Млекопроизводството опаѓа! Неопходно е да преминеме од традиционален кон модерен начин на производство!

- Advertisement -

Локална Акциона Група или ЛАГ претставува партнерство меѓу јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор со цел  заеднички да спроведуваат иницијативи за достигнување на одржлив рурален развој на територијата на која делува локалната акциона група. ЛАГ-овите функционираат согласно ЕУ ЛЕАДЕР пристапот за поддршка за развојот на руралните заeдници. Голем дел од Локалните Акциони Групи во нашата држава, меѓу кои ЛАГ АГРО ЛИДЕР се создадоа со помош на Проект на УСАИД за развој на деловниот екосистем, и до ден денес се успешна приказна за развој базиран на територија кој ги обединува чинителите од приватниот, јавниот и граѓанскиот сектор за решавање на локалните рурални прашања во областа на ЛАГ. Во ова интервју разговаравме со Марина Тошеска, проектен менаџер во ЛАГ АГРО ЛИДЕР кој делува во Пелагонискиот регион, главно во поддршка на земјоделскиот сектор.

Новинар – Верица Јорданова

- Advertisement -

Госпоѓа Тошеска, кој е клучниот придонес на ЛАГ АГРО ЛИДЕР во Пелагонискиот регион и кои услуги кои ги нудите?

Детектирајќи ги на терен предизвиците со кои се соочуваат фармерите, ЛАГ АГРО ЛИДЕР со поддршка на Проект на УСАИД за развој на деловниот екосистем го започна проектот „Подобрување на продуктивноста и пазарниот успех на македонските фармери“ во рамките на кој се воведоа советодавни услуги за фармерите. Тргнувајќи од фактот дека млечното говедарство за фармерите не е само работа, туку начин на живот се насочивме да креираме услуги кои одговараат на реалната состојба на фармерите и нивните можности. Услугите опфаќаат примена на добра земјоделска пракса, подобрување на исхраната на млечните говеда, пристап до методи за зголемување на генетскиот потенцијал на фармите, советодавна поддршка за примена на современо производни технологии во млечното сточарство, истовремено обезбедувајќи поддршка за пристап до финансии и планирање на инвестции за изградба и реконструкција на објекти како и инвестиции во опрема и механизација за производство на млеко.

Со поддршка на Проектот се овозможи посета на експерти од Израел со докажано искуство во млечното сточарство кои презентираа модели на фарми и начини на исхрана на млечни говеда кои може да се применат согласно условите во нашиот регион, и преку теренски посети се идентификуваа можностите за понатамошен развој на млечните фарми во Пелагонискиот регион. Континуирано работиме на терен градејќи партнерства со сите актери во млечниот сектор како ветеринарните служби, академската заедница, експерите за исхрана на домашни животни се со цел да ги зајакнеме знаењата и вештините за одгледување на млечни говеда и да дадеме придонес за создавање на одржливи млечни фарми.

- Advertisement -

Кој е уделот на ЛАГ АГРО ЛИДЕР во развојот на млечниот сектор во Пелагонија? Како ја оценувате моменталната состојба во овој сегмент?

ЛАГ АГРО ЛИДЕР кој во својата структура има членови со знаење и експертиза во млечниот сектор, со поддршка на третата компонента на Проектот за развој на бизнис екосистемот на УСАИД ја започна иницијативата “Развој на синџирот на добавувачи во млечниот сектор во Пелагонискиот Регион” насочена кон поврзување и соработка помеѓу млекопроизводителите и млекопреработувачите за заеднички придонес во развојот на млечниот сектор во Пелагонија. ЛАГ АГРО ЛИДЕР стана линкот што ги поврзува фармерите и бизнис ентитетите во млечната индустрија, нагласувајќи ја неопходноста од заедничка соработка насочена кон подобрување на рентабилноста на фармерите од една страна, и истовремно подобрување на позиционираноста и конкурентноста на млечната индустрија од друга страна.

