да биде што по опремена и нашите деца да се лекуваат кај нас, а не во соседството“, истакна Софијанова.

Сподели!
- Advertisement -