- Advertisement -

Примарното производство на млеко во земјава се карактеризира со голем број мали традиционални фарми кои имаат мал број, односно 1-5 крави со ниско годишно производство на млеко од околу три илјади литри по крава. Мал број на средни фарми со над 20 крави или поголеми специјализирани фарми со повисока продуктивност и годишно производство на млеко од околу 5 илјади литри по крава, а само 1% од фармите имаат повеќе од 50 грла со висока продуктивност и годишно производство на млеко од околу 7.000 литри по крава.  

Малите семејни фарми имаат доминантна улога во производството на млеко во нашата држава, а ниското производство покренува бројни прашања во однос на ефикасноста на секторот. Ако ги погледнеме најновите податоци на  Државниот завод за статистика, во 2021, во споредба со 2020 година, вкупниот број говеда е намален за 20.1 %, и ова намалување на бројот на говедата е забележано во двата сектора, кај индивидуалните земјоделски стопанства и кај деловните субјекти (земјоделските претпријатија и земјоделските задруги). Забележано е намалување на производството на кравјо млеко кое во 2021 година изнесува 326 523 илјади литри, што е за 19.4 % помалку во однос на 2020 година. (според ДЗС). Овие податоци алармираат дека се потребни програми и мерки за поддршка кои ќе одговорат на реалните потреби на млечните фармери.

Најголем дел од млечните фарми ги карактеризира ниската продуктивност како резултат на традиционален начин на производство, неследливост на добрите земјоделски практики и препораките за обезбедување на благосостојба на животните што во голем степен влијае на продуктивноста, квалитетот и безбедноста на млекото. Кај најголем дел од млечните фарми се детектира неопходноста од посовремени услови на одгледување, подобрување на расниот состав на добитокот, подобрување на микробиолошкиот квалитет на млекото и др., но поради ниската откупна цена и ограничениот пристап до финансии, фармерите се обесхрабрени, и најголем дел од нив не преземаат ризик да инвестираат во нови техники, модерни фарми или технологии кои ќе им обезбедат повисоки приноси на млеко и поголеми економски приходи. 

Кои се досегашните направени инвестиции?

Со поддршка на Проектот, во соработка со ЛАГ АГРО ЛИДЕР, се инвестираше во набавка на бокс за режењена папци, набавка на ролобалирачка и TMR миксер за храна. Континуирано од 2018 година до денес обезбедена е советодавна поддршка и едукација за фармери за воведување на добри практики насочени кон подобрување на фертилноста, подобрување на квалитетот и квантитетот на производството на сурово млеко, истовремено водејќи грижа за здравјето и благосостојбата на животните.

Идејата за овие интервенции произлезе од детектираните проблеми во фармите поврзани со проблемите со плодноста и продуктивноста на животните. Балансираната исхрана е од фундаментално значење за производството на млеко, како и за здравјето и плодноста на млечните грла, и затоа една од интервенциите се насочи кон набавка на ТМР. Со оваа опрема, кравите внесуваат дажба избалансирана со хранливи материи, внесуваат количина на сточна храна и концентрати потребни за добро производство и здравје, а воедно со употреба на TMR се намалува ризикот од дигестивни нарушувања, се стабилизира pH вредноста на руменот и се оптимизира варењето на храната во руменот. Сето ова придонесува кон подобра здравствена состојба на животните, подобро искористување на хранливите материи што резултира со поголема количина на млеко со подобар квалитет.

Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат млечните фарми е добиточната храна. Поради помалите обработливи површини најголем дел од фармерите не произведуваат доволно добиточна храна, а цената на добиточната храна е прилично висока. Истражувањата покажуваат дека механизацијата влијае на приносот на добиточни култури, а користењето на ролобалирачка ги зголемува приносите за 40% во споредба со користењето стандардна (коцка) балирачка, а воедно влијае и на квалитетот на добиточната храна. Со поддршка на БЕП УСАИД се набави ролобалирачка, а резултатите на фармите се забележаа уште при првото балирање.

Млечните говеда поради тежнината која ја носат и најчесто несоодветната подлога каде движат, често се подложни на проблеми со папците како ламинитиси и сл. Појавата на ламинитис или други повреди, директно влијае на здравствената состојба на животното предизвикувајќи намалена плодност и намалена продуктивност. Податоците од бројни истражувања потенцираат дека загубите се движат околу 360л млеко по крава за лактација, што надополнето со трошоците за ветеринарни услуги за лекување укажуваат на високи економски загуби. За превенција на овие појави се препорачува третман на папци (hoof trimming) најмалку два пати годишно за секое животно, за што се користи посебна опрема која го намалува стресот кај животното – бокс за третман на папци. Оваа инвестиција обедини неколку млечни фарми, кои преку набавка на боксот и воведување на практика за третман на папци на фармите и денес забележуваат значајни резултати, а согледувањето на придобивките од користењето на боксот и третманот ги охрабри и другите фарми не само во Пелагонискиот регион туку и во другите региони да започнат со примена на оваа практика за третман на папци.

Фармерите стануваат се посвесни дека модернизацијата на млекопроизводството ќе даде придонес кон поголем економски приход во иднина, истовремено олеснувајќи го млекопроизводството кое е трудовоинтензивно особено доколку не се користат современи техники и технологии.

Што може да се направи за да се зголеми рентибилноста?

За зголемување на рентабилноста најважно е зголемување  на свесноста кај фармерите за важноста од примена на добри практики и модернизација во одгледувањето на млечни говеда и производство на млеко, како и охрабрување на фармерите за премин од традиционален кон модерен начин на производство на млеко. Тоа опфаќа континуирана едукација, пристап до советодавни услуги особено фокусирани на добри земјоделски практики, правилна исхрана на млечни говеда и обезбедување на здравствена заштита и благосостојба на животните. Дополнително, подобрување на технологијата за одгледување на млечни говеда, подобрување на расовата структура на фармите и подобрување на генетскиот потенцијал, проследено со инвестиции во современа опрема и механизација за одгледување на млечни говеда и производство на квалитетно млеко на фармите.

 Какви се резултатите од направените инвестиции?

Со досегашните инвестиции и советодавните услуги успеавме да опфатиме над 50 млечни фарми со околу 3.000 млечни грла.  Кај сите овие фарми забележана е зголемена продуктивност и економски придобивки, како и воведување на добри земјоделски практики и понатамошни инвестиции за модернизација на млекопроизводството.

Инвестициите резултираа со поврзување и поголема соработка помеѓу фармерите, споделување на знаење и искуство во секојдневните практики за одржливо млекопроизводство, а преку воспоставена соработка со академски институции, земјоделски училишта и ветеринарни амбуланти се спроведоа обуки за млади и жени за зајакнување на вештините за менаџмент на фарма, исхрана на животните, хигиена на измолзување и благосостојба на животните, како и можностите за развој на услуги во секторот – млечно говедарство.

Овие инвестиции им помогнаа на сточарите да преку примена на нови техники, технологија и знаења ја зголемат рентабилноста, да ги зголемат приходите, да станат поконкурентни и да достигнат одржливо млекопроизводство.

 Кои се моменталните предизвици со кои се соочуваат фармерите?

Предизвиците на млекопроизводителите се многубројни. Тие се соочуваат со предизвици како што се ниска откупна цена на млекото, мала рентабилност, ограничен пристап до финансиски услуги, недостаток на обртни средства, ниска ликвидност (поради неможност за пристап до финансиски услуги), високи трошоци за производство поради сеуште традиционалните начини на производство, високи трошоци за добиточна храна, недостаток на работна сила во секторот, предизвици при легализирање на сточарските фарми за да пристапат кон нови инвестииции, итн.

Фармерите алармираат дека неопходна е поголема финансиска поддршка и пристап до финансии, зошто сточниот фонд во земјава продолжува да се намалува, а сточарите стравуваат дека поради многубројните предизвици со кои се соочуваат, а особено новите предизвици како зголемувањето на цените на нафтата, високите цени на добиточната храна, високите цени на електрична енергија и ди. ќе доведат до дополнителни загуби што ќе придонесат до намалување на бројот на млечни фарми, намалување на сточниот фонд како и дефицит на млеко и месо. 

Што најмногу би им помогнало на фармерите?

Долгорочна стратегија за развој на млечниот сектор фокусирана на примарното производство на млеко. Во новата стратегија за земјоделство и рурален развој 2021-2027 , предложените мерки и програми во голема мера ги опфаќаат потребите на млечните фармери, но досегашното искуство покажува дека голем дел од програмите и мерките не се имплементираат. Непходни се конзистентни национални програми кои во целост би се имплементирале согласно предвидениот временски рок, и континуирано следење на достигнувањата, но и на предизвиците со цел навремено идентификување на решенија за нивно надминување. Навремена исплата на субвенциите и финансиската поддршка од националните програми и ИПАРД програмата за да може млекопроизводителите да го планираат својот развој, и да бидат подготвени за тековното производство.

Неопходна е советодавна служба на терен, која ќе обезбеди советодавна поддршка за фармерите согласно нивната положба и можностите за развој. Едукација и зајакнување на вештините на фармерите за воведување на нови техники и технологии во млекопроизводството, како и промовирање на придобивките од користење на дигитализацијата во сточарството. Воспоставување на програми за пристап до финансии и кредитирање, и континуирана поддршка во процесот на инвестирање во млечните фарми.

Кризата со КОВИД-19 ги интензивира постоечките предизвици на млекопроизводителите и има свое негативно влијание создавајќи загриженост за подолгорочни последици врз производителите на млеко, што алармира за креирање на мерки за ублажување на последиците од пандемијата за млекопроизводителите, како и воведување на нови програми за егзистенцијална сигурност при нови кризни состојби.

Заинтересирани ли се младите за работа во агри-секторот?

Не само во нашата држава, тука статистичките податоци ни покажуваат дека и во земјите на Европската Унија мал процент од младите се вклучени во агри-секторот, а особено е мал е процентот на млади-земјоделци. Резултатите на нашите истражувања покажуваат дека младите кои сакаат да се занимаваат со земјоделство или да бидат дел од агри-секторот се соочуваат со низа предизвици, што ги обесхрабруваат. Поради тоа агри-секторот а особено земјоделството не е прв избор на кариера за младите, но иако заинтересираноста е мала сепак горди сме што постојат многу успешни приказни за млади земјоделци и млади претприемачи во агри-секторот.

Што се превзема за да се зголеми истата?

Согласно националните стратегии и програми за развој на земјоделството и руралниот развој, се повеќе националните политики се насочени кон креирање на мерки за обезбедување поддршка на млади фармери.

Меѓутоа потребен е континуиран пристап до информации, континуирано следење на нови пристапи и нови технологии, како и овозможување на студиски посети со цел размена на знаење и добри практики. Зајакнување на дигиталните вештини на младите и нивните знаења за современите техники и технологии, како и иновациите во во агри-секторот. Тука би сакала да го споменам  “smart farming” концептот, за кој ние како организација ги информираме фармерите особено младите дека со овој концепт се овозможува генерирање на податоци кои помагаат  да се следи здравјето, репродукцијата, продуктивноста и благосостојбата на животните што придонесува до оптимизирање на продуктивноста на животните односно на млечните крави.

Колку се сточарите спремни за промени и воведување нови технологии? Ги разбираат ли придобивките од воведување на нови технологии?

Доколку се земат предвид различните големини на сточарските фарми и достигнатиот степен на модернизација на сточарските фарми во нашата држава, се забележува отсуство на знаење и подготвеност за воведување на нови технологии и осовременување на сточарското производство. Само мал процент од сточарите покажуваат подготвеност и вложуваат во нови технологии и добри практики со цел осовременување на млекопроизводството пратејќи ги трендовите за модернизација на млекопроизводството и моделите за современи млечни фарми.

Помладите генерации ги разбираат придобивките од воведување на нови технологии и се забележуваат иницијативи на модернизација на фарми по европски стандарди, и на овие фарми се забележува висока продуктивност и екстра квалитет на млеко. Меѓутоа, факт е дека се помал број на млади остануваат во руралните средини, а и само мал број од младите во руралните средини би сакале да управуваат со млечни фарми. Постарите фармери од ден на ден стануваат се посвесни за придобивките од воведување на нови технологии, но не се одлучуваат да инвестираат поради финансиските импликации и неизвесноста во потсекторот – млечно говедарство.

Сподели!
- Advertisement -